Власт не е она што ти се сонува, туку она што ти се случува

Иако, со исклучок на Никола Кљусев, сите досегашни премиери се живи здрави и богати, политичкиот речник не би ги употребил овие зборови за да ја опише нивната сегашна позиција. Подусрамени и подзаборавени, обвинувани, процесирани, судени и ослободувани, денес ја збогатуваат народната оговарачка ризница со сочни изрази за нивните дела… Црвенковски е во долга и тивка хибернација, неговиот редок збор не се слуша ниту во партијата што им ја дал на тацна на своите некогашни доверливи наследници. Љупчо Георгиевски ја отвора устата само кога треба да се бранат бугарските интереси во Македонија и кога се негира македонското автентично културно наследство, уживајќи во кратката, но пребогата кариера. Бучкоски, растргнат меѓу обвинувањата за наводно големо мито од „Маѓар телеком“ и уморен по неизвесниот излез од судските лавиринти, дува и на утринското кафе да не се случи нешто неочекувано. Груевски ги користи обилно и лежерно плодовите од неуспешните мандати во азил во Унгарија, најверојатно очекувајќи да се врати во својата родна грутка земја како слободен човек. Добро осознал дека родното место не е кај што ти се парите, туку таму кај што ти се спомените. Заев, ех Заев, кралот на македонската карневалска деценија…

Не еднаш и не само овде и не само сега се случува власта да посакува едно, а да ѝ се случува друго. Власт не е она што ти се сонува, туку она што ти се случува, а не било предвидено да ти се случува. Тоа е реалноста за која било власт, каде било и кога било.
Во Македонија за минатите триесетина години независност нема извршна власт што по победа на избори (или без нив) не била дочекувана со оптимизам, надеж и мнозинска народна поддршка, а да не дочекала неславен крај. Обемните програми, најавените илјадници чекори пропагирани пред избори, големите ветувања за силна економија, повисок стандард, мегаломански проекти, повисоки плати и пензии, доаѓале во судир со реалноста, доживувале пораз и останувале под прашината во архивите покривајќи го срамот на изневерените очекувања. И нема бивш претседател на Владата (па и на партиите) што го завршил славно својот мандат, иако секој од нив на почетокот бил пречекуван со надеж за подобри денови за државата и за луѓето во неа.
Иако, со исклучок на Никола Кљусев, сите од нив физички се живи, здрави и богати, политичкиот речник не би ги употребил истите зборови за да ја опише нивната сегашна позиција. Подусрамени и подзаборавени, обвинувани, процесирани, судени и ослободувани, денес ја збогатуваат народната оговарачка ризница со сочни изрази за нивните дела.
Црвенковски е во долга и тивка хибернација, неговиот редок збор не се слуша ниту во партијата што им ја дал на тацна на своите некогашни доверливи наследници. Љупчо Георгиевски ја отвора устата само кога треба да се бранат бугарските интереси во Македонија и кога се негира македонското автентично културно наследство, уживајќи во кратката, но пребогата кариера. Бучкоски, растргнат меѓу обвинувањата за наводно големо мито од „Маѓар телеком“ и уморен по неизвесниот излез од судските лавиринти, дува и на утринското кафе да не се случи нешто неочекувано.
Груевски ги користи обилно и лежерно плодовите од неуспешните мандати во азил во Унгарија, најверојатно очекувајќи да се врати во својата родна грутка земја како слободен човек. Добро осознал дека не е родното место кај што ти се парите, туку таму кај што ти се спомените. Заев, ех Заев, кралот на македонската карневалска деценија, од времето на Шарените до падот на изборите, тој што ја изгуби власта во државата, а ја зацврсти во партијата, азилот го живее во Струмица, диктирајќи кратки директиви за натамошниот пропаст на партијата што нему му беше мајка, а на многумина маќеа. На тој список може да се стави, условно, загубениот во простор и време Ковачевски, како и неколкутемина таканаречени технички премиери, кои немаа поим ниту од техника ниту од политика.
Сите овие горе наведени се од двете најголеми македонски партии што наизменично доаѓаа на власт. Тие се инспиратори, организатори и реализатори на македонската тридецениска транзиција во која државата не мрдна ни пет чекори напред, во која лагите и блефовите беа политика, а политиката блеф. Не само националната туку и во меѓународната политика, како и во економијата, културата, здравството, образованието, сѐ до спортот. И во која чесните останаа сиромаси, а сиромасите уште посиромашни.

Христијан Мицкоски во својство на претседател на Владата, најверојатно ја има пред очи судбината на неговите повеќемина претходни и најавува промени и во таа смисла, преземајќи ги сите ризици. Сегашната власт уште е во занесот на победата, вознесена од она што ќе го постигне, а несвесна што може да се случува и какви судири и отпори може да очекува.
Владата е стабилна, собраниското мнозинство исто така, имаат на располагање моќ и средства да почнат со остварувањето на тоа што е ветено, иако има примери прво да се заврши она што не било на избори ветено. Но никој, па дури и да е со визионерски способности на баба Ванѓа, не може да претпостави што сѐ може да се изроди за да ги помати големите планови, убавите желби и да го упропасти вложениот труд. Народот вели домашниот есап на пазар не излегува, а „народот е во право и кога греши“, нели?
Законодавната, извршната и судската, како основни облици на државната власт, не ги положија успешно сите испити што беа поставувани пред нив. Имајќи го предвид тоа сознание, владејачката коалиција ја почнува операцијата за отстранување на диспропорцијата меѓу трите фактори, надевајќи се дека тоа ќе го стори брзо и лесно, чувство што може да биде лажливо. Владата е легитимен облик на моќ, во нејзини раце е силата, но на крајот сѐ зависи од она што другите структури ќе го прифатат или одбијат.
Мицкоски, кого не го напуштаат изборниот ентузијазам и потребата за промени, некаде и радикални, најверојатно ќе користи комбинација на владеење во согласност со искуствата, времето, променливоста на ситуациите. Таа политика би се потпирала на рационалноста пред чувствата, на користење успешни делови од традиционалната и минатата власт, на административно бирократските институции и форми со нивно реформирање, на правно легитимните закони, правила и прописи. Сигурно тука спаѓа и уште еден, не малку значен фактор, а тоа е користење на личната харизма, што подразбира способност, посветеност, доследност и искреност од негова страна и послушност и извршност од другата, од неговите соработници.
Прославениот британски филозоф Бертранд Расел ја споредувал моќта со енергијата. Она што за физиката значи поимот енергија за политиката е поимот на моќта. Како што енергијата може да се трансформира од облик во облик така и моќта ја има таа способност на трансформација. Но аналогијата меѓу енергијата и моќта не е целосна. Енергијата е неуништлива, таа е константа, а моќта се создава, се концентрира, трансформира, се намалува или се губи, сѐ во зависност од општествените околности.
А околностите не се секогаш онакви какви што посакуваме, планираме, какви што ги сонуваме. Водата не оди секогаш на нашата воденица.

[email protected]