Отсекогаш било: храбрите гинат, умните преживуваат и владеат. Со наведената максима може да се протолкува резултатот од првиот круг на претседателските избори во Македонија, одржани завчера. Кандидатот Стево Пендаровски, кој храбро застана да се бори и да го победи мислењето на 70 отсто од граѓаните (Македонците), доби 180 илјади гласа. Кандидатката Гордана Силјановска-Давкова, која умно го присвои и искористи мислењето на истите тие 70 отсто граѓани, доби 360 илјади гласа и е апсолутна победничка во првиот круг. Иако апсолутната победа засега има само морална вредност. Oчигледно е дека таа вредност ќе се претвори во материјална, ќе означи конечна победа во вториот изборен круг.
Изборните кругови не се олимписки кругови, не се олимпијади ниту светски првенства на секои четири години, а сепак не може да им се одречат слични симболики и карактеристики. Тие се всушност едно општо политичко натпреварување, достапно за секого, без обѕир на нацијата, на припадноста на партија, разликата во родот, инаквоста на религијата, социјалниот статус, бојата на кожата и потеклото.
За олимписките игри старото официјално мото гласи – побрзо, повисоко, посилно. Истото тоа важи и за изборните игри. Неслужбеното мото кажува дека не е важно да се победува туку е важно да се учествува. Тоа мото го потврдија Максим Димитриевски, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимoвски, за кои не беше можно да победат, важно беше да учествуваат.
Кај изборите само еден победник се овенчува со титула и слава. Силјановска-Давкова беше таа што истрча побрзо и скокна повисоко и влегува како фаворитка во вториот круг. На Пендаровски му останува да учествува надевајќи се на коперникански пресврт во финишот од маратонот, последната олимписка дисциплина. Но и двајцата ќе бидат ѕвезди што ќе светат на мајското небо. Заедно – збор што е додаден на мотото на игрите.
Додека игрите, летни или зимски, на секои четири години, колку-толку, го обединуваат спортскиот свет, изборите во голем број случаи го разединуваат светот на политиката. Така е во Македонија (сега Северна) од првите до последните избори, претседателски, собраниски или локални. Тука колку што функционира максимата раздели па владеј, исто толку е присутна и другата – владеј па раздели. Еве го прашањето на новите поделби при вториот круг: Дали сте за горда Гордана или за наш Стево?
Симболиката на круговите можеби најдобро ја има опишано Данте Алигиери во монументалното дело „Божествена комедија“, каде што се објаснети деветте круга на пеколот. Според него, во вториот круг се сместени душите на блудните грешници. Далеку од тоа, во македонскиот втор круг се двајца кандидати, двајца праведници што не се без грешки, кои до самиот ден на завршното гласање сигурно ќе минуваат пеколни мигови, часови и денови. Само да ги послужи здравјето, и Стево и Гордана, ум и сила имаат доволно. И да не се плашат што на влезот на пеколот пишувало: „Нека ја остават секоја надеж сите што влегуваат во него“.
Ако во првиот круг седат душите на кукавиците и страшливците, кои во животот никогаш не сакале да се изложат на опасност, односно биле неутрални, третиот е на (за) лакомите и пијаниците, четвртиот за расипниците и цициите.
Петтиот е резервиран за душите на мрзливите и за оние што лесно се лутат, во шестиот се еретиците. Седмиот е делен на три „оддели“ и во него се мачат душите на насилниците против Господ, насилниците над луѓе, уништувачите на имот, непочитувачи на природните закони, бохохулници, содомити, самоубијци и лихвари. Осмиот е поделен на десет мачилишта: во него се сместени измамници, подводаџии, ласкавци, лицемери, арамии, заводници, врачови, гатачи, магионичари, лоши советници, предизвикувачи на неслога, криминалци. Деветтиот круг има четири појаси и во него горат предавниците на семејството и родот, предавниците на татковината, предавниците на гостите и предавниците на оние што ги предаваат луѓето што им направиле нешто добро.
Судирот во вториот круг не е само меѓу Гордана и Стево, не е само меѓу две личности, тоа е судир на две партии, две концепции, на две гледања за иднината на Македонија. Ако му е за утеха, очајниот резултат на Пендаровски не е негов личен пораз. Тоа е пораз на Социјалдемократскиот сојуз што го кандидираше и зад кого слепо се залепи, губејќи ја својата индивидуалност. И дел заради минатиот труд исполнет со колебливост и двосмисленост. Како што победничкиот резултат на Силјановска, освен нејзината оригиналност и говорна неуморност, е резултат на повеќегодишниот активен опозициски фронт на ВМРО-ДПМНЕ, менторството на Мицкоски и ангажманот на партиската машинерија.