Тврдиот став на премиерот и на коалицијата на власт дека нема да попуштат пред притисокот за отворање на Уставот остана непроменет, зашто Македонија не е на распродажба, па секој да може да се нагодува и да ја обезличува. За жал, кај поединци од албанскиот коалициски партнер се појавија некои популистички барања што ги охрабрија пропагандата и противниците за зголемување на притисокот и за условување на Владата?!
Насловот „За кого бијат камбаните“ сигурно ве асоцира на познатиот роман од американскиот писател Ернест Хемингвеј, но веднаш да кажам дека не е преземен оттаму, иако има сличности во настојувањата на злобни противници за рушење на постојниот поредок со асиметрични форми и закани за отворање граѓанска војна, како што беше таа во Шпанија во триесет и деветтата година од минатиот век, во која учествувал и авторот на делото. Всушност, бев испровоциран од некои случувања во општеството и (не)удобното живеење на граѓаните во денешниов систем на (не)владеење на правото и практикување на демократијата, па се вратив на спомените од детството и се обидов да направам споредби на тогашните и сегашните времињата барајќи ја сличноста на настаните и однесувањата на луѓето. Ниту одблизу ниту оддалеку не е можно да се прават такви компарации, зашто годините си го направиле своето, а технолошкиот напредок отишол толку далеку што се залудни надежите и очекувањата во животот да се практикуваат исти или слични вредности. Сепак, не може да се заборави дека чесноста и моралните квалитети кај луѓето беа мошне високи и затоа сеќавањата се толку блиски и незаборавни.
Како вчера да беше, се сеќавам на ѕвонењето на ѕвоната во училиштата и биењето на камбаните во црквите. Посебно значење и толкување имаше чукањето на камбаната, што не можам и не знам од оваа дистанца и од теолошки аспект да го објаснам, но сигурно знам дека според удирањето и силината на звукот луѓето знаеја зошто или за кого бијат камбаните. Од бројот на чукањето можеше да се одреди дали станува збор за објава на жалост, односно смрт на некој од жителите, или за радост, било да се тоа рожба, женидба или друга слава и прослава!
Веројатно затоа во руралните средини најпочитувани и најпосакувани лица беа учителите, поповите и оџите. Тие беа главните организатори на свечености, средби, приредби и веселби. Можеби затоа кај децата најпосакувана беше токму нивната професија. Навистина оттогаш е задржана и загарантирана слободата на изразување и задоволување на религиските потреби поврзани со обичаите и традициите и ништо тука не е лошо и ненормално без оглед на секуларноста на државата. Напротив, ваквата регулација на односите помеѓу власта и црквата е посакувана и потребна, особено во денешнината на нашето тензично и нездраво живеење како алатка за духовно опуштање без политичко влијание врз верниците и мешање во правниот систем. Тоа е така според пропишаното, но проблемот е во нефункционирањето на институциите и легализирањето на криминалот и корупцијата што прогресираше и навлезе во сите пори на општествениот живот. Одговорните за тоа останаа анемични и неми, а довербата во правниот и правосудниот систем падна на најниско ниво во досегашното постоење. Ваквото сознание и укажувањата за криминалното делење на правдата го натераа судството да се одважи за самотрансформирање, што навистина започна, но со камуфлирање на процесот и натамошно тапкање во место.
Владата навистина презема мерки за стабилизирање и подобрување на состојбата, меѓутоа системот е толку руиниран и корумпиран, што е потребно подолго време за негово возобновување и враќање на вистинските основи. Затоа кај граѓаните расте нетрпението и се создаде чувство дека се оставени сами на себе, бидејќи никој за ништо не ги прашува, ниту посакува да им го слушне гласот? Револтот станува сѐ поголем и поради неможноста да се учествува во креирањето на мерките што се преземаат за подобрување на животот и немоќта да се влијае врз почитувањето и спроведувањето на законитоста.
Од друга страна, се случи и инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави (САД), откога со непредвидлива брзина се одвиваат драматични промени во стратегијата и водењето политика во меѓународните односи, што внесе немир и страв за случувањата во наредниот период. Како познат бизнисмен и практичар, тој веднаш почна да ги исполнува предизборните ветувања и најпрво се фокусира на запирањето на војната во Украина со интензивна дипломатија и реален договор што ќе ги задоволи двете завојувани страни во конфликтот.
При ваквата констелација на настаните и неочекуваната рашомонијада во политичкиот, правно-економскиот, социјалниот и информативниот систем кај повеќето држави, Македонија се најде на крстопат, внимателно одбирајќи и по кој пат да тргне за побрзо да стигне во Европската Унија. Многу наши и странски „душегрижници“, неповикани советници и злобници што нѐ условуваа по сите основи, потрчаа да ни „помогнат“ за повторно да нѐ насамарат како што беше со промената на името?! Никој од нив не го спомнува одложеното дејство на амандманите за ставање на Бугарите во Уставот, ниту пак Европејците даваат гаранции дека Бугарија нема да поставува други барања за откочување на ветото за преговорите?!
Тврдиот став на премиерот и на коалицијата на власт дека нема да попуштат пред притисокот за отворање на Уставот остана непроменет, зашто Македонија не е на распродажба, па секој да може да се нагодува и да ја обезличува. За жал, кај поединци од албанскиот коалициски партнер се појавија некои популистички барања, кои ги охрабрија пропагандата и противниците за зголемување на притисокот и за условување на Владата?!
Беше пуштен пробен балон со барањето промена на грбот на државата како навика на свитканиот грб на претходниците со чекање реакција од сега одговорните?! Граѓаните здушно и отсечно реагираа и му упатија забелешки на премиерот што воопшто прифаќа таква расправа, знаејќи дека зад тоа се крчкаат промена на знамето, на химната и зголемување на процентот на Албанците во државата.
Ете, токму и поради ова треба да удрат камбаните и силно да одекне гласот на народот за сплотување и обединување против злото што ни се случува и подготвува! Гласно и јасно да се обзнани за сите да слушнат дека Македонија може и мора да постои и да опстои како заедница на сите граѓани, без оглед на вероисповед и национална припадност. Толку и крај!
Мендо Димовски
(Авторот е новинар и писател)