Денес, токму денес, кога над нашето ѕвездено небо надвиснале старите сенки на историјата, во оној бесконечен круг на повторувањето, денес нашето сонце крвави од озонските дупки на невозвратената љубов за секој и секого.
Една тешка песна како да надвиснала над сите нас, а срцата пукаат обрачи, безутешно денес го бараме оној стих на Рацин:
„Како капна, како капна
отров што ни душа отру?
Како стана, како стана
еден за друг да сме рана?“
Денес кога сѐ уште ни се закануваат на нашите древни македонски предели, прашува Рацин, зарем сѐ уште ветришта вијат, луди луњи војни бијат, како сеништа на некои минати трагични делби, баш тука на земјата на Сонцето и зарем чудно е сега солза да потече врела, сега кога се прашуваме: Кој раздвои човек од човека со ѕид? Кој нѐ раздвои нас, овие сонцељубливи поколенија, кои само со неговите зраци ја браневме нашата татковина?
Рацин, можеби денес погласно од кога и да е, ни подава рака да го продолжиме неговото перо, затоа што знаеме ли само што ја крепело оваа мала по територија земја, а огромна во своите духовни граници? Тоа се нејзините творечки вертикалии, тие неуништливи творби на македонскиот дух, создавани низ милениумите со кои Македонија го зачува својот идентитетски печат.
Рациновата поезија е една културна стратегија – да твориме, затоа што со тие творби го надградуваме македонскиот дух, јакнејќи ја преку нив единствената, автентична македонска свест.
Македонија, таа мала земја со неизмерлив дух, е онаа на која својата куќа цел свет братски ѝ е, братски порти и срца што отвора. Рацин како да влегол во чистото срце македонско, жедно за љубовта, хармонијата и соживотот. Но со право забележува Рацин дека љубовта на оваа земја од човекот никогаш не ѝ била возвратена и, наместо неа, само темни и бесни луњи надвасуваат, луњите кои толку тешко ѝ паѓаат на една строга и проста македонска душа.
Македонија, која никогаш немала воинствен, хегемонистички дух кон другите народи и земји, сепак го носи својот крст, на секогаш едно исто етноцентрично варварство, еден наметлив национализам, кој болно ги уназадува нашиве свети и сончеви простори. Така, балканската агонија полна со омраза и човечка угроза, свртена е кон срцето на Македонецот и неговото достоинство. Таа една иста затемнета националистичка свест вперена е кон нас, полна со националистичка омраза, на згазеното македонско сонце или пак срце?
„Нема ли срце, нема ли
на срца срцето
срце ширини широко
цел свет да збере
у вија гради малечко“
Во право беше Конески кога запиша дека Рацин е кратенка за името на сите нас.
Да не го изневериме грандиозниот поетски аманет на Рацин, кој во своите поетски визии и ум виде што ќе се случува со Македонија. Неговата ѕвезда свети на нашето творечко небо, носејќи ни ја свеста на силно светнатиот ден и тогаш кога сме во најтемната и најтешката ноќ на постоењето, а зората ни е далеку, нејасна во виделината од тешките македонски солзи.
Но ние не умееме поинаку, туку и понатаму со нашиот специфичен духовен тоналитет да продолжиме – дека цел свет братски ни е, со срце во гради широко, со срца ширини широко.
Мимоза Рајл