За обединителите и обединувачката моќ

Минатата недела пишував за содржината на (веќе подзаборавениот) проглас на 13-те македонисти. Ветив дека во продолжение ќе пишувам за улогата и моќта на обединителите – или, со други зборови, каде беа/бевме и како стигнавме до ова дереџе. Се разбира, нема да се обраќам во ad hominem стил, сакам да прозивам и селектирам на подобни и неподобни. Но во духот на отворената интелектуална и семакедонска дебата, за која се залагаа некои, нужно е да се постават неколку клучни прашања.
Првото е како дојдовме до ова дереџе. Најлесно е да го впериме прстот само во политичките елити (од која и да е провениенција) и така лаконски да ја завршиме дебатата, уште пред да почне. Во нивна „одбрана“ би укажала на општествените околности што ги детерминираа нивната (не)зрелост, незнаење, (не)посветеност на националното и општото добро, но и на регионалните и меѓународните околности што не ни одеа во прилог. Нѐ сметаа за мртвороденче, за некој што нема да издржи (се сеќавате на Лисабон?). Но ни демократија, а ни национална држава не се гради прекуноќ. Проблемот на Македонија е што дозволи да го изгуби и она што го стекна во социјализмот во име на наводна транзиција (кој рајот?). На мнозина им се ежи кожата од самото споменување на синтагмата „национална држава“: таа беше и остана табу-тема во јавноста (дури и стручната), која користи бесмислени изрази како „мултиетничка држава“. Впрочем, уште полошо: Уставот тоа го потврдува преку Преамбулата, која личи на „македонска салата“ (која ќе биде „збогатена со делот на бугарскиот народ“ што живее тука). Општеството може да биде мултиетничко (или биетничко), но нема држава без (политичка) нација, демос. Сите процеси изминативе 30 години водеа кон инженеринг во кој се потиснува „македонизмот“ (сфатен како право на Македонците на национално и политичко самоопределување). Наместо (злокобниот) национализам, се промовира хибриден режим на „заедница на (рамноправни?) етнички заедници“. Со тоа се идејата за политички либерализам, кој почива на граѓанинот и неговите права. Со уставните амандмани од 2001 година, едниот (божем поголемиот/поопасниот) национализам се потисна, а другиот да се остави да цвета (поради историски неправди), и тоа во сенка на закана од воено насилство. Секое укажување на штетните ефекти на вториов се третира како бласфемија и албанофобија. Точка! И пред и по охридска Македонија, Македонците виткаа(т) `рбет пред национализмите (и) на соседите, па така менуваа(т) устав, знаме, симболи, читанки, историја, ветуваат дека нема да нападнат никого (каква горчлива и мазохистичка шега!), дека Македонци во Грција, Бугарија и Албанија – јок, тие се Јети или таму некакви (такива) поединци што треба да си бараат индивидуални права во нивните држави и дека не се наши ни роднини ни сватови. Затоа, не само Маричиќ туку и Пендаровски се среќава со „граѓани на Р Бугарија од некакви здруженија за човекови права“. Таков страв и уплав има од сѐ што е на М! „Олимпот“ на тој потфат беше Преспанскиот договор (Русјаков), но сега и над Олимп има Олимп, бугарски. Завршуваме со констатација за слаба држава, во исчезнување, со недржавотворни елити и под силен меѓународен притисок. Тоа е почетната премиса за секоја рационална анализа. Трендот продолжува со новосоздадените „комисии“ (шест на број), преку кои Бугарија на голема врата почнува (повторно) да ја „администрира“ Македонија – со благослов на европските елити! Тошо Малерот вели: Батка, на крај ќе излезе дека македонско малцинство има само во Македонија! Се плашам дека е оптимист.

Однадвор спонзорираните и инсталирани политичари не беа/се сами, ниту можеа сами да успеат во моделирањето без внатрешната помош на интелектуалците и медиумите. Моќта на тие што вршат репресија и национален инженеринг е во создавање јавно мислење, кое сето тоа ќе го прифати без поголем отпор. Операцијата на создавање „интелектуална класа“ (во науката, образованието, културата, медиумите итн.) е она што брилијантниот Игор Радев го опиша низ синтагмата за „кафените сахиби“. Можеби поголеми штетници од политичарите беа тие што со кадифена ракавица и со кетманско однесување помагаа во „европските интеграции“ и во бришењето на македонизмот. Се всадува дух дека автентичното, националното, домашното е назадно и дека треба да се „европеизира“, западнизира, за да биде прифатено. Отсекогаш ми биле поинтересни кетманите, кои успевале (барем во своите приказни и претстави за себе и својата улога на јавна сцена) да спојат оган и мраз, масло и вода и две спротивставени тези, кои ним им се логични и прифатливи. Така некако ми зазвучи тезата (на Боцевски) дека: „движењето’За заедничка Македонија’ се борело за зачувување на Македонија, а демократите што протестирале со ‘Шарената револуција’ се бореле за демократија, и двете борби биле благородни и праведни.“ Авторот е оптимист, не се занимава со ситни игри и не е малодушен, па ќе констатира: „Но таа војна е одамна завршена, а изгубија и двете страни“. Прво, таа војна (ако била војна) беше братоубиствена (за среќа во симболичка смисла, а не во човечки животи), но доведе до таква длабока поларизација на македонското ткиво (македонизмот?) од којашто уште долго нема да закрепнеме. Во време на „благородната и праведна борба“, еден од оние интелектуалци потписници пишуваше дека да барате разговор со другата страна е како да барате жртвите на холокаустот да преговараат со нацистите. Со други зборови, тоа беше повик на шарена „борба докрај“, непомирливост, сталинистички ментален склоп на „ако не си со нас, мора да си против нас“. Помогнати со силна помош од надвор, некои ја зазедоа врховната морална позиција од која беа деградирани не само политичките противници туку и сите што беа (само) патриоти и „неутралци“. Чесно е да се каже дека нема ништо благородно и праведно во битката во која ги жртвуваш својот народ и идентитет за да добиеш нов, европски, а тоа завиено во демократија и воен сојуз! „Шарената револуција“ немаше за цел инсталирање демократија (Маричиќ е жив пример), туку туркање во НАТО по секоја цена, што беше геополитичка цел од врвен интерес за надворешните ментори и спонзори. Благодарение на меката и тврдата моќ, Македонија стана нешто и подолу од протекторат: балканска колонија, владеена од балканските сили, со благослов на Европа.

Сме виделе и учествувале во најразлични прогласи и петиции на интелектуалци. Некои од нас што биле дел на вакви обиди ја знаат маката на создавање „критичка маса“ и излегување со единствен глас и став во врска со македонските работи. Прашање на суети, мерење зборови, компромиси и на крајот – несмисленост! Глас во ветер! Се сеќавате ли на прогласот познат како „200-те“ – според првичниот број потписници, од февруари 2018-та, на кој се надоврза бран на 13-15 илјади потписници, па движењето „Бојкотирам“, референдумот што власта и нејзината интелектуална камарила го толкуваа како „консултативен“ иако неуспешен, протести на сонце и на снег… Но бевме глинени гулаби за отстрел, ни правеа медиумска „реденка“ (простете на израз), а сега подавале рака зошто ова бил судбински миг. На овие што сега бараат да ги заборавиме битките од „минатото“ (иако минале само неколку години) треба да им е јасно дека операција на одделување договори сијамски близнаци е ризична операција, а едноокото и селективно гледање на нештата е рамно на слепило. Бугарите го бараат само она што го добија Грците (и малку повеќе). Без Преспа, ова немаше да биде возможно! Има тука каузална врска и нема бегање од тоа.
Пред нас е лажна дилема (дали повторно да се обединуваме преку прогласи и потписи) и понудена тенка утеха (дека така ќе сториме нешто). Новата преспанско-бугарска операција е во тек: гледајќи низ временска призма, и оваа операција би требало да се круниса некаде во јуни! Политичарите работат на таинствената 5+1 (пардон, 4+1) формула на отстапки, од 8 дена на функција, премиерот Ковачевски минал 4 во Софија, триумфално и освестувачки ни кажува премиерот на Бугарија. Интелектуалци се пак меѓу оние што на ова гледаат „европски“ – или „мудро“ молчат. Прашањето НЕ Е колкумина „интелектуалци“ ќе се потпишат/допишат на некој задоцнет проглас, кој уште бара продолжување на преговорите, наместо итен прекин! Прашањето на денот е како да се запре бродот што тргнал кон вителот?! Да бевме држава, сега на нозе ќе беа СИТЕ надлежни ИНСТИТУЦИИ, од универзитетите и МАНУ до културните и уметнички здруженија. Не ни требаат потписи на волку или онолку интелектуалци, туку ИНСТИТУЦИИ. А тие молчат дури и во пресрет на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце! Ете, толку се самоцензурирани! Се плашат и од својата сенка и од своите дела со кои изградиле кариери, се кријат во глувчешка дупка (за да не го нарушат процесот, кој е, нели, во деликатна фаза). Сѐ почесто помислувам дека оваа последна акција не е прашање за фини, горди и европски интелектуалци, туку за што поголем број „обични“ Македонци на кои им е прекуглава од месии од дистанца! Помислувате ли на длабоката суштина, но и на скриениот сомнеж во стиховите „А бре, Македонче, каде се спремаш, борба те чека..“. Борба, а не прогласи и плачење пред портите на Европа. А оваа држава, простете, е туѓа!

(продолжува)