Американскиот државен секретар Антони Блинкен беше во право што ги предупреди Израелците минатата недела, инсистирајќи да нема „насилно раселување на Палестинците од Газа. Не сега, не по војната“. Тој треба да оди понатаму и да повика на итен прекин на огнот. Мора да заврши опсадата на Газа и да се дозволи во Појасот Газа да тече континуирана хуманитарна помош без ограничувања. Тоа мора да се направи во име на основните човекови права. Но тоа треба да се направи и за да се избегне уште поголема катастрофа
Вода? Леб? Тоа беа прашањата на усните на секое дете што го сретнав во Газа минатата недела кога посетив едно од засолништата на УНРВА во Рафах. Јас бев првиот висок функционер на ОН што влезе во Газа од 7 октомври, денот кога милитантите на Хамас убија повеќе од 1.400 израелски цивили. За повеќе од 30 години работа во конфликтните зони, мојата средба со овие очајни деца беше една од најтажните во мојата кариера.
Никогаш нема да ги заборавам лицата на децата. Додека ги слушав нивните приказни, постојано морав да се потсетувам дека сме во училиште што е претворено во засолниште – место што во мирно време е место за учење, смеа и за игра. Министерството за здравство во Газа известува дека повеќе од 4.000 цивили убиени во оваа војна биле деца. Овој едномесечен биланс е поголем од бројот на убиени деца во сите конфликти низ светот во која било конкретна година од 2019 година.
Надвор од засолништето, светот станува многу мрачен за Палестинците во Газа. Поради тековната опсада, нема храна, вода, лекови или гориво. Пазарите се речиси празни. Протокот на помош што пристигнува со камиони преку Рафах е многу помал отколку што е потребно. Општинските служби пропаѓаат. Канализацијата ги полни улиците. Луѓето стојат во редици по пекарниците со часови. Наскоро ќе пристигне зимата и многумина може да се соочат со глад.
Бидејќи градот Газа е опколен, израелските одбранбени сили им даваат инструкции на оние цивили што сè уште остануваат да се преселат во јужните делови на Појасот Газа. Но и таму не се безбедни. Повеќе од 700.000 луѓе сега живеат во околу 150 згради на УНРВА низ Појасот Газа. Како што пишувам, речиси 50 од овие згради претрпеле оштетувања, а некои се директно погодени. Деведесет и девет колеги од УНРВА се убиени.
За многу Палестинци овој егзодус потсетува на првобитното раселување на повеќе од 700.000 луѓе од нивните градови и села во 1948 година, познато и како накба („катастрофа“ на арапски). Тие читаа приказни за објавената бела книга на израелската влада во која се сугерираше дека ќе бидат протерани на Синај. Нивните стравови се зголемуваат кога слушаат како израелските политичари и други ги нарекуваат луѓето во Газа како „човечки животни“ и „терористи“ или повикуваат на „бришење на Газа и нејзиниот народ“ – дехуманизирачки јазик што мислев дека нема да го слушнам во 21 век.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен беше во право што ги предупреди Израелците минатата недела, инсистирајќи да нема „насилно раселување на Палестинците од Газа. Не сега, не по војната“. Тој треба да оди понатаму и да повика на итен прекин на огнот. Мора да заврши опсадата на Газа и да се дозволи во Појасот Газа да тече континуирана хуманитарна помош без ограничувања.
Тоа мора да се направи во име на основните човекови права. Но тоа треба да се направи и за да се избегне уште поголема катастрофа. Колективната казна што им е изречена на цивилите во Газа се проширува и на Западниот Брег, каде што луѓето беа принудени да ја напуштат својата земја или, уште полошо, без друга причина освен тоа што се Палестинци. Тоа ризикува да ја прошири војната и да го запали целиот Блиски Исток.
Сегашниот курс што го избраа израелските власти нема да донесе мир и стабилност како што сакаат и заслужуваат и Израелците и Палестинците. Срамнувањето цели населби со земја не е одговор за огромните злосторства извршени од Хамас. Напротив, тоа создава нова генерација оштетени Палестинци, кои најверојатно ќе го продолжат циклусот на насилство. Масакрот едноставно мора да престане.
Филип Лазарини е генерален комесар на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА)