Вредноста на мирниот ум

Медитацијата има темна страна што често ја занемаруваме

Свесноста е вид медитација базирана на будизмот во која се фокусирате на тоа да бидете свесни за тоа што чувствувате, што мислите и што чувствувате во сегашниот момент

Медитацијата е клучот до среќата – би рекле некои. Некои луѓе не се согласуваат со тоа, но многумина сè уште ја практикуваат. Се верува дека медитацијата и патот до свесноста и неподеленото внимание се начини современиот човек да го смири умот и да стекне самоконтрола. Сепак, постојат некои сомнежи. Имено, постојат евидентирани докази, пронајдени во Индија, кои се стари повеќе од 1.500 години.
Дхарматата, свето писмо за медитација напишано од будистичка заедница, опишува различни практики и вклучува извештаи за симптоми на депресија и анксиозност што можат да се појават по медитацијата. Исто така, детално ги опишува когнитивните аномалии поврзани со епизоди на психоза, дисоцијација и деперсонализација. Сега, во последните осум години има пораст на научните истражувања во оваа област, а студиите покажуваат дека несаканите ефекти не се невообичаени.

Така, една студија од 2022 година, во која е користен примерок од 953 луѓе во САД што редовно медитирале, покажала дека повеќе од десет проценти од учесниците доживеале несакани ефекти, кои имале значително негативно влијание врз нивниот секојдневен живот и траеле најмалку еден месец. Според преглед на повеќе од 40 години истражување објавено во 2020 година, најчестите несакани ефекти се анксиозност и депресија. Ова е проследено со психотични или делузивни симптоми, дисоцијација или деперсонализација и страв. Истражувањето, исто така, откри дека несаканите ефекти може да се појават кај луѓе без претходни проблеми со менталното здравје, кај оние што имале само умерена изложеност на медитација и може да доведат до долгорочни симптоми.

Во 1976 година, Арнолд Лазарус, клучна фигура во движењето за когнитивно-бихејвиорална наука, рекол дека медитацијата, кога се користи неселективно, може да предизвика „сериозни психијатриски проблеми како што се депресија, агитација, па дури и шизофрена декомпензација“.
– Постојат докази дека внимателноста може да биде од корист за благосостојбата на луѓето. Проблемот е што обучувачите, видеата, апликациите и книгите за внимателност ретко ги предупредуваат луѓето за потенцијалните негативни ефекти – вели Мигел Фаријас, вонреден професор по експериментална психологија на Универзитетот „Ковентри“, за „Саенс алерт“.

Професорот по менаџмент и ракоположен будистички учител Роналд Пурсер во 2023 година напиша дека внимателноста станала еден вид „капиталистичка духовност“. Само во САД, медитацијата вреди 2,2 милијарди американски долари.

Џон Кабат-Зин, клучна фигура зад движењето за внимателност, во интервју за „Гардијан“ во 2017 година призна дека „90 проценти од истражувањата за позитивните ефекти се под просекот“, а во Америка дури постои и клиничка служба посветена на луѓе што доживеале акутни и долгорочни проблеми за време на медитацијата.

(политика.рс)