Нашиот народ рекол, од играчка, плачка. И ете, се заигра човештвото сериозна цивилизација, ама не е далеку од следната фаза, трескање од земја додека не зајде од плачење. Затоа е потребна крајна сериозност. Така ќе се однесувам. Веднаш ја вадам бесрамната незаинтересираност од моето лице и на нејзино место ставам гримаса на сериозен политички аналитичар. Седнувам во фотелјата на реалполитиката, а на рацете навлекувам геополитичка гестикулација. Вака дотеран можам да му погледнам во очи на сето она што ме опкружува.
Падна француската влада. Како што падна и германската влада. ЕУ бара да падне новоизбраната грузиска влада. Претседателот на Кореја ја укина корејската влада. Фракции на Ал каеда и ИСИС ќе прават нова влада откако ќе ја срушат сириската влада. Српската влада шокирана од ветото што им го акна бугарската влада. А Бугарија нема влада. И како сега светскиот полицаец да се справи со сите овие аздиси кога американската влада е во транзиција? Едноставно, ќе мора да почне со решавање на најтешките проблеми. Така и бидна.
Џо Бајден го помилува Хантер Бајден. Тоа што двајцата имаат исто презиме воопшто не значи дека татко помилувал син и го ослободил од сите обвиненија. Џо во моментот на ставање потпис може и не знаел дека Хантер му е син. Сосема е возможно нештата да се одвивале по следниот редослед. Мадам Бајден му свикала на Џо дека нашиот драг Хантер (dear, Hunter) не смее да настрада, токму во мигот кога тој вознемирен размислувал што ќе се случи со Америка ако Роберт де Ниро одлучи да ја напушти затоа што Трамп ќе биде претседател, па она „драг Хантер“ му се слушнало како ловец на елени (deer hunter) каде што токму Де Ниро е главна улога, во меѓувреме секретарката го гњавела дека треба нешто да потпише во овалната соба што е крајно глупа соба ако се земе предвид дека не можеш никого да пратиш во ќош кога е непослушен или се глупира, па така, како што мене ми забега реченицава, може и на претседателот Бајден му забегала мислата и сосем случајно, наместо да ја помилува секретарката од колено до колк како што му била првичната намера, потпишал помилување за синот и сите што мислат дека оваа моја теза е морбидно бесмислена никогаш не ставиле гримаса на сериозен политички аналитичар седнувајќи во фотелјата на реалполитиката со геополитичка гестикулација навлечена на рацете. Крајно е логично Џо да го помилува Хантер зашто добро знае на каде САД кинисале.
Секако дека независното американско судство ќе го ослободеше Бајден Јуниор од сите обвиненија, но таа судска независност ќе трае уште малку. САД се во транзиција од слобода во „диктатура“, која Трамп, уште неинаугуриран, веќе ја практикува. Ако не е така, ќе слушавме ли пискотници од Си-ен-ен до Холивуд?
За разлика од САД, Европската Унија е во стабилна состојба. Се соочува со некои ситни, ама решливи проблеми, пред сè ефекти од климатските промени. За оние што не знаат, како што Колумбо ја откри Америка, а Галилеј ја откри гравитацијата, така и Грета Тунберг ги откри климатските промени, по што јас веднаш се покрив оти ми застуде. Тие климатски промени прават мали потреси низ Унијата. На пример, пред да се појават овие проблеми кај климата, на зима паѓаше снег, ама сега падна француската влада. ЕУ е моќна машина, секако ќе се справи со оваа проблематика, затоа што Грета Тунберг има свој наследник во борбата со климатските промени, а тие двајца веќе имаа долг разговор што сите го посведочија.
Имено, човекот што фрли сидро и заплови кон постелата на ЕУ за да ја отвори оваа сексапилна дама како пупка, како што дома ги отвори судството, државниот буџет и Пандорината кутија (злобниците велат за да ја дрпне надежта), а Меркел во мемоари го опиша како храбар и решителен, некои руски битанги самопрогласени за комичари го посочија за најглуп на планетата од сите оние со кои комуницирале и штом така за него зборуваат злобните Руси, јасно е дека тој треба да биде најмалку втор човек во ЕУ (како Рада во НАТО), па да ја наследи Грета Тунберг во борбата со климатските промени по што, сигурен сум, чудните појави како паѓање влади наместо снег, ќе бидат заменети со кревање еротски потенцијал и воспоставување „џинџер баланс“ на климата во Унијата.
Сепак, ЕУ нема толку сериозни проблеми како САД, па може да се насочи на решавање глобални потреси. Секако најголем предизвик беше војната во Украина што ја започна Русија. И ЕУ ја реши… Русија. Ги трпеа, ги трпеа аздисите на Путин и на крајот, во дослух со Бајден во заминување, му дадоа амин на Зеленски да гаѓа по Русите со „мадафака“ ракети што тие му ги дадоа. И од чипови од миксери и лопати ги сведоа на клешти за кршење ореви, во Русија познати како „орешник“. На Русите сега ништо друго не им преостанува, освен по нотите на Чајковски, да си играат „оревокршачка“ во своите кујни каде што ќе прават торти… ха, ха, ако имаат чипови во миксерите.
Откако аздисот на Русија е решен проблем, ЕУ ја насочи својата цивилизирана енергија кон Грузија. Нецивилизираните Грузијци треба да научат демократија. ЕУ почна со основни лекции. Им објасни што е повеќепартиски систем, па како партиите треба на народот да му дадат политичка понуда преточена во програма и потоа граѓаните на избори одлучуваат кој ќе добие мандат да ја води државата.
Грузијците го научија тоа и го спроведоа она што им посочи Унијата. Сега се спремни за втората лекција. Вистинска демократија не е она што го избира народот, оти народ е толпа, а толпата е глупа, туку она што ги возбудува Брисел и Вашингтон. Затоа сега Грузија ќе мора да оди на нови избори каде што демократски ќе победат оние што ги сака Европската Унија.
Ние ги научивме овие демократски лекции. Одлучивме дека сакаме да живееме во држава Македонија, ЕУ, преку Лисабонска декларација, демократски ни кажа дека она не го сака тоа и ќе мора да си го смениме името. Ние го одбивме тоа, па САД ни октроираа влада што смени име. Ние се побунивме на референдум, ама ЕУ ни се помоча на волјата, оти слободна волја е божја измислица, а Западна Европа како мајка на робовладетелство, колонијализам, фашизам, нацизам и комунизам, инаку познати како европски вредности, ни примени таканаречени „балкански методи“ (читај, европски) и преку демократски присили, киднапирања и уцени, си ја заврши работата правејќи од нас нордистанци без историја, а празнината наскоро ЕУ планира да ја пополни со бугарска. Ваква лекција сега учи Грузија, ама ќе ја учат и сите што не ја знаат вистинската дефиниција за демократија.