Веројатно задолжителната временска дистанца за евалуација на ликот и делото на харизматичниот маршал стигнала, и добро е и од оваа перспектива да се отвораат и одговора на прашања, пред заборавот и историскиот ретуш да ја земат таа материја во свои раце
Каде оди сегашноста кога станува минато, а каде е тогаш минатото? Тоа се главните извори на егзистенцијалните, политички, журналистички филозофски, па и на поетските проблеми, размислувања, дилеми.
Историска личност Јосип Броз-Тито, поранешен претседател и маршал на СФРЈ, според извесни мерења на јавното мислење во независна и демократска Македонија, е незаборавена и сѐ уште популарна, за што сведочат голем број сојузи, здруженија на Титови леви, десни и други сили, мемореми и воздишки.
Младите и учени магистри, автори и докторанди се збунети од фактот дека голем дел граѓани повеќе од три децении по смената на општествениот систем сѐ уште тагуваат по времето на социјализмот, диктатурата на пролетаријатот, времето „кога Господ одеше по овие простори“, кога луѓето бесплатно се лекуваа и се школуваа и кога достоинствено и човечки тагуваа. Веројатно задолжителната временска дистанца за евалуација на ликот и делото на харизматичниот маршал стигнала, и добро е и од оваа перспектива да се отвораат и одговора на прашања, пред заборавот и историскиот ретуш ја земат таа материја во свои раце.
Социјализам со човечки лик, мека диктатура и слично како облик на владеење се некои од карактеризациите на ликот и делото на Ј.Б. Тито од аналитичките кругови на новиот демократски бран. Тоа е факт. Но тоа секогаш треба да се разгледува во еден поширок општествено-историски контекст.
Ако се има предвид историското сознание дека речиси сите држави во настанување минуваат низ силни премрежиња и драматични околности, многу од нив и не успеваат во државотворната конституција. Историскиот реалитет Југославија, кој постоеше речиси пет децении, од настанувањето до распадот се совпаѓа со биолошкиот тајминг и ликот и делото на Јосип Броз и неговите соборци и истомисленици. Тоа беше еден вид „држава во револуција“, во која, според бизарната логика на нештата, „револуцијата ги изеде своите деца“, а голем дел нивни потомци остави да се прпелкаат во транзициските ветрометини, затскриени зад параванот – „следбеници на борбените традиции“ да се обидуваат со шарени перформанс-револуционерни дејства незаслужено одново да ги приграбат власта и придобивките од неа. По органското исчезнување на Маршалот и најголемиот дел од првата генерацијата револуционери, се случи хаварија распад на братската заедница на народите и народностите.
Практиката е критериум на вистината, подвлекуваат дијалектичарите и од мноштвото дифузни ставови околу популарноста на Ј.Б. Тито, најпрвин треба таа да се издвои и осветли, пред сѐ како целина и како клучна претпоставка при оценувањето на историската вредност, неговата политика.
Името на Ј.Б.Тито е тесно поврзано со настанувањето, траењето и распадот на историскиот реалитет Југославија, заедница на народи и народности, во која, според извесна статистика, во периодот од 1948 до 1990 година се склучени 8,5 милиони мешани бракови. Сплотени околу идејата за просперитет и социјална правда, во социјализам како општествен систем, практикуван како динамичка доктрина, Титовата „мека диктатура“ малку беше видлива и често беше доживувана како вид просветен апсолутизам. Успешната анимација на Неврзување како блоковска определба, но и раскошното минато на Јосип Броз бонвиван и „дописен член на академијата на белосветскиот џетсет“, му донесе на Маршалот и светска популарност.
На неговиот погреб се собраа државници и достоинственици од сите блокови и политички определби. Митот за Тито е првиот заеднички производ и бренд што пред некое време го понудија и дузина туристички агенции од Југоисточна Европа за да привлечат повеќе туристи и да спечалат.
А, што се однесува до нашите поделби во практикувањето плурализам, разликите се во нијанси, суштината е иста, практично идентична, неделива и без малку стандардизирана. Демократија, стопански подем, излез од сиромаштијата, повисок стандард, принципиелна надворешна политика, сѐ за доброто на граѓаните, нивната сегашност, иднина… Со оглед на скромните економски перформанси на нашата млада држава и деликатните геополитички транзициски случувања и престројувања, сѐ е во рамките на возможното и очекуваното.
Гордоста, инаетот, разновидната интерпретација на историското наследство и сегашност се всадени во профилот на голем дел (не)определен и никогаш докрај предвидлив гласачки корпус, кој веројатно ќе игра крупна улога и во идните етапи на нашиот демократскиот развиток.
Автор: Аљоша Симјановски