Ама ич нема да ме зачуди, ако утре некој од СДСМ се истопори на прес, за да ни соопшти дека вмроовците сами палат пожари за да им одвлечат внимание на граѓаните од својата неспособност да владеат. И немојте со „не им давај идеи“ муабети, затоа што не може нешто што се повторува да биде моја идеја. Нам ова постојано ни се случува. Од независноста, па наваму. Прво вмроовците самите војна си направија, потоа сами себе се прислушуваа, па еве сега, може сами си палат пожари за да ја замајуваат јавноста.
Тоа што ние денес знаеме кој и зошто ја направи војната во 2001 година, кој и како прислушувал по што ни се случи, овој пат специјална војна за нордистанизација на Македонија, сите тие факти што ги имаме, ама ич не се битни, кому му е гајле за вистината, важен е моментот, манипулацијата во нарацијата и хистеријата по кои партијата помогната од црвената буржоазија и нивните деца, граѓанството луѓенца како и шуто и рогато од интелектуалната буржоазија, некако успеваат да се дограбат до власта. И потоа, одеднаш, никаква катастрофа веќе не ни се случува. Освен нивното владеење, кое само по себе, секогаш е катастрофично за Македонија, сеедно што тогаш, вмроовците, кои се опозиција, не прават подметачини со кои ја доведуваат државата во опасност за да се дограбат до власт. А и зошто би правеле такво нешто? Тогаш самата власт е опасна по државата.
И еве сме сега одново во истата глупа приказна. Фарсата што се повторува, овој пат смрди на подметнати пожари и ѓубре што не го собираат надлежните, кои за тоа се платени. Тука е и зборот режим, кој веднаш се истопорува во секоја реченица исфрлена на прес-конференција. Се појавија нови опскурни фаци, ама со иста нарација, кои повикуваат на протести додека од уста им тече прогресивна граѓанска загриженост, иако на челото им пишува која позиција сакаат да ја заземат при промена на власта како енџиовштина инсталирана да нè „спасува“. Тука е нормално и прислушувањето со сета негова удбашка матрица, која никогаш не била исчистена од службите, сеедно што глумиме демократија.
И политичката некрофилија, иста како онаа со Мартин и Тамара, Бог да им ги прости душите, веднаш се истопори на својот морбиден пиедестал и не само што вербално крева пожари во емоциите на јавноста туку додава и подметнува гадости со намера да ја засили оваа нечовечна алатка за борба со политичкиот противник. Тука се и најавите за етничка дестабилизација, симнување на војничките цокули од таваните, но и пување со некаква герила, која ќе нè спасувала од власта што тие режим си ја нарекуваат. Веднаш, како некој со нив да диригира, се појавија и медиумски конструкции полни лаги, со рок на траење од денес за утре, ама само што си демантирал една, ете ја новата, ги ора социјалните мрежи со својата манипулација.
Сеедно што уште никој не викнал гласно „звиждаљке у уста“ и „нема правда, нема мир“, ама тука се и прогресивните, бањатите, оние со ај кју 4.454.509, кои својата ограничена способност за гледање на целата слика ја шминкаат со надмена вообразеност преку која веќе ја шират својата хистерија. Значи презервативите се тука, само уште некој да ги обои, а потоа избраниот амбасадор да ги официјализира и можеме да започнеме со играта по која секако ќе плачеме. Сè е исто, само он е во Дубаи, но и без него се може, оти шемата со години воспоставувана, сеедно што е фарсична, одново почнува да се игра како лоша претстава, ама па кога нема кој да се занимава со нејзината деструктивност, зошто би било проблем пак истото да ни се случува.
Да, да, знам дека оние што за време на нивната глупа шарена револуција, ми пикаа вмроовски мегафони во устата и режимски пари по џебовите, ако ги прочитаат овие редови, веднаш хорски ќе ја запеат истата лоша и бесмислена песна, демек ете го небањатиот вмроон со мегафон, повторно во одбрана на режимот, одработува за некаде да се напика, ама па мене нивната злорадост, ич не ме допира, оти половина од оние што врескаа тогаш по мене, Груевски ги напика по институции, а другата половина одработи кај Заев за да си ги сместат газињата по владини кабинети. Тоа што токму нивниот црпнат идол на кој му се клањаа, ги смести во шуто и рогато, не е мој проблем, а фактот дека така станаа политичка гротеска дури и нив самите не ги допира. Којзнае, со онолкав ај кју каков што мислат дека поседуваат, можеби едноставно не се во состојба таквата информација да ја процесираат.
А вмроовците се доволно големи, можеби и зрели, со силна политичка поддршка добиена на избори и стабилно мнозинство, во нивни раце се институциите, добро се етаблирани кај „меЏународната заедница“, односно една четвртина од планетата чија моќ ни ја скрои нордистанизацијата, а тоа значи дека веројатно сами можат и мораат да се справат со деструкцијата, оти ја имаат уште довербата од мнозинството, но ако и по трет пат ги излизгаат со истава глупа фарса, веќе нема да има потреба никој да монтира судски процеси со лажни докази за да им ја укинат партијата. Сами нека се укинат. Од мене имаат глас на избори, не затоа што пукам од доверба, јас веќе немам никаква доверба за никој од овие генерации што сега битисуваат, оти војував за Македонија, а сега ме заболе уво за Нордистан, ама ги гласам само зашто со нив функционира државата, оти она што другото ми се нуди е празнословие, злорадост, секташење и деструкција.
Патем, кај мене не проаѓа она Преспанскиот договор е лош, ама тоа е реалност, нашиот идентитет вистински е загрозен од бугарските протоколи. Нашиот идентитет е Македонија и беше убиен со потпишување на она нацистичко гомно во Нивици. Ова што го прават сега Бугарите со поддршка на домашни одработувачи, само е брутално силување на претходно ликвидирана убавица. Во темелите на ова монструозно злосторство против Македонија се токму оние за кои е наменета колумната, движечката сила на фарсата, која по третпат се обидува да ни се повторува. Жестината на моите зборови кон нив не е поради стекната омраза, јас тоа чувство уште не сум го запознал, ама откако ме избришаа како Македонец дури и од лична карта, циничниот презир кон нив и на оној свет ќе го однесам, иако знам дека и тоа е грев пред Господа. И да, од оној проклет, за Македонија, ден во Нивици, започна и нашата духовна пропаст, која се рефлектира, ама буквално, во секоја пора на државата, луѓето и општеството, а оние што ќе препознаат теорија на заговор во оваа реченица, зелено џамче е единствениот реквизит што имам да им го подарам.