Вистината во фокусот на новинарството и јавноста

Се знае дека цензурата на медиумите кај нас е законски забранета, но за да се сузбијат создавањето и ширењето лажни вести, уцени, клеветења и говор на омраза од најдолен вид, потребни се соодветни нови законски мерки, како што е во повеќе држави-членки на ЕУ. Притоа, од многу значаен јавен интерес е донесување и законска регулатива за порталите како информативни медиуми

Проблемот со ширењето лажни вести и дезинформации во нашата земја станува сѐ поактуелен. Во практика, лажните информации најмногу се шират во време на економски и политички кризи, пандемии, војни, пожари, поплави и други временски непогоди. Во такви услови луѓето најлесно се насочуваат кон погрешни цели, со што се создаваат непосакувани поделби и раздори. Во последните над две години, голем број лажни вести се ширеа за короновирусот, а во март и април годинава преовладаа за воениот конфликт во Украина. Се создаваат посебни фрустрации меѓу граѓаните, при што често не се знае што е лага, а што вистина и се шири недовербата во сѐ. Лажни информации се забележани и во врска со датумот на започнување на долгоочекуваните преговори на нашата земја за влез во Европската Унија, за бугарското вето, за грижата за човековите права и недобрососедска негација на македонските малцинства во Грција и во Бугарија, потоа за растечката скапотија, за снабденоста со основните прехранбени продукти, за пензионерското организирање во новите услови и слично. Со лажни и тенденциозни информации особено изобилуваат програмите на бугарската телевизија БРТ 4, која непречено се гледа во нашата земја, без таков реципроцитет кај нив, каде што ниедна наша национална телевизија нема одобрение да се емитува.
Во нашата земја не изостануваат и тенденциозни памфлети, без совест, чесност, морал и етика за одредени личности и новинари за кои се смета дека се во некаков противнички сектор. За нив се измислуваат и разни омаловажувачки навредливи мегаафери, со судски притисоци и закани. Со објавувањето вакви незаконски манипулации се настојува да се создава ерозија на човечките и моралните вредности и да се скријат реалните проблеми во секојдневието. Содржината на лажните информации најчесто е далеку од вистината, при што не се запазува пресумцијата на невиност. Меѓутоа, со нив значително се придонесува за насочување на јавното мислење по нечија желба или потреба. И не само тоа.

Со ширењето на лажните вести во нашите медиуми значително се руши рејтингот на новинарската професија и етика. Повеќе анализи со право потврдуваат дека раслоена и еродирана новинарска професија многу негативно дејствува и на општото еродирање на јавното мислење. Во тој контекст, загрижува и проблемот со недоволното справување со корупцијата, со независноста на судството, службените насилства и недоволната безбедност на новинарите и дискриминацијата на претставниците на критичката седма сила.
Затоа вистинските вредности на човекот, на зборот и неговите дела треба многу повеќе да се ценат и од државните органи. На тој начин не ќе можат да се шират непотребни дилеми и трилеми за многу битни прашања, меѓу кои и за нашата автентична историја, за посебноста на македонскиот јазик, националниот идентитет и култура. Се знае дека цензурата на медиумите кај нас е законски забранета, но за да се сузбијат создавањето и ширењето лажни вести, уцени, клеветења и говор на омраза од најдолен вид, потребни се соодветни нови законски мерки, како што е во повеќе држави-членки на ЕУ. Притоа, од многу значаен јавен интерес е донесување и законска регулатива за порталите како информативни медиуми. Моите согледувања укажуваат на потребата речиси во сите медиуми информациите посериозно да се проверуваат пред да се објават, односно да се создава посериозна саморегулација во редакциите во борба против лажни вести и дезинформации. Новинарите треба да бидат чесни и вредни за почит, да ја промовираат вистината за секоја појава, а читателите, слушателите и гледачите да бидат со потребна медиумска писменост за да можат во практиката на следење вести од различни извори да бидат покритични кон информациите што ги консумираат. Со други зборови, тоа ќе овозможи поголем број граѓани самостојно да прават разлика помеѓу точните и неточните информации. Затоа сметам дека е потребно поуспешно да се создава интерактивност помеѓу медиумите и активностите за медиумска писменост. Во спротивно, недовербата во медиумите и натаму ќе расте. На тоа укажуваат и примерите со скандинавските држави Норвешка, Финска и Шведска, каде што благодарение на современите законски регулативи и на високата медиумска писменост, лажните вести се најмалобројни.

Новинарите, снимателите, фоторепортерите и други медиумски работници со право се незадоволни од својот статус во нашето општество. Тие речиси секогаш се во првите редови за сите случувања, кога известуваат за поголеми несреќи деноноќно дежураат и работат под стрес со безбедносен ризик. Нивните плати никогаш не биле на потребно, а уште помалку на некакво завидно ниво, така што и на оние што ќе ја дочекаат пензијата износот на примањата не е соодветен на вложениот труд. Во секоја смисла, потребно е поголемо почитување на оваа значајна и одговорна професија. Се чувствува и потребата од подобро синдикално организирање на медиумските работници. Без нивен подобар стандард и услови за работа за поквалитетно благовремено и објективно информирање, не е можен ниту нивен правилен и очекуван придонес за демократските процеси во државата. Потребно е и поголемо стимулирање на истражувачкото новинарство. Меѓутоа, често се случува ваквите истражувања да се со нарачка и материјална поткрепа, со однапред определена цел во интерес на партиски или други популистички цели.
Во оваа пригода треба да се потсетиме на дел на декларацијата на Меѓународната асоцијација на новинари (ИФЈ), која се однесува на стандардите за професионално новинарство: Почит кон вистината и кон правото на јавноста да ја знае вистината е првата должност на новинарот. Во остварувањето на оваа должност, новинарот постојано треба да ги брани принципите на слободата при чесното собирање и објавување вести, како и правото на фер коментар и критика. Новинарот треба да објавува текстови само во согласност со фактите на кои тој им го знае потеклото. Новинарот не смее да ги прикрива клучните информации или да фалсификува документи, неосновано да обвинува, да прифаќа поткуп во каква било форма во однос на објавување или необјавување информација.
Секако, само вистината дава вистински насоки за дејствување и за создавање позитивна атмосфера во сите дејности. Само современото новинарство со демократско слободно изразување ќе биде креатор на доброто и позитивното. Без тоа нема просперитет ниту на новинарството ниту на државата.

ДРАГИ АРГИРОВСКИ

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба