ОКТА ЈА ПОДАРИЈА ИЛИ ЈА ПРОДАДОА!?
- Време е за одлуки, не за нас, туку за нашите деца! Но тие одлуки не смеат да се сведат само на чекање на Европската Унија. Да, европското право нуди рамка – конкуренција, ограничување на монополите, отворање на пазарот… Но суверенитетот не се враќа со членство, туку со волја. Затоа што ако работите останат како што се денес – овој модел нема крај. Договорите се долгорочни, зависноста се продлабочува, а државата постепено ја губи можноста да влијае врз сопствената енергетска политика. Но Македонија не е без избор! Напротив!
„Ние не ја наследивме земјата од нашите предци
– ја позајмивме од нашите деца“,
Голда Меир, поранешна
премиерка на Израел
Оваа мисла можеби најдобро ја објаснува тежината на одлуките што државите ги носат во клучни моменти. Некои од тие одлуки не се чувствуваат веднаш, но нивните последици траат со генерации. Македонската приватизација беше токму таков пример – процес што формално требаше да создаде пазарна економија, а суштински во вториот бран доведе до распродавање на државните темели. Во првата фаза, државата барем формално се обидуваше да задржи контрола врз стратешките ресурси. Но во втората фаза (онаа неоколонијалната, инспирирана и спроведена од неоврховистите и необолшевиците), во периодот 1998–2006 година, се случи пресврт што и денес ја дефинира економската реалност на земјата. Тогаш, под превезот на „реформи“ и „стратешки инвестиции“, државата почна да ги продава токму оние системи што ниту една сериозна држава не ги препушта целосно на пазарот: ОКТА (рафинеријата) – единствениот капацитет за преработка на нафта (продадена во 1999 година), „Македонски телеком“ – клучната телекомуникациска инфраструктура (приватизација во 2000–2001 година), делови од електроенергетскиот сектор (дистрибуција – подоцна ЕСМ/ЕВН модел) (процес започнат 2001–2002, финализиран 2006 година), трговски и дистрибутивни мрежи (1999–2002 година). Ова не беа обични компании. Ова беа системи. Наместо постепена трансформација, Македонија влезе во процес на брза и често непромислена приватизација, во која краткорочните буџетски приходи имаа предност пред долгорочниот државен интерес.
Тоа не беше само економска политика. Тоа беше политичка одлука со далекосежни последици: контролата врз клучните економски системи се префрли од државата кон приватни, најчесто странски субјекти, а и држави!
И токму затоа денес не зборуваме само за приватизацијата како процес туку за нејзините последици. Затоа што кога една држава ќе ги продаде: енергијата, комуникациите и финансискиот систем, таа не губи само сопственост. Таа губи контрола!
И на крајот – губи дел од својот суверенитет. Државата станува колонија, а граѓаните – потчинети поданици на туѓи интереси.
ОКТА – КОГА ПРИВАТИЗАЦИЈАТА СТАНУВА ПРАШАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКИ СУВЕРЕНИТЕТ
Постојат приватизации што ја менуваат економијата на една држава. Но постојат и приватизации што ја менуваат нејзината стратешка позиција. Приватизацијата на рафинеријата ОКТА (О – организација, К – користење, Т – течни, А – горива/нафта – во контекст на дејноста, име што потекнува од времето на Југославија, кога претпријатијата често имале вакви функционални називи поврзани со нивната дејност) во 1999 година спаѓа токму во таа категорија. Во времето кога беше продадена единствената македонска рафинерија, јавноста слушаше за инвестиции, модернизација и нов индустриски циклус. Дваесет и пет години подоцна, реалноста е поинаква: Македонија нема активна рафинерија, нема сопствено производство на деривати и целосно зависи од увоз на гориво. Прашањето што денес неизбежно се поставува е едноставно: дали Македонија тогаш продаде индустриски капацитет – или продаде дел од својата енергетска автономија?
ОКТА беше изградена во 1982 година како еден од најголемите индустриски капацитети во Македонија. Со капацитет од околу 2,5 милиони тони сурова нафта годишно, рафинеријата беше планирана не само да го задоволи домашниот пазар туку и да игра регионална улога во снабдувањето со деривати. Рафинеријата требаше да биде индустриски столб! Тоа беше време кога државите инвестираа во енергетска инфраструктура со јасна стратешка логика: контролата врз енергијата значи економска стабилност. По независноста на Македонија, рафинеријата остана во државна сопственост. Но економската транзиција во 1998 г. донесе нова парадигма: големите индустриски капацитети треба да се приватизираат и да донесат инвестиции?! Па така, во 1999 година македонската влада ѝ продаде 54,19 отсто од ОКТА на грчката компанија „Хеленик петролеум“. Продажната цена беше околу 32 милиони долари, со обврска инвеститорот да вложи околу 150 милиони долари. Во тој момент, продажбата беше претставена како „стратешко партнерство“. Главниот аргумент беше дека државата нема средства да ја модернизира рафинеријата. Странскиот инвеститор, пак, ќе донесел технологија, капитал и регионално поврзување на енергетските пазари. Клучниот проект беше нафтоводот Солун–Скопје, долг околу 213 километри, кој требаше да обезбеди директен транспорт на сурова нафта од солунското пристаниште до рафинеријата. Но уште тогаш се појавија дилеми. Како е можно рафинерија со таков капацитет, инфраструктура и регионален потенцијал да биде продадена за цена што во меѓународната енергетска индустрија едвај би покрила дел од изградбата на еден современ индустриски комплекс?
Неколку години по приватизацијата, оптимистичката приказна почна да се распаѓа. Инвеститорот поведе меѓународна арбитража против Македонија, тврдејќи дека промените во регулативата за нафтени деривати му нанеле финансиска штета. Спорот се однесуваше на: методологијата за формирање на цените, даночните правила, регулативата на пазарот на горива. Во 2007 година, македонската влада реши да го затвори спорот со спогодба вредна околу 40 милиони евра. Тоа значеше дека државата – односно граѓаните – мораа да платат значителна сума за да се „избегне“ уште поголема арбитражна пресуда. Иронијата беше очигледна: државата продаде рафинерија за 32 милиони долари, а неколку години подоцна плати 40 милиони евра за да затвори спор поврзан со тој договор. Во 2013 година, рафинеријата практично престана со класична преработка на сурова нафта. Спротивно на првичниот договор и обврските од истиот тој!!! Наместо индустриски производствен капацитет, ОКТА се трансформираше во логистички терминал за складирање и дистрибуција на деривати.
Енергијата не е само економија. Таа е и политика, и безбедност, и геополитика. Земја што нема сопствено производство на гориво е поранлива на регионални кризи, на пазарни шокови и на геополитички притисоци.
СКРИЕНИОТ МОНОПОЛ
Со договорот за ОКТА, инвеститорот „Хеленик петролеум“ не доби само сопственост во рафинеријата туку и повластена, практично ексклузивна позиција во снабдувањето со сурова нафта и деривати. Тоа значеше дека увозот на нафта во Македонија беше врзан за инфраструктурата што ја контролира ОКТА – пред сè нафтоводот Солун–Скопје и складишните капацитети. Во пракса, ова создаде ситуација во која: другите компании имаа ограничен или поскап пристап до пазарот, логистиката на снабдување беше концентрирана кај еден оператор, пазарот на горива зависеше од условите поставени од инвеститорот.
Иако формално можеби не постоеше апсолутна забрана за увоз од други субјекти, економските и инфраструктурните услови беа такви што создаваа де факто доминантна позиција.
Токму затоа критиките не беа само политички туку и економски: договорот не создаде класична конкуренција, туку структура во која еден играч има системска предност. И во енергетиката, таквата предност не значи само пазарна моќ – туку и влијание врз цените, снабдувањето и енергетската безбедност на државата. ОКТА од 1998 г., па до денес е дел од „Хеленик петролеум“, компанија во која околу 45–47 отсто од приватниот капитал поседува „Латсис груп“, околу 35 отсто грчката држава, а остатокот е во рацете на други инвеститори.
Треба да напоменеме дека приватизацијата, пак, на „Хеленик петролеум“ започнува во доцните 1990-ти години како дел од пошироката стратегија на грчката држава за либерализација на енергетскиот сектор. Во периодот 1998–2003 година, државата постепено го намалува својот удел преку продажба на акции и отворање на компанијата кон приватен капитал и берзански инвеститори. Истовремено, компанијата започнува агресивна регионална експанзија – токму во тој контекст се случува и купувањето на ОКТА во 1999 година. Со други зборови, аквизицијата на македонската рафинерија не е изолиран настан, туку дел од поширока стратегија: трансформација на „Хеленик петролеум“ од национална во регионална енергетска компанија. Подоцна, во текот на 2000-тите и 2010-тите, се зајакнува улогата на приватниот капитал (особено „Латсис груп“), додека државата го намалува директното учество, но задржува значајно влијание. Ова значи дека приватизацијата и купувањето на ОКТА се дел од ист процес – проширување на еден енергетски систем надвор од националните граници и преземање контрола врз клучна инфраструктура во регионот.
КОЈ ЈА ФОРМИРА ЦЕНАТА НА НАФТЕНИТЕ ДЕРИВАТИ ВО МАКЕДОНИЈА?
Формално, цените ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на методологија што ги зема предвид светските цени на нафтата (берзански котации), курсот на доларот и трошоците за транспорт, складирање и трговија. Тоа значи дека ОКТА не ја определува директно цената на горивата. Но нејзината улога не е занемарлива. Како клучен оператор во логистиката – со контрола врз складишните капацитети и дел од транспортната инфраструктура – таа влијае врз дел од трошоците што влегуваат во конечната цена. Во таков систем, иако формално нема ценовен монопол, структурната позиција на ОКТА индиректно влијае врз пазарот, бидејќи секој учесник мора да ги вклучи тие трошоци во сопствената цена. Токму затоа, прашањето не е само кој ја одредува цената – туку кој ја контролира структурата на пазарот што ја формира таа цена.
ДАЛИ ДОГОВОРОТ СО ОКТА БИ БИЛ ПРОБЛЕМ СПОРЕД ПРАВОТО НА ЕУ?
Ако Македонија беше членка на ЕУ во моментот на потпишување на договорот, неговите клучни одредби би биле сериозно преиспитани според правото на конкуренција на Европската Унија. Клучните правила се: членот 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија (Treaty on the Functioning of the European Union) забранува договори што ја ограничуваат конкуренцијата и членот 102 (Treaty on the Functioning of the European Union) забранува злоупотреба на доминантна позиција.
Договорот со ОКТА содржи елементи што можат да се толкуваат како:
1. Ограничување на конкуренцијата. Ако еден инвеститор добие ексклузивен или повластен пристап до увоз, контрола врз инфраструктурата (нафтовод, складишта). Тоа може да значи дека: другите компании не можат рамноправно да влезат на пазарот!
2. Доминантна позиција. Контролата врз увозот, логистиката и складирањето создава де факто доминантна позиција. Во ЕУ, тоа не е само по себе незаконско – но станува проблем ако: се ограничува конкуренцијата, се влијае врз цените, се создава зависност на пазарот.
3. Државна помош (State Aid). Ако договорот му дава на инвеститорот ексклузивни права и повластени услови, тоа може да се смета за недозволена државна помош.
Се поставува едно неминовно прашање – што би направила ЕУ? Во ваков случај, Европската комисија би можела да побара измена на договорот, да наложи отворање на пазарот, да бара пристап до инфраструктурата за други компании, да санкционира монополска позиција. Договор што создава ексклузивна контрола врз енергетската инфраструктура и увозот, во рамките на Европската Унија би бил предмет на сериозна антимонополска постапка. Ако Македонија беше членка на ЕУ во 1999 година, договорот со ОКТА најверојатно немаше да биде дозволен во формата во која беше потпишан.
Се поставува едно неминовно прашање – што би направила ЕУ?
Во ваков случај, Европската комисија би можела да побара измена на договорот, да наложи отворање на пазарот, да бара пристап до инфраструктурата за други компании, да санкционира монополска позиција. И тоа не е теоретска можност – туку пракса.
Европската комисија во повеќе случаи интервенирала токму во енергетскиот сектор кога постоеле слични елементи на доминантна позиција и ограничување на конкуренцијата. Во случајот со „Газпром“, комисијата утврди дека компанијата ја злоупотребила својата позиција во Централна и Источна Европа преку контрола врз снабдувањето и ограничување на пазарот, по што наложи промена на договорите и отворање на пазарите. Во случајот со ЕНИ (Италија), компанијата беше санкционирана затоа што им го ограничувала пристапот до гасоводната инфраструктура на други оператори. Слично, во РВЕ (Германија), комисијата интервенираше поради контрола врз транспортните мрежи што создаваше бариери за конкуренција.
Овие случаи јасно покажуваат дека во Европската Унија, контролата врз енергетската инфраструктура не смее да се користи за ограничување на пазарот. Оттука, не е неосновано да се постави прашањето: дали случајот ОКТА е потенцијален предмет за Европската комисија? Ако Македонија стане членка на ЕУ, ваквите договорни односи – особено оние што создаваат структурна предност и ограничен пристап до пазарот – би можеле да бидат предмет на сериозна правна ревизија.
Но секоја таква постапка има и цена. Прашањето е кој ќе ја плати. Дали тоа ќе биде инвеститорот, преку приспособување на договорот и отворање на пазарот? Или државата – повторно, преку нови обврски, спогодби или потенцијални арбитражи? Искуството од минатото не остава многу простор за наивност. Во вакви случаи, цената ретко ја плаќаат компаниите – најчесто ја плаќаат државите. А кога државата плаќа, всушност плаќаат граѓаните. Затоа вистинското прашање не е само дали договорот е спорен според европското право. Туку дали Македонија е подготвена – политички и институционално – да ја отвори таа постапка и да ја сноси нејзината цена.
ВРЕМЕ Е ЗА ОДЛУКИ – НЕ ЗА НАС, ТУКУ ЗА НАШИТЕ ДЕЦА!!!
Но тие одлуки не смеат да се сведат само на чекање на Европската Унија. Да, европското право нуди рамка – конкуренција, ограничување на монополите, отворање на пазарот. Но суверенитетот не се враќа со членство, туку со волја.
Затоа што ако работите останат како што се денес – овој модел нема крај. Договорите се долгорочни, зависноста се продлабочува, а државата постепено ја губи можноста да влијае врз сопствената енергетска политика.
Но Македонија не е без избор. Напротив. Искуството од други држави покажува дека ваквите модели можат да се променат. Полска ја либерализираше енергетската инфраструктура и овозможи пристап за повеќе компании. Литванија изгради сопствен ЛНГ-терминал за да ја намали зависноста од еден снабдувач. Италија и Шпанија воведоа строги правила за пристап до енергетските мрежи, со што ја зајакнаа конкуренцијата и ја намалија концентрацијата на пазарот.
Тоа значи дека решението не е теоретско – туку практично и веќе применето. Државата има алатки: да ја отвори инфраструктурата за повеќе играчи, да воспостави вистинска конкуренција, да ја зајакне регулаторната контрола и да обезбеди диверзификација на снабдувањето. Има и ресурси – институционални, економски и политички – ако постои јасна стратегија.
Затоа што суверенитетот не е нешто што се добива еднаш. Тој се гради – или се губи. И токму затоа, прашањето повеќе не е што било договорено во минатото. Прашањето е дали денес се има храброст да се промени тоа.
Тони Менкиноски
































