Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (3)
Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Потсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме третото продолжение
Во нацртот (НСО 2026-2032) се наведува дека справувањето со предизвиците што го ограничуваат потенцијалот на учениците за високи постигнувања, сеопфатен развој и добросостојба, е фокус на приоритетната област „Основно образование“. Во оваа приоритетна област, стратегијата ќе придонесе со обезбедување на потребната инфраструктура и материјално-техничките услови за квалитетно основно образование, унапредување на наставната пракса и професионалната поддршка на наставниците, како и подобрување на резултатите од учењето и воспитно-образовните постигнувања.
Кои се моите согледувања за потсистемот основно образование и воспитание
Основното образование и воспитание, како посебен потсистем во системот на воспитанието и образованието, претставува базичен потсистем, односно фундаментален, од причина што ја дава основата на едукацијата за натамошно образование. И покрај многубројните реформирања и укажувања, неговото дејство и ефикасност не се на саканото ниво. Од тие причини, неопходни се одредени промени, иновирања и зафати. Незадоволувањето на овој потсистем на воспитание и образование е резултат на повеќе причини од објективна и субјективна природа: недоволната вертикална поврзаност со предучилишното воспитание и образование, а и со средношколското ниво, унифицираноста на програмите, оптовареноста на наставните програми со непотребни програмски содржини, запоставувањето на ученикот како субјект и партнер во воспитно-образовната работа, примената на вообичаените светски педагошки стандарди и нормативи, непланското, несистематското и третирањето на учењето како кампањско, а не како проблемско, мисловно и креативно.
Од анализата на компаративните согледувања на основното образование кај нас и во други европски земји се гледа дека тоа не е на исто ниво како и задолжителното образование во други земји. Поконкретно, во некои европски земји фигурира деветгодишно, десетгодишно и повеќегодишно задолжително траење на основно образование, со што се дава можност за зголемување на општото образование, што носи можност за професионална ориентација кон одредени струки и занимања, а со тоа личноста станува посамостојна и позрела во изборот на животната професија, струка и занимање.
Во земјите средното образование се организира во една единствена континуирана структура само со бројот на години што одговара на ИСЦЕД (МСКОБ) 2 (нижо средно) или основно образование втора фаза или пониско средно образование што одговара на основното образование од шесто до деветто одделение (VI-IX) во нашиот систем на образование и на ниво 1 во Македонската рамка на квалификации. (извор: Eurydice, Key data on education in Europe 2005/ Fig.B1).
Може да се констатира дека не постои унифицираност во поставеноста на задолжителното образование. Постојат униформни принципи и правила во поставеноста, како што се: квалитетот, мобилноста на учениците и наставниците, стандардите на квалификациите, застапеноста на европските вредности во образовниот процес, примената на ИТ-технологијата и образованието на далечина и слично.
Меѓутоа, во поглед на Меѓународната стандардна класификација на образованието (ISCED – International Standard Clasiification of Education) во нивоата (степените) постои голема усогласеност, која укажува дека во најголем број случаи крајот на нижото средно образование се поклопува со крајот на редовното задолжително образование. Во сите европски земји каде што функционира моделот на единствена структура (Данска, Естонија, Португалија, Словенија, Финска, Шведска, Исланд, Норвешка и Бугарија), крајот на (едноструктурното) образование коинцидира со крајот на задолжителното образование, освен во Бугарија, каде што задолжителното образование завршува една година подоцна.
Во речиси половина од европските држави сите ученици го следат истиот курикулум (заедничко јадро) за време на нижото средно образование, кој коинцидира со крајот на редовното задолжително образование.
Во Белгија, Франција, Ирска, Италија, Унгарија, Австрија, Словачка, Обединетото Кралство (Англија, Велс и Северна Ирска) и во Бугарија крајот на редовното задолжително образование не кореспондира со крајот на нижото средно образование. Наместо тоа, таа една или тие повеќе завршни години на задолжително образование се дел од вишото средно образование. На овој начин, учениците од овие земји – со исклучок на Ирска и Обединетото Кралство (Англија, Велс и Северна Ирска) – мораат да изберат меѓу општо/генерално, техничко или стручно образование една или две години (или четири во Унгарија) пред крајот на редовното задолжително образование.
Во заедниците во кои се зборува француски и германски во Белгија, како и во Германија, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Австрија и Лихтенштајн, учениците можат да изберат или да се насочат во различни видови на понуда на училишта од самиот почеток или пред крајот на нижото средно образование. Иако учениците во Германија посетуваат различни училишта, тие следат целосно компатибилни курикулуми за првите две години, така што изборот на соодветната насока што ќе ја изучуваат може да се одложи. Во Холандија учениците следат заеднички коркурикулум обично во првите две години во ВМБО (VMBO – претстручно средно образование) и три години во HAVO и VWO (предуниверзитетско образование односно високо општо средно образование). Иако неговото ниво варира во зависност од видот на конкретното училиште, тој ги специфицира минимумот вештини што треба да ги стекнат сите ученици (извор: Eurydice, Key data on education in Europe 2005/ Fig.B1).
Кои се податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на демографските трендови
Според податоците на ДЗС, основното образование се соочува со структурни предизвици од долгогодишните демографски трендови на намален наталитет и зголемена миграција на населението. Имено, бројот на ученици од 2000 година досега е намален за 28 отсто, додека бројот на наставници во истиот период е зголемен за повеќе од 46 отсто. Просечниот однос наставник-ученик, кој пред две и пол децении изнесувал 17 ученици по наставник, денес изнесува 11,4 ученици по наставник и е понизок од просекот во земјите членки на Европската Унија (13 ученици по наставник).
Кои се административните податоци на МОН во однос на училишната мрежа
Според административните податоци на МОН, подрачните училишта сочинуваат околу 60 отсто од вкупниот број училишта во мрежата, но во нив учат само 12 проценти од учениците. Од друга страна, 88 отсто од учениците (приближно 153.000) посетуваат настава во 353 централни училишта, а 12 отсто од учениците (помалку од 20.000) посетуваат настава во 518 подрачни училишта. Понатаму, податоците покажуваат дека две третини од централните училишта (219) држат настава во две смени.
Колку училиштата се по мера на детето, од истражувањето на меѓународните институции?
Моите согледувања и констатации и користење на истражувањата на меѓународните институции од страна на УНИЦЕФ, поткрепени со референците од Светската банка, Европската комисија, ОЕЦД и други, укажуваат дека учениците до крајот на основното образование имаат 900 часа помалку настава од просекот на учениците низ земјите на ОЕЦД. Училиштата што држат настава во две смени немаат просторни услови за зголемување на училишниот ден, но во некои училишта просторните услови се ограничени и поради големиот број паралелки со мал број ученици. Просечниот број на ученици по наставник во третина од општините е меѓу 5 и 10, само 12 општини (15 отсто) го исполнуваат законскиот услов од минимум 20 ученици во паралелка, додека повеќето општини се со просечна големина на паралелките од 6 до 15 ученици.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
продолжува

































