Добре дојде во политичкиот пекол, ќе му порача младиот Бранко Црвенковски на кафе-пиењето при примопредавањето на власта по изборите во 1998 година на исто така младиот Љупчо Георгиевски, тогаш иден премиер. Во тоа време Бранко имаше 36 години и речиси десетгодишно политичко искуство. Со скромен комсомолски политички ангажман, излегуваат, влегуваат и сериозно се „зафаќаат“ да се занимаваат со политика од највисок ранг, да раководат и да ја управуваат македонската млада осамостоена држава. Но револуциите ги јадат своите деца, ќе потсетат дежурните циници. Дали предвременото влегување во политиката не е вид злоупотреба на младоста во „повисоки“ политички цели, прашуваа и коментираа психосоцијалните експерти.
Во услови на вонредни и турбулентни политички околности, какви што се денес и какви што ќе имаме и во наредниот период и како слабеат врските на избирачите со политичките странки и опции, поради редица „извесни и неизвесни“ причини, за што сведочат многубројните анкети и мерења на рејтингот во нашата држава, зајакнуваат личностите на поединци, кои стануваат важни во политичкиот живот, практика што влијаела и резултирала во развиените демократии и за т.н. персонализација на политиката.
Околноста дека сме мала и политички релативно неискусна средина, во која луѓето имаат свои политички уверувања што многу често се изградени како севкупен и непомирлив поглед на свет, е една од причините за трнливиот и сложен пат при создавањето, градењето и негувањето авторитети, особено оние политичките.
Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Секогаш во мислењето на другите се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети, политички скриени игри. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Иако преовладува мислењето дека кај нас секој може да се произведе во политички авторитет, малку имаме политички личности во вистинска смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира во една рационална и поднослива мера. Можеби една од причините е нашиот ментален хабитус, што и покрај многубројните декларативности и повикување на плурализам, толеранција, дијалог, силните заложби за европски дух и почитување, едноставно, не поднесуваме неистомисленици.
Кога станува збор за политичкиот авторитет, во нашата мала и политички неискусна средина опстојува и преовладува мислењето за него како за ниво и човечки формат создадено од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес, што се најчестите карактеристични конституанти при создавањето и опстојувањето на политичкиот авторитет.
Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката во сиот транзициски период во голема мера е резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална сцена, кои политиката ја сфатија и ја практикуваат пред сѐ и над сѐ како „конјуктурна дејност“. Ароганција, бескрупулозност, грабеж, корупција, егоистичното и неморално однесување. Тоа е дел во низата од причини што ги урна нивото и довербата во оваа сфера, за што сведочат многубројните анкети, рејтинзи и анализи, кои понираат до степен на кој се доведува во прашање и самата онтологија на поимот политика.
Тоа од една страна го стесни и ограничи просторот на дејствување на вистинските авторитети, но и ја овозможи и верифицира тезата дека во оваа средина секој може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во недоволно созреаната сфера на политиката. Ситуација безмалку апсурдна, процесот на никнување и создавање на политичките авторитети во нашата плурална пракса се одвива најчесто врз нереална подлога и преставува кадровска импровизација, политичка бламажа и, се разбира, навреда за осиромашениот и деградиран електорат со реални последици.
Препознавањето и почитувањето на правите вредности се силно отежнати и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност, вешто ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет.
Киро Глигоров беше последниот голем авторитет, кој и денес, како-така, во траги опстојува на политичката сцена, но тој беше создаден во лабораториите на поранешната СФРЈ, на пристојна но „митска“ дистанца и далеку од нашиот строг, ментален безмалку фамилијарен плурален критериум. Но, имајќи ги предвид поодминатите години, се направи обид дел од харизмата и големиот политички авторитет да се отстапи и вгради во плејада левоориентирани трансформирани политичари. Но тој обид се покажа само делумно успешен, со оглед на фактот дека кај нив беше мала претпоставената рамка за инпут на авторитетот и разнообразното богато политичко искуство.
Арбен Џафери беше истакнат поединец во политиката, многу често прогласуван од „објективните“ странски журналистички и политички кругови како најголем политичар од албанскиот блок на транзицискиот Балкан. Неговото дејствување во политиката е убав пример за стандарден аксиоматски тип, формат на политички авторитет, карактеристичен и погоден за вакви бурни времиња и околности.
Авторитетот пред сѐ, треба да ја претставува силата на нечие име изградено низ макотрпна пракса како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и беспоговорно би го следеле до степен на морална и културна подносливост, некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и едноставно човечки референци да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина. Таквиот тип авторитет на нашата политичка сцена допрва се наѕира и профилира во ликот на чесни вредни поединци, со резултати, визија и искуство и пред сѐ со висока одговорност и етика, што ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку пред сѐ како заложба за општо добро, за конструктивна и нормална атмосфера.
Аљоша Симјановски