Време за дарување

Времето се дефинира како движење по една бесконечна линија со континуитет или дисконтинуитет слично на постанокот на вселената. Луѓето знаат колку е часот благодарение на соодветни мерни инструменти, но немаат соодветна дефиниција за овој феномен. Од минатата година и минатиот празничен период, па сѐ до овој што ни наближува, феноменот време може да го објасниме надолго и нашироко со вклучени сеќавања и настани од различен вид. Но едновремено, таа бесконечна линија со сите забележани минати настани можеме да ја ставиме во едно кутиче од кибрит. Ова е наједноставна споредба бидејќи денес во чиповите може да се стават бесконечно многу содржини. При евоцирањето на некои настани што се случиле во минатата година, најчесто во муабетот се изговара „кога помина“ или „како да се случи вчера“.
Ама, ете, таа бесконечна линија човекот упорно се обидувал да ја „скроти“ со календар и мерни инструменти, кои донекаде овој феномен го ставаат под некаков статус на поимање и прифаќање. Тоа е начин за разубавување на она што изминало и она што доаѓа кога веќе не е во состојба времето да биде „запрено“ во неговиот и тивок и бурен тек.
И, ете, стасавме до периодот кога големиот дел од екумената го доживува или би требало да се радува на содржините што во човечката природа треба да бидат дежурна доблесна карактеристика – време на радост, насмевки и дарувања. Зборуваме за временски период, а не конкретно за празниците, кои се посебен стимул и феномен за опсервација и опис. Зборуваме за едно магично чувство кај сите категории луѓе и обид за целосна комуникација со Небото и со самите себе.
Ниту сите се господинот Скруџ од легендарната „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс, ниту во своите духовни содржини и верувања во сите верски конфесии го протежираат злото како симбол. Напротив, во сите „свети книги“ постојат методи и совети со поуки за заштита на човечкиот здрав дух во кој нема место за прегрешенија и гревови. Таму од него како суштество што размислува се бараат милост, разбирање, убав збор и утеха за сите оние што не успеале во обидот да си обезбедат достоен живот за себе и семејството. Ги претвора во сурови ѕверови што понижуваат и уништуваат од сопствената сорта. Ги уништуваат сите што не се „посреќиле“ во обидот да кренат глава од бедата во која се нашле.

Дарувањето не треба да биде милост ниту атрактивен настап за пред јавност. Во суштина, подобро е и да не се практикува. Во тој случај, луѓето се избориле за сопствена гордост што е всушност една апстрактна или виртуелна појава слична на приказните од бајките „сите среќни и весели до крајот на животот“ или сѐ уште сонуваат за тоа. Има една порака што зборува за крајности во методите да се стане богат кога конкуренцијата не е здрава. Таа порака ја упатил шеф на една од корпорациите за производство на газиран производ кон конкурентот, кој патем му бил близок роднина.
„Ако го видам да се дави, во устата ќе му истурам течност од мојот производ за давењето да биде поефикасно!“
Периодот пред Божиќ и Нова година е како создаден за дарување. За топлината на чинот, ќе се погрижат стотици Дедо Мразовци со ѕвонци во рацете повикувајќи ги минувачите да ја разбудат својата совест и да подарат нешто за луѓето што на овој или оној начин се ставиле во положба на суштества на кои им е потребна помош. Односите во општеството се мошне сложени, а пороците ѓаволски се смеат од зад секој агол и доминираат врз скромноста и кроткоста на доблестите. Луѓето можат да погрешат, но често се случува и да им е згрешено. Едноставно, да им биде нанесена неправда. Кога сме кај дедовците со црвена руба, тие се далеку од совршени. Човечки суштества со слабости. Така, дел од добиените средства ќе останат во нивните длабоки џебови. Тука ревизори и книговодство не постојат. Но којзнае? Можеби зад многу од тие црвени руби се крие некој очајник што прави свесно грев за да се „снајде“.
Како и да е, време е за празнувања. Визуелноста атакува врз нашите очи. Празничен амбиент. Насекаде сјај, богати понуди, метеж, очекувања. Туристички агенции со понуди што за оние со длабок џеб се повеќе од атракција. Гламур налик на холивудските филмови. За мнозина, тага, скромна софра, згасната печка, неплатени сметки, кошмарен сон. Кому како му е пишано, велат старите. Арно ама, многу нешта ние и самите си ги пишуваме.
Од холивудските филмови гламурот се пресели на улиците и плоштадите. Од Дикенс и неговиот мистер Скруџ, десетина пати се снимани римејк-филмови за периодот на дарување. Пред него, библиски приказни што советуваат и влијаат врз совеста на луѓето. Грдо е да се каже, но обесправените чекаат милост од оние што ги исполниле своите соништа.
Песната за малиот тапанар и вдовицата зборува за суштинската вредност на дарувањето. На денот на раѓањето на Исус Христос, мудреците го повикале малиот тапанар да свири на својот инструмент. Кутриот, немал што да подари, па изјавил дека ќе свири најдобро што умее за да го поздрави рождеството. Едновремено на настанот била присутна и една вдовица. Бидејќи било време за дарување, таа ги дала своите последни две парички.

„Овој мал тапанар и вдовицата со мали дечиња подариле многу повеќе од сите присутни на чинот на моето рождество. Богатите дадоа од нивниот вишок оставајќи и за себе, а малиот тапанар го понуди своето тапанче од кое живее и музиката што го опеа овој чин. Вдовицата, пак, даде сѐ што имаше жртвувајќи го семејството. Тоа е дарување!“
Ова биле зборовите на Исус кога израснал во млад човек.
Ова наше време во кое човекот сосема подзаборави на изворните вредности и кога душата му ја продаде на господинот Профит препуштајќи им се сѐ повеќе на хедонизмот и пороците, копнее по темелите на сопственото постоење и патеката по која треба да чекори за да остане приземен. Да, тој треба да тежнее кон успеси на професионален план за да биде корисен член на општеството, но не треба да заборави ни на сопствениот духовен свет во кој треба да има место за човечките особини. Дарувањето да не биде само чин за пред јавност туку внатрешна потреба и желба на карактерот. Милоста да не биде потценување туку мил збор со вистинска вредност. Секогаш ќе има луѓе што имаат потреба од подадена рака, секогаш ќе има и луѓе што имале, но загубиле сѐ во лавиринтите на сопствената себичност и ароганција. За нив ќе биде уште потешко доколку ги следи еврејската поговорка „да имаш, па да немаш“.
Дебелкото во црвена руба од Раваниеми и Лантантантури – Лапонија, на својата санка треба да понесе дар што не е вообичаен. Да, тој дар секако ќе ги израдува детските душички. Исто така, ќе биде мелем на рана и за возрасните, кои заборавија на својата сериозност, одговорност и на слепилото со кое се обземени. Во време на дарување, тие треба да заборават на налудничавоста што ја практикуваат. Ѕвездената прашина од неговите дланки треба да падне врз сите оние подрачја на кои се пролева нечија крв. Човештвото бара ново просветлување. Тој дар е мирот за кој сонуваат човечките суштества.
На крајот да ја пренесеме молбата на една мајка. Таа се заблагодарува за помошта што ја добила од добрите дарители, но тоа нема да ѝ помогне многу бидејќи итно ѝ се неопходни парични средства за да купи инхалатор за болното чедо.
Дарувањето нека биде соодветно на потребите, нели?

Љубомир Јованоски