Зошто барањето за една изборна единица, без изборен праг, е вовед во постојана политичка криза? „Берзата на пратеници е отворена“, жизнерадосно воскликна вечниот пратеник Павле Трајанов кога здружената опозиција го објави списокот со 61 пратеник и го најави новото парламентарно мнозинство. Нормално, демократската и критичката јавност оваа негова изјава ја дочека на нож, затоа што Македонија постојано страда од „берзански“ прекројувања на демократската волја на граѓаните, а на луѓето им се посебно огадени берзанските пратеници коишто постојано тргуваат со својот глас. Секогаш победник во берзанските наддавања е оној што ја поседува „моќта на ќесето“, односно парите, вработувањата и другите државни ресурси, со што коруптивно се „купуваат“ пратениците и нивниот глас (за волја на вистината, покрај коруптивното, кај нас работи и присилното „купување“, каде што се злоупотребува разузнавачкото, полициското, судското, обвинителското и мафијашкото подземје, со нивните познати „европски“ и „балкански“ методи на убедување).
Но, да појдеме од почеток… Во услови на пресериозна меѓудржавна кавга во Бугарија, на темелно преиспитување на Преспанскиот договор и неговите последици, на енергетска криза, на промена на владината постава по жестокиот пораз на локалните избори, одеднаш се наметнува и нова тема во јавноста. Низ медиумите проструи вест дека наводно малите партии што се дел од коалицијата на СДСМ ја условиле својата поддршка за новата влада на Димитар Ковачевски и „ја орочиле“ својата доверба до 15 април, рок до кога ќе треба да се изгласа измена на изборниот систем, па Македонија да стане една изборна единица, со пропорционален изборен модел, но без изборен праг. Да биде иронијата уште поголема, најголемиот дел од овие партии не излегол самостојно на избори со децении, а некои дури не се појавиле на избори од претходниот век. Дури и да запрашате некои од најинформираните граѓани кога и зошто биле формирани овие партии, тешко дека ќе добиете јасен и недвосмислен одговор. Не само тоа, туку и каква било изборна географија да се исцрта во Македонија и која било формула за пропорционално гласање да се избере наместо актуелниот Донтов количник, не постои начин повеќето од овие партии да добијат поддршка од избирачите и да влезат во Собранието.
Дури и агенциите за испитување на јавното мислење одамна не ги вбројуваат овие политички партии како избор за анкетираните граѓани, затоа што никој не ги спомнал со години.
Политичките партии се неопходна состојка на секоја демократија и правото на слободно здружување на граѓаните е загарантирано во секој демократски уставен поредок. Суштината на демократијата е дека партиите се цврсто вкоренети во општеството и уживаат јасна поддршка од граѓанството, чии интереси тие ги застапуваат. Се случува често многумина да се осмелат и да излезат со идеја за формирање нови политички субјекти, често расколите во политичките партии завршуваат со формирање нови политички движења, но на крајот граѓаните го имаат последниот збор за легитимирањето на една политичка опција. Затоа патот за изградба на нова политичка партија е стрмен, долг и мачен, а на тој пат од секоја страна демнат чудовишни ѕверки, бездни и лавини што се закануваат да го сотрат новото политичко движење во самиот зародок. Меѓутоа, опстануваат само оние политички партии што имаат јасна идеја и кои граѓаните ги препознаваат како самоникнати и автентични застапници на некои нови политички ветришта.
Од овие причини новото политичко движење, партијата „Левица“, може да ја оквалификуваме како политичка партија, во полна смисла на зборот политичка партија, и таа има иднина, доколку не се изгуби во политичките пазарења и особено доколку успее да ја внесе и да ја спроведе својата политичка програма во некоја идна владина коалиција каде што ќе се осмели да влезе. Меѓутоа, овој збир на вечни пратеници што сега ја уценува Владата со барањето за нов изборен модел, со една изборна единица и без изборен праг, не може да се нарече дека претставува какви било политички партии. Тие се остаток од некои поранешни времиња, од некои одамна заборавени политички судири и не претставуваат ама баш никого, но очигледно имаат исклучиво „берзанска“ цена во специфични моменти. „Берзата на пратеници“ проработува кога власта го губи демократскиот легитимитет, но одбива да излезе на избори затоа што знае дека поразот е и повеќе од извесен. Во такви моменти, како овој актуелниот, корупцијата цути, а доаѓа времето на „берзанските работници“ што умеат добро да го впаричат својот глас.
За несреќа, зад „берзата“ не стојат само пратениците што никого не претставуваат туку и дел од надворешните поддржувачи на актуелната влада и на нејзините погубни политики кон македонската државност и македонската сувереност. Тие се свесни дека демократската волја на македонските граѓани ќе произведе ново собрание, кое е против разнебитувањето на Македонија и кое ќе ѝ стави крај на распродажбата на националните интереси. Меѓутоа, избор на 120 пратеници, без изборен праг, може да внесе многу нови „берзански пратеници“ во Собранието, па во такви услови нови парламентарни мнозинства ќе се рециклираат од нови кастриоти и ним слични. Тоа е целта на овој предлог – вечно продолжување на политичката криза и вечна купопродажба на „берзанските пратеници“.
Токму од овие причини во демократските системи е измислен изборниот праг. Формирањето, растот и консолидирањето на една политичка партија се долг процес и секое ново политичко движење мора да го изоди долгиот пат низ институциите за да се стекне со демократскиот легитимитет, со практично знаење за управување со државата, но и за да се вкорени помеѓу граѓанството. Изборниот праг е одбрана на демократиите од екстремистите, популистите, политичарите за еднократна употреба, но и од „берзанските пратеници“. Изборниот праг е особено потребен кога законодавното тело ја избира извршната власт, како во Македонија, па се наметнува потребата од стабилни коалиции, составени од партии вкоренети во граѓанството, кои ги застапуваат изворните интереси на своите избирачи. Изборниот праг не е потребен онаму каде што избраните тела имаат само застапничка функција, како кај Европскиот парламент, на пример, па може да се експериментира и со претставување на некои маргинални групи.
Оттука, престанете да си играте со македонската државност и со македонската демократија. И досега секоја измена на изборниот модел во земјата била предмет на политички консензус и досега се внимавало да се најде баланс помеѓу политичката стабилност и застапеноста на разнородните интереси во Собранието. Доколку се пристапува кон промена на изборниот модел, тогаш една од првите точки што ќе треба да се решат е конечното затворање на „берзата на пратениците“ и испраќање на „берзанските пратеници“ на буништето на македонската демократија (таму тие имаат добро друштво, кое одамна ги чека). Барањето за нов изборен модел, со една избирачка единица и без изборен праг, е динамит во темелите на кревката македонска демократија. Во услови кога се бориме да си ја вратиме одземената македонска државност и да го укрепиме начнатиот македонски суверенитет, не смее да ја загрозиме и македонската демократија заради пазарџиските математики на „берзанските пратеници“ и чудовишните намери на некои надворешни играчи.