Возбудата околу маскирањето за Халоувин годинава кај мене дома не беше на завидно ниво. Има за тоа сериозни планетарни причини. Сепак, го имав она вообичаено двоумење пред секоја Ноќ на вештерките, овој пат дали да се маскирам во Бајден или Буш Помладиот? Домашните, со право, не беа восхитени од мојата дилема. На неколку часа пред да се маскирам, заборавив кај ми е маската… на Бајден, па се маскирав во Буш. Сите веднаш рекоа глупа ти е маската. Таков сум, влегувам во ликот во кој се маскирам.
Реални се причините зошто годинава возбудата околу празникот на мртвите не е на вообичаеното задоволително ниво. Возбудата со право е насочена на друга страна. Сите сме малку загрижени, но многу повеќе среќни. Во вторник избираме кој ќе го води светот во наредните четири години. Добро, ние не избираме буквално, туку онака фигуративно, избираме во нашите срца. За нас избираат некои други луѓе. Ама тоа е нормално. Така било и во колепката на демократијата, Атина. Таму, на избори, можеле да гласаат само одредена група еминентни, образовани и влијателни мажи, атинската елита, оние избраните, битните, господарите, а простото граѓанство, робовите или, не дај боже, жените немале право на глас. Симболично, и денес е така. Се избира претседател на светот, ама за него гласаат само Американци, а сите ние преостанати, што би рекол Вртев, „трепериме од возбуда“.
Да, во вторник избираме претседател на светот. Го избира најголемата држава на планетата. Добро, Русија е најголема, но тоа само територијално, поентата е во суштината, а не во формата. По форма Русија е најголема, ама во суштина тоа се, кој друг ако не, САД. Значи, во вторник граѓаните на Америка, за сите нас, ќе изберат лидер на најмоќната… на најмоќната… втора економска сила во светот. Да бе, знам, Кина има најмоќна економија, ама… и како втори, САД се економски помоќни од Кина. Па, не го дава Кина претседателот на светот, Америка оди во вторник на избори.
Камала или Доналд? Ете го прашањето. Насмевката на убавицата или намќорскиот сурат на ѕверот? Делумно обоената дама или белото расистичко сељ…ште? Наследничката на Хилари или другар му на Адолф? Тешко разбирливата нарација на мадам Харис (најпаметните луѓе ние простите не ги разбираме, а Ками е толку мудра што имаш чувство дека една со друга нејзина реченица тешко се поврзуваат, но тоа не е така) или цинизмот на оној вулгарен простак? Видете, ние по дома традиционално сме во „Кенеди муд“ уште од времето кога наш Јоже и нивни Џони беа супер другари. И денес кај нас во дневна соба стои врамена реченицата што дедо ја викнал кога го убиле Кенеди, „Далас, а богами и Тексас, за мене веќе не постои!“, и тој негов крик за цела наша фамилија стана поважна реплика од „Хјустон, имаме проблем!“ и „Ова не е Канзас!“, патем, тато ми забрани да ги слушам „Дед Кенедис“, ама откако она ѓубре што денес го носи тоа презиме им порача на Американците да гласаат за Трамп, почнавме сите малку со сомнеж да гледаме на таа влијателна лоза.
Оттука и онаа мала доза загриженост кај сите нас по дома. А што ако Доналд ја победи Камала? Што ако „ѓубрето“ на Трамп ги надгласа сите оние убави, дотерани, избањати, умни и насмеани прогресивни луѓенца? Што ако во нашата Бела куќа влезе небањат расист, шовинист, криминалец, националист, хомофоб и мизогин реднек? Кај ќе ни биде крајот? Е па, со него ќе ни дојде крајот. Економскиот крај сигурно. Па, го слушате ли што зборува? Да се прашувал он, немало да има војни во Украина и во Газа. Ма, немој! Еб.те економистот, pardon my French! А како да зајакнува нашата… мислам американската економија, ама тоа си е наша економија, оти САД се лидери на меѓународната заедница за која злобниците тврдат дека не е ни една третина од планетата, но нам ни е меѓународна бе, и најголема и најсилна… значи како да зајакнува „нашата“ американска економија ако не се тие војни во Украина и Газа? Каков само идиот, а речиси половина Америка заблудена по него. Тоа е, сигурно на ѓубрето му подметнуваат некоја халуциногена руска дрога во „мекдоналдсот и кока-колата“, оти сите знаеме како Русија се меша во изборите на други држави.
Русјаков, добро си?
Фала на прашање, не сум. Зошто?
Па звучиш како да си полудел прекуноќ.
Точно така… прекуноќ. Заспивам со Си-ен-ен.
Кај сте, бе, нордистанци? Во вторник да ве видам дотерани и насмеани, мажите избричени, жените нашминкани, да сте брцнале тоа носињата во мобилни телефони и да следите изборни извештаи, па лидер на светот се избира или мечка игра оро? Додуша, ако победи Камала, очигледно мечката ќе продолжи да игра оро низ Украина, но ако победи Трамп, веројатно „ќе го бркаме змејот“, ако ме разбирате. Лидер на светот, ами како? Ене, веќе пиштат прогресивни медиуми низ „штатите“, Русија и Кина им се мешале во избори. Стварно откачено. Е па, Русија сака да победи Трамп, а на Кина многу повеќе ѝ одговара Камала. Заклучок? Москва и Пекинг водат меѓусебна битка за престолот во Вашингтон заради свои интереси, а републиканците и демократите се само декор, потемкинови села во протекторатот на искубаниот орел за кој политички се бијат мечката и змејот. Генијално! Оти како и да ја завртиш паричката, веројатно поразените ќе кукаат дека Русија или Кина мешајќи се им ја одземале победата. Еднаш дури и ние велешаните им бевме на тапет за барање изговори.
Искрено да ви кажам, колку и да е за плачење, смешно ми доаѓа. Читам едночудо ликови, новинари и аналитичари, неамериканци, и едните и другите со истата мантра, ама во различна верзија, подобро е за светот да победи Трамп (Харис). Ако ги следиш, вака спротиставени, изгледа кој и да победи, добро е за светот. Јас само ќе ја извртам нивната теза. Светот и онака отиде по ѓаволите, па кој и да победи ќе помогне светот да отиде уште подалеку и подлабоко… по ѓаволите. Како вљубеник во американската уметност, пред сè книжевност и филм, ги сакам Американците и жал ми е за нив уште од времето кога каубоецот реши да глуми претседател. Тој дури излезе одличен. По него следуваа Тексашанецот што одново започна маскари низ пустините, оној лудиот што свири саксофон по нотите на геноцидите, политичкиот кловн што продолжи да шлапка во крв до колена, исончаниот (според Берлускони) што во една рака држи Нобелова за мир, а со другата си ги тера масакрите, плејбојот што фолираше дека ќе суши мочуришта, човекот што не беше таму, оти заборави кај треба да биде и, еве сега, обичниот Американец треба да избира меѓу Камала и Доналд. За гревота!