Документарниот портрет на Паскали беше и сѐ уште е оддавање почит на неговото дело, за кое како да не беше доволно кажано за време на неговиот живот
„Денеска, (1.6.2006) први јуни две илјади и шеста година, кога Македонската православна црква го празнува празникот Вознесение Христово-Спасовден, го осветлуваме и положуваме камен-темелник на нова црква во Велес, која ќе го носи името на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Црквата е проектантско дело на покојниот архитект Тодор Паскали од Охрид.“
Вака го започнав документарниот филм „За Тодор Паскали“, кој пред петнаесетина години го реализиравме за МТВ, а претпремиерно го прикажавме токму на местото светилиште на Плаошник, во Охрид, на 2 август две илјади и некоја. Тодор Паскали (Охрид, 17.6.1936 – Охрид, 4.5.2006) е архитект и конзерватор. Дипломирал на Архитектонскиот оддел на Техничкиот факултет во Скопје, во 1961 година. Конзерваторско-реставраторската активност ја одвива во Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид и во Републичкиот завод во Скопје и бил нивен директор. Во областа на заштитата изработил повеќе проекти и реализирал реставрација на Куќата на Робевци во Охрид во 1979 година; конзервации на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Кумановско (1965); конзервација на црквата „Св. Богородица“ во Матејче, Кумановско; Самоиловата тврдина во Охрид…
Во творечката биографија на Тодор Паскали остануваат забележани и наградувани голем број остварувања и на полето на архитектурата. Беше автор на повеќе проекти за хотели, нови цркви, иконостаси, манастирски конаци и други објекти, а неговата творечка дарба, меѓу другите објекти, останува вградена и во хотелот „Бисер“ кај Калишта, во Струга.
Паскали се занимава и со архитектонско проектирање, во објектите го внесува духот на традицијата. Позначајни реализации се хотелот „Бисер“ во Калишта, до Струга во 1970 година, хотелот „Белград“ во Струга во 1988-та, ресторанот во манастирскиот комплекс на „Св. Наум“ во 1982-та, црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Кавадарци во 2000-та, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица во 1998 година. Се занимава и со публицистичка дејност. Тодор Паскали е еден од главните иницијатори за основање на работилницата, односно на ателјето за уметничка резба при Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид во 1975 година.
Првите поголеми резбарски работи ова ателје ги изработи за Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите. Меѓу најзначајните потфати на ателјето се реконструкцијата и возобновувањето на Кралскиот дворец во Варшава, во соработка со полски реставратори и конзерватори…
Архитектонскиот опус на Тодор Паскали е пред сѐ одраз на неговиот карактер: едноставност, скромност, искреност, хуманизам и пиетет кон традицијата. Неговиот архитектонски говор е народен и во него ја откриваме онаа архитектонска мудрост што ја има во записите на Марко Цепенков. Ако за вистинската уметност не се потребни зборови за да се искажат вредностите и квалитетите, тогаш за дејноста на Паскали не треба да се пишува. Таа се гледа, се чувствува и се доживува како музичка композиција во која се вградени акордите, пасажите и темите чии корени се положени во народниот мелос.
Во творештвото на Тодор Паскали секогаш е претпоставена традицијата како инспиративен вруток. Градежното наследство кристализирано низ епохи, градежното мајсторство пренесувано низ генерации, она што низ вековите е вградено во голем број цркви и манастири, Паскали го претпоставил како основа за заштита на старото, но и како неодминливо искуство за новото. Чувството за хармонија се учело низ вековите и за грешките не се имало милост од природата и од луѓето, ќе забележат учените проследувачи. Охрид и Македонија врвеле низ тешки времиња и премрежиња.
Аналитичарите велат дека некои цркви, дури и соборни, изгледаат мало и неугледно, како некои скромни куќи кога ќе се погледнат и се чини како да ќе паднат. Меѓутоа внатрешноста вчудовидува со распоредот на просторот, декорацијата, од богатството на симболиката, од оној топол здив на оние што живееле тука.
Овде се некои од одговорите зашто и како се успеало некои стари цркви и споменици на културата да се свежи и подновени со визијата и интервенциите на Паскали. И како тоа во сосема неспорно нови објекти и функции навева некакво чувство на постара патина и при средбата со нив имаме некое претчувство како да сме ги сретнале и виделе некаде.
Документарниот портрет на Паскали беше и сѐ уште е оддавање почит на неговото дело, за кое како да не беше доволно кажано за време на неговиот живот. Според сведоштвата на негови блиски, тој доброволно живееше во втор план, иако беше библиски човек, еден од оние што го чинат сврзувачкото ткиво на Македонија. Работевме со голем ќеф и ентузијазам, ликовно го спакувавме филмот и на некој скромен начин му се оддолживме на човекот чија рака има работено на сите над 360 цркви во Охрид и пошироко, како реставратор или архитект на конаци… Најпознатиот проект на Тодор Паскали е обновувањето на Светиклиментовата црква на Плаошник, а ги има проектирано и конаците на кичевскиот манастир „Света Пречиста“.
Во својот многустран ангажман, посветен на културното наследство во Р Македонија, посебно место во дејноста на Тодор Паскали зазема неговата постојана грижа во изучувањето на ликовните, археолошките подрачја, архитектонските и други споменици и тие да имаат своја документарна атестација, научно стручно објавување, презентирање во светските текови, во општите прегледи во лексикографската дејност. И уште многу има да се каже, прераскаже, за да не се заборави. Многу од горните редови се извадоци од монографијата „Тодор Паскали“, со посвета и од авторот, која се случи на 3 јуни 2002 година. И за крај почит и мал придонес во обидот да ги споменуваме и штитиме од заборав ликот и делото на големиот неимар, архитект, уметник, човек. Изразувам длабока почит и го препорачувам документарниот филм со наслов „За Тодор Паскали“ – линк/ – https://www.youtube.com/watch?v=nbP46BKx0Zc&t=68s /