Вештачката интелигенција под лупа: Дигиталниот екосистем, ЕУ и Македонија

Усогласеноста на македонското законодавство со неодамна донесените формални акти на Европската Унија, кои се однесуваат на дигиталниот екосистем, е како сложена сложувалка. Наместа – добро усогласено, наместа – целосно неуредено и со еден колаж во средината.
Додека оваа состојба не се измени, ќе се отежни интеграцијата на македонскиот дигитален екосистем во тој на ЕУ, па влезот на учесниците меѓу овие два пазара ќе биде тежок и исполнет со регулаторни недоумици, кои секогаш дејствуваат негативно и демотивациски на економската и претприемачка активност.
Неодамна, во рамките на проектот „Соработка во областа на дигиталните права во Западен Балкан“, се изработи преглед на усогласеноста на македонското законодавство со неколку „млади“ акти на Европската Унија што се однесуваат на дигиталниот екосистем: Актот за дигитални услуги, Актот за дигитални пазари и Актот за вештачка интелигенција. Целта на истражувањето е да ја утврди доследноста на усогласеноста формално и изречно, но и во „духот на законот“.
Низ прегледот се утврди дека усогласеноста во најдобар случај е спорадична. Најсилно усогласени се одредбите од Актот за дигитални услуги, а најслабо – тие од Актот за вештачка интелигенција. Ваквиот наод воопшто не изненадува. Имено, и онака штурата усогласеност произлегува од претходно донесените закони, кои целеа кон усогласување со други постари акти на ЕУ, во истите или слични проблематики.
На пример, Актот за дигитални услуги одредува механизми за пријава на противправна и друга содржина за корисниците на дигитални платформи, основање механизми за внатрешно управување со жалби, регулација на системите што предлагаат содржина, обврзан дизајн на изгледот и функционирањето на интернет-продавниците… – одредби што не постојат во македонското право.
Од друга страна, македонското право содржи одредби за суспендирање услуги под одредени услови, објавување информации за рекламите што ги објавуваат, обврски за утврдување на идентитетот на трговците, процена на ризик во однос на стабилноста и безбедноста на мрежите и така натаму. Значи, очигледно дека некои работи се применети, иако можеби не се буквално напишани како во Актот на ЕУ.
Од трета страна, најзабележливо е непостоењето на обврска за проактивност на давателите на дигитални услуги во однос на „управување“ со содржината што се објавува преку нив. Тие имаат обврска да пријават и/или да спречат пристап до нелегална содржина само ако (пасивно) се стекнат со познавање дека истата таа постои.
Последнава точка е многу битна. Имено, според Уставот на Македонија, цензурата е забранета. Многу од овие одредби во Актот за дигитални услуги што се однесуваат на т.н. „управување“ со содржина, можат теоретски да се подведат под цензура. Големо прашање се поставува како би се усогласило македонското законодавство и кои од нелегалните содржини (кои сега сѐ уште не се нелегални во Македонија) ќе може да ги воведе, а тоа да не предизвика противуставност на таквата одредба во закон?
Ваквите проблематични прашања на усогласеност со повисоки акти (Уставот, други lex generalis системски закони), заедно со лавиринтот од усогласени и неусогласени одредби, веќе предизвикуваат правна несигурност, а со тоа и економска претпазливост на актерите на дигиталните пазари од ЕУ и од Македонија во нивната соработка.

Законот за електронска трговија (кој, пак, е воведен заради усогласување со Директивата за електронска трговија на ЕУ) и Законот за електронски комуникации нудат неколку механизми што се совпаѓаат со Актот за дигитални пазари. Имено, меѓусоодветноста на услугите меѓу давателите на услуги е тангенцијално уредена, како и обврската за правење редовни проверки на усогласеност, начинот на давање на т.н. „услуги на информатичко општество“ (УИО), правото на жалба за корисниците, правото на добивање услуги без дискриминација и така натаму.
Од друга страна, постои цел збир на одредби што не се применети: правилата за користењето и пристап до бизнис-податоци во БДБ (бизнис-до-бизнис) односите во дигиталниот сектор, некои правила за рекламирање насочени конкретно кон крајните дигитални корисници, комбинирањето услуги при дигиталните платформи, право – корисниците да ги променат нагодувањата или да вметнат или отстранат некои делови од дигиталните услуги или производи (неодамнешни примери: „Епл“ е обврзан да дозволи други „пазари“ за апликации на своите уреди; „Мајкрософт“ е обврзан да понуди и дозволи инсталирање на друг интернет-прегледувач во Виндоус), право за крајните корисници да користат друг давател на УИО, право за пренос на податоци на крајните услуги (на пример, Фејсбук, Инстаграм и сличните се обврзани да ви дадат можност да си ги преземете податоците што ги држат за вас и истите тие да бидат на машински разбирлив јазик што ќе овозможи нивно пренесување на друга платформа), меѓусообразноста на функционирањето на хардверот и софтверот и комуникацијата, обврската да се воспостави тело што ќе се грижи за ваквата усогласеност…
Значи, накратко, нешто е применето, нешто не е – и има уште доста работа на усогласувањето. Конечно, кога се работи за Актот за вештачка интелигенција, македонското право се однесува како да е „паднато од Марс“. Имено, духот и одредбите на овој акт речиси воопшто не се применети во нашите закони (со единствен исклучок на некои одредби што се однесуваат на заштитата на личните податоци).
Ваквата состојба делумно е разбирлива: вештачката интелигенција во Македонија е тема што не е многу популарна, освен на некој многу површен начин преку повремените телевизиски серии или интернет-вести, кои уживаат да создаваат повеќе драма отколку што заслужува. Напоредно, во Македонија постојат одреден број академици и работници во ИТ-секторот што веќе работат со или на вештачка интелигенција. Меѓутоа, етичко-социјално-правните аспекти на дизајнирањето, вградувањето и примената на вештачката интелигенција кај нас сѐ уште е маргинална тема. Дополнително, овој ЕУ-акт е најмлад од сите три: воведен е на почетокот на 2024 година.

Пред повеќе од една година постоеше иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за создавање на првата македонска национална стратегија за вештачка интелигенција, преку спојување на професионалците, академиците и другите луѓе вични во темата во една работна група. За жал, иницијативата остана непроследена по почетната средба и не резултираше во некаква стратегија за евентуалната законодавна активност.
Она малку што е применето од актот е поврзано со заштита на личните податоци, и тоа преку Законот за заштита на личните податоци, кој, пак, е воведен со цел да се усогласи со Општата регулатива за заштита на податоците (ОРЗП, ГДПР) на ЕУ.
Накратко, примената на Актот за ВИ е практично непостојна и постои огромен простор за работа на усогласување. Што треба да преземе македонскиот законодавец, земајќи ја предвид состојбата? Одговорот е прост и јасен – барем во неговата основа.
Македонија е земја кандидат за приклучување кон ЕУ. Без разлика дали нашиот пат е праведен или не, содржината на овие три акти треба да се примени многу брзо во македонското законодавство, во целата нивна применливост во согласност со Уставот.
Најдобриот начин за тоа е да се основаат законодавни комисии што ќе бидат задолжени за носење на нови три закони, кои ќе се нарекуваат исто како што се нарекуваат актите на ЕУ: закон за дигитални услуги, закон за дигитални пазари, и закон за вештачка интелигенција. Во нив, номотехнички-хармонично со преостанатото македонско законодавство, ќе се примени суштината на трите акти, особено водејќи сметка за усогласеност меѓу различните концепти и техничките изрази.
Дури и Македонија да остане бесконечно заглавена во процесот на интеграција, создавањето ЕУ-сообразна правна рамка ќе биде полезно најмногу токму за – Македонија. Имањето јасна и добро-обмислена рамка ќе воведе правна сигурност, а тоа ќе резултира со поголема храброст за играчите (бизниси, корпорации, македонски претприемачи, институции за финансирање…) да настапуваат на македонскиот дигитален пазар, да нудат добра и услуги и да предизвикуваат зголемување на општиот квалитет на животот.
Ете, натаму треба да одиме. Но, за да стигнеме, потребна е силна и насочена регулаторна активност што ќе го фати бранот на ширење на дигиталната сфера во секоја пора од општеството и ќе се осигури дека истото тоа ќе биде со позитивни и еманципаторни ефекти за Македонија и нејзините граѓани.

Андреј Дамески

Авторот е истражувач и доктор на науки по вештачка интелигенција „Республика“