Настани, симболи, алузии
Еве ја денес Македонија распослана од времето на октоподот на Бранко Црвенковски до струшките бисери на Рамиз Мерко, новиот станар на американската црна листа. Од ТАТ, преку ОКТА, низ „Скопје 2014“, со „Рекет“ на Боки 13, со ликвидирано специјално обвинителство и распаднато (право)судство, преку „Бехтел и Енка“, низ никнењето на „Феникс“ од пепелта до американски црни листи. Низ овие криминогени колосеци се движи Република Северна Македонија кон Европската Унија, ако некогаш стигне до последната станица со сиот овој товар.
Наместо во рационална и национална борба за стабилизирање внатре и етаблирање спрема надвор, оваа убава земја, а лоша држава се одржува во живот низ политички афери, низ корупциски скандали, низ криминогени лавиринти во највисоките политички, економски, правни и други јавни сфери. Без разлика која партија или коалиција е на власт, кој ја составува Владата, кој е претседател на државата или претседател на Владата. Државата венее, а криминалот цути, без разлика на годишните времиња.
Сликите се повторуваат, разликите се во нијанси и во износите на ограбени пари, износи што растат вртоглаво. Различни се имињата на актерите, кои не познаваат и не признаваат партиска припадност, националност, боја на коса, род и пол, сексуална ориентација. Главно се тоа луѓе од политичкиот, економскиот и безбедносниот врв на државата. На истите тие, редовно и неизоставно, како покритие за криминалот, им се приклучени бизарни типови, мажи и жени, за кои човек се чуди од кое подземје се појавиле и како и зошто високите функционери дозволиле да им се залепат, да им станат интимуси, советници и придружници.
Овчарите се менуваат, овчото стадо запоставено, малтретирано, незадоволно, разочарано, со ниски плати и пензии, останува исто.
Не треба голема теориска расправа за да се докаже дека Македонија е држава (и општество) во долга криза со низок интензитет, во децениска неуспешна транзиција. Не е риба на суво, но е река без вода. Нема влада што не ја следи крупна афера, што не била подложна на криминал, мито и корупција, која помалку, која повеќе. Неколку примери со премиерите и со нивните генерални секретари покажуваат дека криминалот се развива и одржува во крвотокот, во церебралните виуги на самата власт. Таа болест никој не ја третира како сериозна пандемија што го има зафатено секој дел од државниот организам. Пандемија на криминал и политички неморал.
Секое општество живее на пишани и непишани закони, на општествен морал, на граѓански традиции и семејни вредности. Македонија како административна единица страда од нивен недостиг. Нема оваа држава политичари со морал, со совест, со срам и перде, нема политичари што имаат страв од Бога. Кога доаѓаат на функција не ставаат рака на Библија или Куран. Посладок е тендер во рака одошто Бог на небото. Сите бегаат од лична и морална одговорност, мијат раце како ништо да не било.
Врана на врана не копа очи. Врана дава тендер на друга врана.
Мотивот на миењето раце е еден од најсилните и надвор од религиската литература и претворен во високоподигната политичка дисциплина. „Не сум виновен јас, виновен е некој друг“ – речиси секогаш е изговор на некој што сторил нешто недозволено или казниво. Денес миењето раце е речиси нормална работа, такво е однесувањето, од врвот до дното и обратно, иако некои злодела не може да се измијат ни со оркански води. Некои филозофи и теолози велат дека миењето раце не е доволно за да се измие совеста од моралните грешки, чистотата на душата е нешто сосема подруго од чистотата на кожата.
Освен миењето раце, уште покарактеристично, во симболична смисла, е перењето мозоци, и тоа не само како домашен производ туку како светска мода. Класично правило: поголемиот му го пере мозокот на помалиот, посилниот на послабиот.
Перењето мозок, се разбира, не е медицинска операција, ниту постапка за која е потребно шампон. За остварување на таа цел се употребуваат перфидни техники на манипулации, преку вршење физички, социјален, психолошки, финансиски или некој друг вид притисок. Никнат како зелена трева експерти за такви потфати. Една од техниките е „продажбата на паника“‘ и застрашување на народот дека опстанокот на државата или нацијата е во опасност од предавници, терористи, комунисти, партизани, „учковци“, хомосексуалци, имигранти, емигранти и разни други анти. На тоа се надоврзува „историскиот ревизионизам“‘, преку што се извртуваат утврдени историски факти и се приспособуваат на светогледот на актуелната власт со што се проектира нова, научно климава историја.
Македонија не остана имуна на спојувањето на моќта со насилството, политичкото насилство (од 27 април па натаму) станува дозволиво и корисно, па на тој начин се менуваат закони, устави, а сѐ во име на демократијата, на заштитата на човековите права и слободите на изразувањето и на други општествени стандарди. Уште еден класичен пример: министер врши насилство врз Уставот, Уставот е немоќен пред насилството на министерот.
Во најавениот голем проект за преродба на македонското општество има повеќе апсурди одошто логика. Наместо да напредува образованието, се омаловажува. Се уриваат докажаните образовни програми и институции, на удар се интелектуалците и интелигенцијата. Се врши отворена или прикриена дискредитација на националните и државни институции, на судството, полицијата, армијата.
На поактивните лица што не се на линијата на режимот им се измислуваат афери или им се вадат на видело грешки од подалечното минато, макар и да ги немало во таков обем во каков што се прикажуваат во новиот облик. Се елиминираат способните, се форсираат некултивираните и безобѕирните и безобразните. Полни се владините канцеларии со такви недоучени и кадри без основни обуки за културно однесување.
Лагите се повторуваат по стопати сѐ додека не се поверува дека се вистини. Сето тоа создава конфузија кај луѓето, кои веќе не разликуваат што е добро, а што лошо.
Преку подвижната галерија на неморалот, низ пофалба на глупоста, може да се оквалификува политичката ситуација во Македонија. Како што минува времето во неа речиси сѐ изгледа безвредно, некорисно и, што е најстрашно, речиси непоправливо.