Со оглед на тоа што родовата еднаквост е прашање што заостанува зад другите цели поврзани со одржлив развој, од клучно значење е зголемување на бројот на жени што се избрани на лидерски функции во политиката. Притоа, за да може да се постигне значаен и траен напредок, неопходно е државите и филантропите да инвестираат во еманципирање на поголем број жени што ќе се стремат кон овие позиции.
Во Мексико штотуку беше избрана првата жена претседател, по една мошне некарактеристична изборна трка во која се натпреваруваа две жени, а во Националното собрание на Јужна Кореја неодамна исто така беа избрани и рекорден број жени. Но, иако овие резултати се добредојдени придобивки кога станува збор за родовата рамноправност, тие сепак се реткост. Доколку ја погледнеме пошироката слика, таа е обесхрабрувачка.
Да земеме како пример едни други неодамнешни избори. Триесет години по крајот на апартхејдот и по првите слободни избори – и покрај импресивните чекори што беа предводени од жени, а кои се однесуваа на родовата еднаквост во другите области – народот на Јужна Африка сè уште немаше шанса да избере жена за највисоката функција во земјата. Јужна Африка не е изолиран случај. На парламентарните избори во Португалија во март, 76 жени освоија пратенички места, што е помалку од претходните избори (85).
Иако повеќето од Јужноафриканците што излегоа на гласање минатата недела беа жени, сите големи партии во земјата и понатаму се предводени од мажи. Со оглед на тоа дека сме во суперизборна година – во која ќе гласа околу половина од светското население – сега, повеќе од било кога, се актуализираат прашањата за застапеноста и учеството на жените во јавниот живот. Сепак, во трите најголеми земји во кои има избори годинава (Индонезија, Индија и Соединетите Американски Држави), сите главни претенденти за највисоката функција беа мажи. Во Африка, каде што до крајот на годинава ќе има избори во вкупно 19 земји, најверојатно е дека жена ќе стане претседател само во една од нив: Намибија.
Нашите глобални цели и заложби поврзани со родовата еднаквост се доведени во опасност. Најновите податоци од Обединетите нации покажуваат дека, доколку се задржи сегашниов тренд, ќе бидат потребни 47 години пред жените да бидат рамноправно претставени во националните парламенти и во другите избрани тела. Тоа значи дека ќе поминат 41 година од крајниот рок за постигнување на целта за одржлив развој за родова еднаквост (СДГ 5).
Обезбедувањето на тоа дека жените имаат политичка моќ и дека се еднакво застапени во процесите на одлучување не е само морално исправно туку тоа, исто така, носи и практични придобивки. Кога жените заземаат позиции што значат лидерство во политиката, поверојатно е дека тие ќе ги потенцираат оние политики што имаат централно место во одржливиот развој – од овозможувањето пристап до безбедна вода за пиење до прифатлива грижа за децата. Дополнително, земјите што ги следат овие цели и се стремат кон родова еднаквост е поверојатно дека би се карактеризирале со посилна заштита на човековите права. Истражувањата дури и покажуваат дека севкупното економско работење се подобрува тогаш кога жените ги внесуваат своите уникатни искуства во креирањето политики.
Точно е дека во последниве години животот во поголемиот дел од светот е потурбулентен, регресивен и авторитарен, а жените беа оние што се спротивставија на ваквите трендови, поддржувајќи ги напорите за политички промени на национално ниво и спротивставувајќи им се на политиките на исклученост. Ваквите нивни напори се индикатор за тоа дека не е доцна да се промени непријатниот тренд што го забележуваме на годинашниве избори.
Изборот на поголем број жени на политички раководни функции и понатаму е клучно прашање, но значајниот и траен напредок бара државите и филантропите да инвестираат во еманципирање на поголем број жени за да се стремат кон овие позиции. Во 2022 година проектите се фокусираа исклучиво на финансирања што беа добиени, од родов аспект, во однос на СДГ. Всушност, целта СДГ 5 заостанува многу зад другите 16 СДГ-цели, а ефектите од недостигот од финансирање веќе можат да се забележат низ целиот свет.
Како жени лидери, ние имаме должност да го подигнеме гласот во однос на неактивноста кон родовата еднаквост. Преку новиот Фонд за политичко лидерство на жените, фондацијата „Отворено општество“ ја удвојува својата инвестиција во тоа храбри жени што истовремено се и политички лидери да стане норма во глобални рамки. Целта е да се помогне во уривањето на неповолните и дискриминаторски структури што им оневозможуваа на жените да поттикнуваат трансформативни промени во своите општества.
Слично на тоа, претседателскиот центар за жени и развој „Елен Џонсон-Сирлиф“ се обврза да ги поддржи реализираните жени и жените аспиранти за јавни лидери преку својата главна иницијатива „Амуџае“. Повеќе од 40 лидери на „Амуџае“ водеа кампања за климатска безбедност, правична здравствена заштита, пристапни финансии и инклузивни дигитални технологии, а некои од нив сега водат кампања и за политички функции во неколку африкански земји.
Покрај нашите напори, постојат и посебни групи во граѓанското општество што имаат заземено цврст став во тоа да се застапуваат за правата и слободите на жените. Но тие, сепак, се во меѓусебен натпревар во однос на намалените извори на финансирање. Сè додека билатералните и мултилатералните донатори и филантропи не бидат во можност повеќе да го одврзат ќесето, жените, особено оние што живеат во земји со ниски приходи, и понатаму ќе се соочуваат со проблеми поради недостигот од инвестиции во нивно зајакнување и еманципирање. Не смееме да бегаме од поддршката на иницијативи што се фокусирани единствено на тоа да има поголем број жени на избрани и назначени позиции. Жените веќе се соочуваат со голем број пречки.
Оваа 2024-та нека биде година во која ќе ја зајакнеме следната генерација на жени лидери. Заедно, ние можеме да изградиме иднина во која силните женски лидери ќе бидат движечка сила во политиката.
Республика
Елен Џонсон Сирлиф е лауреатка на Нобеловата награда за мир и поранешна
претседателка на Либерија
Бинајфер Новроџи е претседателка на фондацијата „Отворено општество“