За потребата да се поседува

„Кога би го имала ова, би била посреќна“, „кога би го достигнал уште тоа, е тогаш мислам дека ќе бидам целосен!“, „Ако таа биде моја, тогаш сум комплетен“, „Тој е мој! Само мој!“… Колку ли само сме ги слушале и/или, пак, сме ги изговориле овие реченици?! Колку често сме погледнале на нештата, предметите, луѓето, појавите со неодолива желба, ете, да ги поседуваме, да бидат наши, ничии други, само наши! Како ли само сме биле разочарани доколку некоја од нашите желби за поседување не била исполнета?! Колку ли само сме копнееле по некое нешто, кое, ете, од која било причина сме сметале дека едноставно ни припаѓа?! Многупати, неброено пати, многу често, целиот наш живот… Автоматски, недобивањето на таквите толку многу и толку горко посакувани нешта придонеле да бидеме некако потиштени, незадоволни, нецелосни, неадекватни, со некое внатрешно необјаснето чувство на недостатност. Некој со право би се чудел „а што има тука толку чудно кога неостварените желби ќе предизвикаат разочарување?!“ Или што има толку чудно, кога нели, човекот постојано страда, копнее, цели кон нешто и губењето на тоа нешто предизвикува чувство на неуспех во него?!“ И сето тоа е сосема точно од аспект на сосема природната состојба на фрустрација кога некој нема да го добие тоа што го посакува.
Но ретко кога човекот, од сосема субјективни причини се разбира, се прашува себеси од каде дозволата да бидеме сигурни дека токму тоа нешто, ете токму нам ни припаѓа?! Кој може да каже дека сме биле обесправени доколку тоа што ние сме го замислиле за наше, дека ни припаѓа, е нешто што сака тоа и да биде – наше?! Тоа што некој толку силно и страсно посакува нешто или некого, не значи ништо повеќе од единствено негова желба… каде е желбата на тоа нешто, тој некој, судбината, појавата, стварта сама по себе да стане нечиј имот?! Човекот е сосема субјективно, грешно и себично суштество и нема ништо спорно во неговото право да бара за себеси. Но барањето не подлежи само на неговата субјективна желба и/или потреба, па колку таа и да била голема и изразена, туку и на објективните фактори што се надвор од неговата волева контрола, т.е. зависи и од многу појави што го посредуваат добивањето на нештото како наша субјективна потреба/желба: околностите, можностите, времето, желбата кај другиот (ако се работи за живо битие), способноста, ако сакате и самата судбина. Одамна народниот мудрец не попусто рекол – „што е твое ќе си дојде!“ И тоа е одличен пример за поткрепа на неоправданоста на нашата самоубеденост дека нештото едноставно ни припаѓа. Но човековиот сосема субјективен и себичен ум понекогаш го толкува тоа во стилот – „ете, мое е, ќе си дојде, кога тогаш!“ Максимата значи дека ако нешто навистина го заслужуваме ќе стане наше, ако доволно се трудиме и го заслужуваме, а не дека затоа што ние самите сме самоубедени дека го заслужуваме и тоа ќе си дојде, ама малку подоцна! Но човековата перцепција е толку многу растегливо нешто, што може да ни овозможи да ги толкуваме нештата на милион начини и никој да не може да каже, ете тоа е точно, а ова е неточно! Но единствено кога станува збор за нашето самоубедено перципирање на реалноста, е, тогаш никој не може да нѐ поколеба дека едноставно нештото ни припаѓа, ако ништо друго, токму дека толку многу го посакуваме! Да, понекогаш, од толку многу посакување, толку труд вложен во нештото, тоа ќе стане наше, ама не заборавајте, дека тоа повторно би значело дека ние, сепак сме го заслужиле тоа и околностите биле погодени… Но, прашање е, дали дури и во таквите околности, доколку некој/нешто не си дозволило себеси да стане наше, тоа би било наше, или би останало уште една пуста неостварена желба?!
На ова место доаѓаме до уште една дилема, околу тоа што значи да поседуваш, да имаш, нештото да биде твое?! Да поседуваш би значело дека некое нешто ти припаѓа според некое правило, документ, доказ дека нештото е присвоено од тебе, дека е потвоено, така да се каже. Но луѓето забораваат дека за да биде нешто наше, најчесто, тоа нешто има некоја, некаква цена. Дека може да се купи, откупи, добие, присвои и слично. Најчесто, нели, таквите нешта се од материјална природа, без разлика дали се предмети, ствари, имот и што и да било што е од нежива природа. Многу често и животните се присвојуваат бидејќи иако се од жива природа, тие сепак немаат свест и не умеат самостојно да укажат дали сакаат да бидат присвоени, иако, тие со своето однесување можат и умеат да покажат дали некаде сакаат или не сакаат да бидат присвоени, имани. Најголемиот етички проблем настанува кога луѓето се во прашање. Прво, тие се живи битија, свесни битија што умеат свесно да носат одлуки и да прифаќаат или да не прифаќаат. Второ, дури и кога можат да донесуваат свесни одлуки, тие честопати не се во состојба да го направат истото тоа, затоа што, не се во состојба на можност да одлучат (читај: робовите во феудализмот, модерните условувани поединци заради опстанок, заробеници и слично). Трето, многу поединци се присилени некаде насила да припаѓаат, не заради нивната желба, туку заради немањето доволно свест за своите права или, пак, под закана припаѓаат некаде од каде што со драга волја кога би имале храброст би побегнале. Дозволете, но, ако човекот сака да не биде некаде, а сепак нема храброст, сила, знаење, моќ да го стори истото тоа, т.е. да побегне, тоа не го одзема неговото право на тоа!
Доколку се занемарат сиве овие морални и објективни пречки, верувајте, многу луѓе не би биле таму каде што се! Знаете зошто? Затоа што, луѓето на драга волја остануваат само таму каде што самите одбрале да останат! Не затоа што вие сте го направиле тоа, не, туку заради одлуката некој да биде некаде и со некого. Е сега, за да биде некој навистина „моја“, „твој“, „негов“ итн. и тоа е само условно и нецелосно, т.е. човекот не е предмет за да може да се присвои, купи, исплати, земе и слично, дури и кога тоа од најразлични причини е овозможено… зошто?! Затоа што ако е занемарена и не е земена предвид неговата слободна волја на одлучување, тогаш никој не е наш, дури и да го натераме да биде тоа! Затоа што неговото срце и ум не се тука и не сакаат да бидат! Затоа што Пирова е победата дека некој седи овде и ние го сметаме за наш само затоа што не знае, не умее или не е свесен дека не сака да биде тука и овде. Тоа што во нашите животи „имаме“ или „држиме“ некого, не е затоа што некој е наш! Туку затоа што некој одбрал да биде тука или едноставно не умее да не биде тука, што повратно не ја намалува нашата фрустрација од сознанието дека човечкото битие не може да биде поседувано, дури и ако е во состојба на ропство… Да заробиш некого или да го држиш со заблуди не значи дека го поседуваш, оти човекот не може да биде поседуван… можеш да поседуваш облека, автомобил, чаша, телевизор, куќа и сѐ што е материјално, ама да поседуваш човек, тоа е невозможно, освен ако придавката што оди со него како присвојна заменка не е прифатена обострано! Ако некој е „моја љубов“, „мој пријател“, „моја сродна душа“ и ако истиот тој го чувствува истото тоа за вас, е тогаш можеби донекаде можете да кажете дека тој некој е тоа нешто и дека тоа е ваше затоа што е заемно, одбрано и самосвесно останувате/ме во него… сето друго е само гладна потрага по поседување со цел пополнување на празнината што никогаш не може да биде исполнета!
п.с. „Душевната празнина е како вреќа без дно… колку повеќе ја полниш, таа повторно се празни! Луѓето што имаат потреба да поседуваат други луѓе, во суштина носат една огромна беспомошна празнина, која никогаш со ништо не може да се пополни… може само да се – прифати!“

МирославПендароски
Авторот е психолог и универзитетски професор