Валбурга Батева Николоска
Сè почесто размислувам за животот во оваа наша прекрасна малечка убавица од држава и сè поретко имам причина да кажам убав збор за некои од нашите почитувани соседи. Границите на трпение стануваат сè потенки и покршливи, што, впрочем, и не е чудо, зашто мојата генерација помина низ веројатно најтурбулентните историски промени и стана непогрешлива лакмус-хартија за неправди и скриени злонамерни агенди во сопственото опкружување.
Оттука, сакам да ве прашам нешто, а вие одговорите слободно побарајте ги во себе, драги читатели. Значи… Ви се допаѓа ли кога македонштината тенденциозно и континуирано ви ја рушат и газат со националистичка чизма? Мене не. Ви се допаѓа ли кога со улични финти и финтички, одредени државници со длабоко проблематична политичка агенда (читај, знаеш кој) сакаат да ви наметнат чувство дека сте нивното предградие? Мене не. Ви се допаѓа ли фактот што унијата кон која изразуваме толку чиста и верна љубов не ни ја возвраќа истата таа, туку свесно крши меѓународни начела и конвенции, туркајќи нè сосила во туѓи дворови?
Мене не. Дали ви се допаѓа тоа што неважна личност од соседна земја ве навредува и директно се меша во изборот на некојаси вештачка творба како што е мешаната историска комисија (која, види чудо, треба да преговара чиј е Гоце Делчев и дали Бугарите го кренале нашето најсвето историско востание во Крушево)? Мене воопшто не.
Колкава горчина во устата имате кога едикојси ви доаѓа дома и ви вели: „Ти не си стопан и домаќин во куќава, јас сум“? Ви се допаѓа ли кога молчешкум гледате кон каде сака да нè оддува ветрот на иднината? Дали ве боли душата што сега и којзнае кога пак ќе си го гушнете чедото, кое бара леб во јабана со бугарски пасош и македонски корен и самосвест? Мене многу ме боли, зашто се сеќавам на времето кога патувавме насекаде низ планетава, без да сме принудени да лажеме оти мајка ни е Софија. Зашто се сеќавам дека тогаш бевме недостижни господа за таму некои „браќа и сестри“, бевме комотни во својата слобода и право на избор.
Нејсе. Ме интересира ептен дали ви се допаѓа што поранешната власт (пардон, неразбраните трговци) со брзина на светлината се преродија во патриоти од „Али експрес“, па сега здушно напаѓаат сè за што порано се залагале, удирајќи се во гради поради своето (смешно во најмала рака) државољубие? Демек, новата власт е за никаде, а тие се заштитниците на националните интереси. Немој, бато, не ме брани веќе, те молам! Твојот ќотек ме боли повеќе од сите други. Драги мои, ви се допаѓа ли кога живеете во држава што мора да го смени дури и бројот на чевлите (уште тоа остана несменето, чинам) за да има шанси да стапне во дневната соба на протекционистички настроената Европа?
Аман веќе, се изморивме од промени, дајте малку стабилност и досада, ве молам, европски дами, господа или што сте веќе, ни самата не знам, зашто брадосаните носат секси-здолништа, а цицлестите вратоврски и машки чевли. И што воопшто е нормално деновиве, ќе ми објасни ли некој? Не ми се допаѓаат тој/таа/тоа/тие што безобразно сакаат да нè ништат, не знаејќи дека можеби најважниот дел од европската историја се наоѓа токму тука, во древната, света Македонија.
И да, не ми се допаѓа што се фрла со дрвја и камења по политиките на „новите“, без претходно да им се даде шанса да се види дали се асални или не. Кога седум години молчевме и им дозволиме на претходните да нè изглодаат до коска, зошто сега сакаме резултатите да бидат готови „вчера“? Пусто Македонче, ќе насобере гнев од долго молчење пред поранешните, па како пукната цевка ќе истура фекалии по сегашните. Ич не ми е намера да бранам или промовирам некого, ама дајте малку воздух, бре луѓе! Секој што не го бива ќе си оди – вака или онака. Кога сме кај нашите политичари, ви се допаѓа ли што полека излегуваат на виделина кражбите од епски размери на вечно гладните поранешни министри, директори и какви ли не функционери? Мене да, одвај чекам да засвират клавир, таа музика ќе ми биде рај за ушите.
И за крај – можеби не ви се допаѓа стилот на кој ги изразувам моите ставови? Можеби сметате дека за една колумна не е доволно академски? Е па, простете, мојот вербален израз мене МИ СЕ ДОПАЃА. Не дека не можам да паламудам и да ви се продавам за најумна на свет, ама нејќам. Ми се допаѓа да зборувам и пишувам народски, едноставно и недвосмислено, зашто мојот народ е токму таков – едноставен и желен за јасен муабет, а не за празни флоскули, идиотски фрази и блуткава демагогија. А кога бабата Европа ќе го разбере тоа, можеби ќе научи како се почитува земја каква што е нашата Македонија!