Од 6 до 18 ноември 2022 се одржа 27-та конференција на Обединетите нации (ОН) за климатски промени наречена COP (Conference of Parties), во египетското туристичко место Шарм ел Шеик. Оваа конференција се одржува кон крајот на годинава во која се забележани разорни поплави и невидени топлински бранови, силни суши и страшни бури, голем број временски катастрофи, со очигледни знаци за климатска вонредна состојба. Во исто време, милиони луѓе низ светот се соочуваат со влијанијата на кризите во енергетиката, храната, водата и трошоците за живот, отежнати со тешки геополитички конфликти, политички и економски миграции. Во овој неповолен контекст, некои земји почнаа да ги менуваат политиките за климата со зголемување на употребата на фосилните горива, спротивно на напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови.
„Ние сме на автопатот кон климатскиот пекол со нога што сè уште притиска на гас“, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на отворањето на самитот. Главна тема што се повторува речиси на сите климатски собири е јазот помеѓу ветувањата и нивното спроведување.
Но СОР27 се одржува со намера светот да се бори против климатските промени и последиците од нив. На собирот имаше над 2.000 учесници, меѓу кои и над 100 претседатели на држави и премиери, но и министри и високи функционери на разни институции итн. Многу од нив присуствуваа за да му дадат поголемо значење на проблемот, да покажат дека се грижат за животната средина, но и заради зголемување на сопствениот имиџ.
Кога сме кај политичарите, да кажам дека САД, во времето на претседателот Бил Клинтон, не сакаа да го ратификуваат протоколот од Кјото, со кој се предвидува редукција на стакленички гасови од страна на развиените земји. Изговор беше дека тоа ќе ја попречува нивната економија. Потпретседател на САД во тоа време беше Ал Гор. По завршувањето на мандатот, Ал Гор направи документарен филм на тема климатски промени и доби Нобелова награда за тоа. Ова не ми е јасно до ден-денес.
Не можам а да не се осврнам на говорот на претседателот на Бугарија, Румен Радев, на конференцијата COP27 во Египет.
Тој изјави дека „климатските промени се глобална закана и може да се решат само со глобален одговор“. Претседателот даде погрешна изјава, веројатно не ја познава доволно проблематиката. Климатските промени не се решаваат глобално, туку почнувајќи од самиот себе, секој поединечно, потоа во семејството, дома, и нагоре кон сите слоеви и структури на општеството.
Покрај делегатите од сите земји во светот, на сите досегашни климатски конференции (COP-ови) имало многу лобисти, едни за заштита на животната средина и други (дискретни) за користење фосилни горива, во обид да ја заштитат својата индустрија (задржување на јагленот, нафтата и гасот).
Јас лично не сум бил во Шарм ел Шеик иако сум видел реклами кај некои наши туристички агенции за аранжмани во тоа туристичко место. Учесниците на самитот таму имаат услови и за релаксација и уживање по завршувањето на состаноците, преговорите и дискусиите. Но, според мене, суштинските разговори и преговори се водат на друго место. Речиси во цел свет има капиталистичко уредување, кое се заснова на пазарна економија, односно на остварување профит. Погледнете ги берзите и пазарите на фосилни горива (нафта и природен гас), производителите и трговците немаат милост. Цените на горивата пораснаа неколкупати, не затоа што пораснале трошоците за производство, туку ги користат стекнатите позиции кога ќе се појави поголема побарувачка, некоја политичка криза, критичка изјава на некој висок функционер, некој оружен судир и др. И информирајте се кои земји се најголеми производители и кои компании се најголемите трговци со нафта и гас (фосилни горива). Решавањето на проблемите со климатските промени зависи најмногу од нив, бидејќи емисиите на СО2 се создаваат од согорување на фосилните горива. Се разбира, има и други чинители што се борат против климатските промени, но нивното дејствување не е толку моќно.
Според организаторите на COP27, клучна цел на собирот е да се обезбеди целосна имплементација на Парискиот договор за климатски промени од 2015 година. Но ако се земат предвид сите показатели (концентрација на СО2, покачени температури…) и катастрофалните поплави, суши, топлински бранови по Парискиот договор, тогаш гледаме дека целите не се постигнуваат. Не би згрешил и ако на овој текст го ставам насловот „На Запад речиси ништо ново“.
Д-р Ристо Цицонков
Авторот е професор на Машинскиот факултет – Скопје и уредник на Првиот
национален извештај за климатските промени на РМ кон ОН (2002 г.)