Постојат илјадници преданија за виното, за неговите добри страни за здравјето на човекот, како и за лошите, поврзани со пијанството. Илјадници настани, легенди, приказни, анегдоти и поговорки. Една од нив, можеби и најпозната, е латинската „во виното е вистината“.
Речиси секогаш кога се разговара за виното и вистината, или кога е празникот Свети Трифун, се присетувам на една приказна стара над 2.200 години, опишана во Библијата, во Стариот завет, во Втората книга Ездра. Дел од таа приказна сум запишал и обработил во прикладен текст што го сметам за еден од најомилените, најречити, најсимболични и најпоучни текстови што сум ги дал во весник.
Еве како е опишана таа библиска случка.
Персискиот цар Дариј, пред големиот пораз што го доживеал од фалангата на Александар Македонски, во некоја пригода приредил голема гозба за своите поданици, за своите домашни и за сите големци од Индија до Етиопија, каде што владеел. По гозбата царот отишол на спиење, а тројцата телохранители што го чувале се договориле секој да напише во два-три збора за тоа што е најсилно од сѐ на светот. Тоа што го напишале требало да му го дадат на царот да го прочита и на оној за кого ќе оцени дека неговиот збор е најмудар, да му бидат дадени големи признанија и подароци.
Едниот напишал: Од сѐ, најсилно е виното. Вториот: Најсилен е царот. Третиот напишал: Посилни се жените, но над сѐ победа освојува вистината. Кога станал мамурниот цар, го прочитал напишаното и рекол да се повикаат телохранителите да објаснат што мислеле и зошто го напишале тоа што го напишале.
Почнал првиот, кој напишал дека е најсилно виното. О, мажи – рекол тој, многу е силно виното. Тоа доведува до помрачување на умот на сите што го пијат, виното го изедначува умот на царот и на сиромавиот, на робот и на слободниот, на бедниот и на богатиот. Виното го претвора секој ум во радост и веселба, па човек заборава секаква жалост и секаков долг и сите срца ги прави троа богати, така што никој не мисли ни за царот ни за сатрапот, а секого го прави да зборува за своите пари. Кога ќе се напијат мажите, го забораваат пријателството кон пријателите и браќата и веднаш вадат нож, а кога ќе се отрезнат не знаат што правеле. О, мажи, извикал тој, нели од сѐ е најсилно виното, штом тера на такви постапки.
Вториот почнал да зборува за силата на царот. Силни се луѓето што владеат со земјата и морето и со сѐ што е во нив, но царот ги надминува, владее над нив и им заповеда и во сѐ што ќе им каже тие му се покоруваат. Ако каже да се спротивстават еден спроти друг, тие го извршуваат тоа, ако ги испрати против непријатели, тие одат и соборуваат планини, карпи и кули, убиваат и биваат убиени, но не го погазуваат царскиот збор. Царот е само еден: ако каже да се убива – убиваат, ќе рече ли да се прости – проштеваат, ќе каже ли да се опустошува – опустошуваат, ќе каже ли да се гради – градат, ќе каже ли да се сече – сечат, ќе каже ли да се насади – насадуваат. И сиот народ негов и војската негова му се покоруваат, луѓето не смеат да му бидат непослушни. И на крајот извикал: Нели од сите работи најсилен е царот кога така му се покоруваат.
Потоа говорел и третиот, кој напишал за жената и вистината. Почнал да објаснува: Голем е царот, големи се и многу луѓе и моќно е виното. Но кој господари над нив и ги владее? Нели се тоа жените? Од нив се родени и од нив се одгледани оние што садат лозја од кои се прави вино. Мажите не можат без жени. Ако мажите соберат злато и сребро и секакви скапоцености, а потоа видат жена добролична и убава, оставаат сѐ, се спуштаат кон неа, ја гледаат со отворена уста и сите се прилепуваат кон неа, повеќе отколку кон златото, среброто и скапоценостите. Човекот ги остава таткото свој, што го воспитал, и земјата своја и се прилепува кон жената своја и заборава и татко и мајка.
Од тоа треба да се разбере дека жените владеат над нас. Не преземате ли тешки работи, нели се трудите и мачите, не принесувате ли и не давате ли сѐ за жената? Човекот повеќе ја сака жената отколку таткото и мајката. Многумина полудувале поради жени и станувале робови преку нив, многумина загинале, пропаднале и згрешиле заради жени. И царот се плаши од жената: ако таа му се насмевне, се насменува и тој, ако пак му се налути, тој ја милува, за да биде добар со неа.
Тогаш царот и големците се погледнале меѓу себе, но телохранителот продолжил да објаснува за вистината. Рекол: О, мажи, нели се силни жените? Голема е земјата и високо е небото и брзо е Сонцето во својот од, зашто во еден ден го обиколува небесниот круг и пак се враќа на местото свое. Голем е оној што го прави тоа, но вистината е поголема и посилна од сѐ. Неправедно е виното, неправедни се жените, неправедни се и сите човечки синови, но вистината победува и останува силна засекогаш, и живее и владее од века до века.
Во неа нема пристрасност и разликување: таа го врши она што е праведно, одбегнувајќи сѐ што е неправедно и лошо и сите ги одобруваат нејзините работи. Во нејзиниот суд нема ништо криво: вистината е сила и царство и власт и величие во сите векови.
Како што бил редот, како што бил договорот, останало на царот да го избере најмудриот одговор, најмудрото објаснување. Го избрал третиот, кој говорел за величината на вистината, за нејзината вредност низ сите векови. Како награда царот го унапредил телохранителот, го дарувал со скапоцености, му дал и други почести, зашто и самиот мислел дека вистината секогаш е посилна од лагата.
Иако вистината може да биде понекогаш непријатна и болна, таа сепак е најсилното оружје во односите меѓу луѓето. Ако на лагата ѝ се кратки нозете, вистината е како шило – врти, врти и на крајот излегува гола на видело.
Неповрзано со библиската приказна треба да се каже дека виното е поврзано со митовите за боговите: Дионис во Елада, Бахус во Рим, Озирис во Египет. Историјатот на виновата лоза опфаќа неколку илјади години. За неговата вистинска старост ќе прочитате различни податоци, но археолошките докази наведуваат дека првите вина се направени во Иран и Ерменија околу 6 илјади години пред Христа, пред 4 илјади во Месопотамија, а илјада години пред новата ера и во Египет.
Верувале или не, доказите за првото производство на вино во Европа се најдени на територијата на географска Македонија (сега лоцирано како Северна Грција), кои датираат 4.000 години пред Христа. Во тие ископини се најдени и најстарите пишани докази за винарството.