ВОСПИТАНИЕТО – ГЛАВНА КОМПОНЕНТА ШТО НЕДОСТИГА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО (2)
Многубројни се пријавите за насилство (булинг) во училиштата. Дека се загрижувачки состојбите во училиштата со обемот на насилствата говори податокот дека само од почетокот на учебната година, односно во три месеци, имало 15 пријави за насилства. Истото тоа го потврдуваат и голем број истражувања, меѓу кои и тоа на народниот правобранител. Во 2023 година стигнале 17 претставки за насилство, од кои со исклучок на една, сите биле во основното образование. Најчесто биле испраќани од родители на деца жртви. кои покажаа дека основците се најпогодени, при што речиси половина од нив изјавиле дека биле жртви на некој вид насилство во училиштата. А оние што не пријавуваат? Бројот е далеку многу голем! Така, насилството е детектирано, независно дали се работи за физички напад, навреди, исмевање, изолација и слично. Треба да се реагира, но тука почнуваат проблемите.
Поконкретно, што е врсничкото насилство (булинг)?
Тоа е агресивно однесување преку кое некој намерно и континуирано му предизвикува психичка, физичка или социјална штета на друго лице. По пат на употреба на физичка сила, закани или навреди, лицето сторител на насилство, најчесто има цел да доминира или да покаже моќ над друга личност жртва т.е. да направи да се почувствува помалку моќна и беспомошна. Врсничкото насилство не е резултат само на индивидуалниот карактер. Ова однесување е под постојано влијание на околината и сите ние имаме одговорност да придонесеме за негово спречување. Со игнорирање влијаеме негативно, со зборување и поттикнување свесност за проблемот влијаеме позитивно.
Кога воспитанието недостига во образованието, се појавуваат кампањи на институции чија основна дејност не е воспитно-образовната работа
Кампањата на „Макпетрол“ – „Крени глас пријави насилство“, која се спроведува со одржување трибини со ученици, родители, разни активисти, е за поздравување. И со право кампањата е наречена општествена одговорност. Педагошката служба што е во рамките на Министерството за образование и наука (МОН) на својата веб-страница повикува да се пријави насилство. Теоретско добро средено, но што покажува практиката? За пример ја пренесуваме изјавата на родителот што пријавил во МОН: „Откако се спротивставило на навредите од професор/ка (како што направило), за неговото дете сѐ тргнало на полошо. По тој настан неговото дете е изолирано од речиси целиот клас, вклучително и од професорите, и залудни биле нивните обиди да најдат решение со разговори во училиштето“. Или по доставено барање бр.09/2-616 од 7.5.2024 година од страна на родител до Државниот просветен инспекторат, за вршење насилство во едно скопско основно училиште. Државниот просветен инспектор П.A. од извршениот вонреден инспекциски надзор доставува известување до родителот по барањето, кој следува: „Во врска по вашето барање бр.09/2-616 од 7.5.2024 г. Ви го доставувам следното: Наводите во вашето барање не се во доменот на работата на Државниот просветен инспекторат, за истото можете (треба) да се обратите до оснoвачот на училиштето-општината на која гравитира истото, општина Аеродром и Министерството за труд и социјална политика-меѓуопштинскиот центар за социјална работа“… Ваквата непрофесионална и незаконска постапка на инспекторот е спротивна на Законот за инспекциски надзор, Законот за просветна инспекција и Законот за основно образование! Должност е на Државниот просветен инспекторат, во конкретниот случај на инспекторот, да постапи во согласност со надлежноста по Законот за основно образование (ЗOО), и тоа во делот Заштита на интегритетот на учениците по член 65 став 1 каде што „секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинство, како и Конвенцијата за правата на детето и став 2 од истиот член (65). Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него“. И во членот 66 од ЗOО, и тоа во: Спречување на насилство врз учениците, во ставот 1 од член (66) стои дека: „Директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон“, во став 2 од истиот член (66) стои: „Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт…“. Во случај ако има дел од надлежност на друга институција, инспекторот е должен да ја испрати претставката до конкретната институција, а не да ја игнорира претставката и да го насочува поднесувачот на претставката да ја бара правдата низ институциите. Па така, родителите се принудени да ангажираат адвокат и адвокатот по писмен допис да го запознава ова скопско основно училиште, кое се оградило од преземање какви било дејствија и постапки. Пасивниот однос на надлежните во училиштето ескалира до настан при што учениците од IX-3 одделение во училиштето во кое учи малолетната А.К., во континуитет од десетина дена наназад да ја наведуваат и провоцираат на самоубиство на следниот начин: „На ден 8.2.2024 г. околу 15.30 часот, дел од учениците и претседателот на одделението, малолетната М.Џ., заедно со малолетните Ф.Н. и А.Ф. ги повикуваат другите одделенија на бојкот со влегување во училницата на IX-1 каде што учи малолетната А.К., најпрво М.Џ. ја удира со шише, потоа ја турка кон отворениот прозорец со зборовите: ’Ајде ма скокај како дечкото од Корчагин, он имаше проблем со еден наставник, а ти со сите‘“. Предметот е во ОЈО-Скопје. Скопското основно училиште што презело?!
Книгата „Булинг во основното училиште“ од Александра Кочовска, средношколка во средното медицинско училиште – фармацевтска насока, во Скопје
На 16.12.2024 година, од страна на родителите на Александра Кочовска и Александра, имав чест да ја добијам книгата „Булинг во основното училиште“ и се запознав со врсничкото насилство низ призмата на 14-годишната тинејџерка. А со благослов на родителите и Александра ми беше дозволено да биде поместена во моето натамошно пишување.
Романот „Булинг во основното училиште“ е прв подолг прозен текст на авторката Александра Кочовска, која може да се претстави и со своите поетски остварувања – збирките поезија „Мојот свет“ и „Неспокој“, истакнува Орце Икономов, кој дава приод кон делото: „Дејството на романот ’Булинг во основното училиште‘ се случува во едно скопско основно училиште. Низ содржината на детскиот роман, авторката Александра Кочовска нѐ запознава со повеќе настани во кои доаѓа до ескалирање во сензитивните односи меѓу врсниците, наставниците и пошироко, меѓу родителите на учениците од скопското основно училиште. Посебно место во романот заземаат ликовите на педагогот Фана и класната Салтирова, кои во присуство на соучениците на Лина го виктимизираат ова 14-годишно девојче. Иако изгледа како да е сѐ измислено, сепак во сказната на Александра Кочовска сите основни нишки се врзани за реалниот свет и секојдневниот живот на Лина. И покрај несаканите случувања, Лина успева да ги прекине барикадите на насилството, таа води дневник каде што хронолошки го опишува секој училиштен ден во текот на двете учебни години. Со искри на краткотрајна радост сликовито е опишана и детската тага што го тишти главниот јунак. Преку романот ’Булинг во основното училиште‘, авторката Александра Кочовска ја буди свеста кај читателот за проблемот во училиштата, кој долго се игнорира. Крајот на романот е отворен, како приказната да не е завршена, затоа што врсничкото насилство сѐ уште е тука“.
Изјава на авторката Александра Кочовска
Врсничкото насилство е тука…
„Поради мојата вистинска приказна, доживеав низа неправди, искрено се гордеам, говорам во името на илјадници жртви на булинг, деца отфрлени во општеството, скршени како безвредно парче стакло, деца без право на детство.
Врсничкото насилство зема сè поголем замав во нашето општество. Трите месеци на летниот распуст летнаа… Булингот е сè уште тука. Воопшто не е важно колку години имаш, кое одделение си кога ќе се потсетиш на училишните искуства, на многубројните стресни ситуации во училишниот простор.
Тука се училишните служби, пријавуваш насилство, никого мува не го лази… А ти стравуваш која глупост и опасност те очекува утре. Веќе ти е доста од озборување, ширење лаги, исмевање, уништување твои лични предмети. Секако, не ти се оди на училиште! Неоправданото правење разлики по национална припадност е многу често. Ти си католик, затоа си секташка, наркоманка, луда, а твојата најдобра другарка, која е Албанка, е неписмена забулена шиптарка!
До кога? До кога ќе се молчи во општеството? Кој ќе ја залечи повредата на приватноста на овие деца? Никој, апсолутно никој не го засега туѓата болка, затоа биди одговорен пред самиот себе, насилникот само се прикажува како моќен, а всушност тоа е дете незадоволно од себе, кое стои на работ на бездна.
Немој да молчиш, не си сам, нè има и премногу во оваа мала држава. Јас сум една од вас, го кренав својот глас против булингот со моето дело романот „Булинг во основното училиште“. Поради мојата вистинска приказна доживеав низа неправди, искрено се гордеам, говорам во името на илјадници жртви на булинг, деца отфрлени во општеството, скршени како безвредно парче стакло, деца без право на детство.
Да се прашаме, каде се младите?! Веќе си заминаа во туѓина со билет во еден правец. Тие што останаа, се шуткаат по билингвалните паралелки со цел да избегаат од земјата каде што моќниот надвладува. Секој па дури и дете“.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
(продолжува: Што може да направи училиштето)
Зошто серијал за воспитувањето како интегрален дел од образовниот процес?
Како човек што подолго време работи во сферата на образованието и за образованието, како и од многубројните педагошко-психолошки и социолошки истражувања, дојдов до констатација дека и во сегашните современи услови на живеење и дејствување, наставникот и понатаму е во фокусот на интересирањето, анализирањето и проучувањето во согласност со современите тенденции, предизвици и потреби. Во контекст на изнесеното треба да напоменам дека наставникот, како субјект и партнер во едукациските процеси, со наобразбата, знаењата, способностите, особините, вештините и поведението, е значаен и воспитен пример за младите генерации. Учениците гледаат на него не само како на образец, туку и како на трет родител, а сето тоа ги потврдува улогата и функцијата на наставникот. Во овој прилог сакам да напоменам дека наставникот, во текот на својата интеракција со учениците, ја презема „штафетната палка“ (улогата и функцијата на родителите) и дава свој придонес и за родителите на децата, односно за современото семејство, кое сѐ повеќе и повеќе е пред предизвици и кризи што бараат учество на наставниците, педагошко-психолошките служби и училиштето како едукативна институција. Во врска со изнесените ставови и видувања на теоретичарите и истражувачите за улогата на наставникот во наставата помеѓу теоријата и практиката треба да напоменам дека во литературата и периодиката од одреден број акциски истражувања (помеѓу теоријата и практиката) постојат искажувања, видувања и мислења на наставниците за значајните прашања во воспитно-образовната наставна работа. Во тој контекст, чувствувам силна потреба и обврска, во името на широк дел од јавноста, да образложам што значи воспитната компонента во образованието, како интегрален и неотуѓив дел од еден воспитно-образовен процес, чија главна цел е формирање психофизички здрави личности, морално и етички свесни за своето опкружување и заедницата, подготвени во сите сегменти на своето дејствување да ја унапредат и да придонесат кон сеопштиот просперитет и благосостојба.
Од авторот на анализата