проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

Во овој серијал текстови ги разгледуваме и презентираме ставовите од издание на весникот „Автономна Македонија“ од 1903 година за конститутивниот носител на националниот, политичкиот и религиозниот живот во слободна автономна Македонија и неговaта артикулација во контекст на идентитетот на Македонците како оформен ентитет

Ексклузивно: Осврт кон содржините на весникот „Автономна Македонија“ од 1903 година

Во прилог на нашата констатација за тоа како „Автономна Македонија“ ја афирмира тезата дека Македонците се засебен ентитет оди и тоа што весникот повремено пренесува погледи и ставови од актуелниот печат во врска со македонското прaшање, каде што може да се види токму тоа. Така, весникот пренесува извадок од едно интервју со Стојан Михајловски, дадено за весникот „Ден“, каде што тој истакнал дека во интерес на македонската кауза треба да се дејствува за придобивање на европското општествено мнение. Притоа, според Михајловски, во Европа требало да се испрати „една делегација исклучиво од Македонци… кои пред светот ќе изложат што бараат Македонците и воопшто каква е положбата таму“. Тоа било нужно зашто: „Во Европа сакаат да видат чисти Македонци, да ги чујат, зашто таму, речиси и не веруваат на друг, кој што не е Македонец, дека може да ја зборува отворено вистината за македонското прашање; таму дури мислат дека ние Бугарите кога говориме за македонските теглила, говориме како заинтересирани луѓе од надвор…“.
Впечатокот дека Македонците се засебен ентитет провејува и од текстовите на влијателниот француски интелектуалец Анатол Лероа Болиo (Anatole Leroy-Beaulieu) што ги пренесува „Автономна Македонија“. Така, во текстот „Македонија, Србите и Грците“, меѓу другото, пишува: „Нешто поболно, за да не кажеме поодвратно од хамидовиот тирански режим и недобросовесност, тоа е поведението на извесни балкански држави, држави кои гордо го носат христијанското име, и кои што, наспроти мачеништвото на македонската народност, не се срамат да станат соучесници на угнетувачите на нивните браќа по религија и подржувачи на непријателите на европската цивилизација“.
Во продолжение на текстот стои: „Кога изгледаше дека Бугарите сакаат да ја присоединат Македонија, оцртана од генерал Игнатиев во Сан Стефано, Грците имаа право да протестираат во име на елинизмот. Меѓутоа, денес, кога Бугарите и Македонците се согласија, да ја рекламираат само автономијата на Македонија, прашањето се промени. Автономијата на провинцијата, оспорувана од различните соседни народи, беше една формула, која требаше да доведе до согласност меѓу Бугарите, Србите и Грците. Но, Грците не го разбраа тоа. Тие си помислија дека ако се оствари таа нова програма, со автономна Македонија, ќе се случи истото, како и со Источна Румелија. Ние не веруваме дека се такви стремежите на македонските патриоти. Нивната мечта – нивниот идеал е многу повисок. Тие не мечтаат за друго, освен од слободна Македонија да создадат јатка за една Балканска федерација, која би имала задача да ги помири сите народности на Балканскиот Полуостров“.
Македонците како засебен ентитет се претставени и во статијата „Ерменци и Македонци“ од Анатол Лероа, која „Автономна Македонија“ ја презема од весникот „Лоропен“. Во неа меѓу другото пишува: „Денес на исток има два народи или две раси, кои се еднакво загрозени од истребување и за кои што ние секогаш ќе го издигнеме својот глас и ќе го свртуваме вниманието на Европа, која свечено им ветуваше помош и покровителство. Разбирате дека сакам да кажам за Ерменците и македонските славјани…“. А. Лероа, осврнувајќи се кон руската политика, смета дека „Ерменците и Македонците напразно ја очекуваат“ еманципаторската мисија на Русија, зашто таа ги жртвувала, заради своите интереси на Далечниот Исток. Според Лероа, малодушната руска политика „по ерменските и македонските работи“, која сакала да го обезбедува мирот, всушност „повеќе ги компромитира и разјарува Македонците и Бугарите од Кнежеството“ наместо да го запре „истребувањето на Македонците и Ерменците“ со свикување на една европска конференција по руска иницијатива.

Осврнувајќи се на европските погледи по македонското прашање, особено на Австрија, весникот „Автономна Македонија“ резимира дека австриските погледи се сведувале на тоа што за главни виновници за предизвиканите турски ѕверства во Македонија „треба да се сметаат самите Македонци и Бугарите кои им соочувствуваат, кои со своите револуционерни комитети ѝ попречувале на Турција да ги спроведе предложените реформи“.
Од изложеново, очигледно е дека, според весникот „Автономна Македонија“, Македонците се засебен ентитет, различен од Србите, Грците, Бугарите, Романците и другите, чие легитимно право на самостоен политички и национален живот, меѓу другото, било попречено и од „антагонизмот на верските и националните пропаганди“.
Во таа смисла во воведната статија од 16.11.1903 година, пишува: „Балканските државички: Бугарија, Србија и Грција, како и Романија, кои што претендират, дека во Македонија имат свои сонародници за кои издвојуват доста крупни суми заради цркви и училишта, наместо да притекнат на помош, објавувајќи ѝ војна на Турција, како што притекнувале на помош за нивното ослободување Русија и другите држави, некои од нив дури пречат, како на Македонците, така и на големите сили за побрзо правилно решавање на македонското прашање“.
Од изложеново, очигледно е дека весникот „Автономна Македонија“ артикулира извесна македонска национална идеологија, која се манифестира низ разни форми, почнувајќи од афирмација на македонското културно творештво на македонски говор до афирмација на македонското име и Македонците како засебен ентитет, како и каузата на македонските патриоти под водство на ТМОРО со девизата „автономија на Македонија за Македонците“.
Кога сме при крајот од овој прилог, ќе се вратиме на самиот негов почеток „Кој би бил конститутивен носител на политичкиот, националниот и религиозниот живот во слободна автономна Македонија“? Како што истакнавме на почетокот, според воведната статија во бр. 21 од 13.11.1903 година, во „Автономна Македонија“ во слободна автономна Македонија главната улога во социополитичкиот живот од политички, национален и религиозен однос треба да му припадне на славјанскиот елемент, односно македонското славјанско население, кое во конкретниот момент од религиозен аспект било поделено на патријаршисти и егзархисти, што, пак, од своја страна повлекувало различни национални тенденции. Поради тоа, весникот смета дека во иднина славјанското македонско население треба да се обедини во една компактна маса.
Во таа смисла, се нагласува дека разните национални и религиозни пропаганди „прекрасно го разбрале значењето на славјанското население во судбината на Македонија“ поради што, тие ги свртеле сите погледи кон него, за да ги обезбедат неговите симпатии за себе, првин во религиозен и национален однос, а потоа и во политички. Овој став за обединување на „славјанското македонско население“ во една „компактна маса“ како одговор на разорните дејства на „разните религиозни и национални пропаганди“ коинцидира со чл. 1 и 2 од Уставот на ТМОРО.
Според весникот „Автономна Македонија“, предводник во борбата за „автономија на Македонија за Македонците“ е Внатрешната организација, која била создадена од незадоволните Македонци под турска управа. Притоа се нагласува дека „Македонците ја сакаат автономијата за себеси и тие се борат за подобрување на нивната тешка положба, а не за присоединување кон која било земја“. Од друга страна, во истиот воведник се вели дека таквата борба на Македонците била помагана од „надворешната организација“ на Македонците емигранти во Бугарија. Меѓутоа, на македонските емигранти во Србија, Грција и во Романија не само што не им било дозволено да се организираат туку, напротив, биле преследувани, а откако Русија и Австроунгарија ја презеле иницијативата за реформи во Македонија со европска контрола, првоспоменативе земји почнале да се плашат и оплакуваат од „целиот македонски народ, без разлика на убедување“.

Сепак, весникот изразува надеж дека Србија ќе смогне сили и во согласност со постојните закони ќе допушти организирање на македонските емигранти за помагање на Македонците, и тоа директно преку задграничното претставништво на Внатрешната организација. Во таа смисла се истакнува дека Србија, како и Бугарија се должни да ги поткрепат барањата на Македонска организација со сила да се извојува автономија на Македонија за Македонците. Осврнувајќи се на штотуку донесените Мирштегски реформи, кои во тоа време од султанот биле прифатени „во принцип“, што во дипломатијата било еднакво на „ќе видиме“, весникот истакнува дека ако султанот искрено бил наклонет да ги прифати реформите, тогаш би било подобро да ги прифати барањата на Македонците за автономија на Македонија со губернатор христијанин под негово сизеренство, бидејќи во спротивно Русија и Австроунгарија би можеле да ги свртат реформите исклучиво во своја корист и да го направат истото што своевремено Прусија и Хабсбуршката Монархија го сториле со Шлезвиг и Холштајн. При таков развој на настаните, султанот, откај Македонија би имал силен сосед што би го довело во опасност неговиот трон. Затоа за султанот би било подобро да претпочита за соседи да ги има Македонците наместо Австријците и Русите. Оттука, весникот заклучува дека султанот сè уште имал можност да изјави дека наместо предложените реформи од Русија и Австроунгарија, ја повлекува својата администрација од Македонија и ја дава автономијата што ја барале Македонците, во спротивно ризикувал да го изгуби и Цариград.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

крај