Иднината не е некоја непозната земја (или време). Таа веќе се случува, бидејќи нејзиното „семе“ е во сегашноста, ама и во минатото. Има настани и појави што на прв поглед знаат да нè изненадат, а дури потоа да се сетиме дека елементите на таа изненадувачка реалност биле меѓу нас, ама не сме им обрнувале внимание. (Упс! Сега се сетив дека веднаш треба да дадам напомена: во овој текст пишувам за иднината на човечкото општество, а не за она за што нас овде нè индоктринираат – европска перспектива, европска иднина, европско ова или она. Тоа „европското“ е на залез, ама и за тоа треба сенс и ум да се види зад димната пропагандна завеса.)
При една посета на семејството во Дубаи, го видов и Музејот на иднината (јас, дојдена од земја на која ѝ се негира и минатото, ама ѝ се ветува европска лажга). Во град што може да се смета за престолнина на архитектурата/архитектите (помогнати со огромни финансиски средства само да креираат што поспектакуларни и поуникатни зданија), објектот се издвојува. Тоа е неверојатен бисер, кој во својата чудесна креација и концепција ги споил минатото и традицијата со замислите за иднината. Замислете ги бајките од 1.001 ноќ и вселенските истражувања – тоа е краткиот опис. Домаќините те потсетуваат да не заборавиш дека пред само половина век таму била пустина, а дека само за неколку децении амбициите се свртени кон вселената. Во еден дел од поставката постои (замислена) колекција на ДНК на сè што е живо на планетата – од инсекти до слонови. Се насмеавме на досетката дека на дедо Ное ќе му беше многу полесно да имаше таква колекција, наместо да собира по еден пар од секое живо суштество. Некој ќе рече: лесно е со толку пари! Да, точно, многу е полесно, ама и тие пари треба да знаеш да ги свртиш кон откривање нови хоризонти; покрај личниот престиж и желба за луксуз, дури и шеиците од Емиратите имаат повеќе чувство за колективното добро, за функционирање на системот, за услугите кон жителите (кои и не мора да се граѓани/државјани) и кон нивната безбедност.
Некој ќе рече: ама таму нема избори, таму владее фамилија! А кај нас има ли избори? Добиваме ли власт каква што ни ветувале? Нели се сите тие (иста) фамилија? Само што емирите се еманципираат и грабаат напред, додека нашиве го распродаваат сето она создадено од бившите генерации.
Туку, друга ми беше поентата. Како професорка, и јас во прв момент се загрижив од неверојатните можности на новата бесплатна „играчка“ позната како ЧетГПТ (ChatGPT). Станува збор за лингвистичка алатка базирана на вештачка интелигенција, со која може да разговараш буквално на секоја тема. Откако ќе мине моментот на фасцинација (ова е многу побрза, повешта и поубедлива играчка од Википедија), почнуваш да размислуваш за последиците: како таа ќе го смени нашиот живот? Првата помисла ми беше дека сега сите оние дудуци што едвај знаат нешто англиски, па препишуваа користејќи друга електронска алатка „Гугл транслејт“ (преведувачот на Гугл), ќе можат да добиваат многу поквалитетни готови есеи, статии, а можеби и книги поставувајќи му прашања на ЧетГПТ дури и на македонски. Читам дека и Чомски смета дека ЧетГПТ е алатка за мрзливите и препишувачите, а не за творците и вредните. Не е шега, вистина е дека програмата успеала да положи испит на магистерски студии на англиски универзитет, а голем број колеги професори се жалат дека студентите на големо ја користат апликацијата за своите академски обврски. Човек се прашува: ако вештачката интелигенција може да врши голем број задачи, толку брзо и ефикасно, зошто тогаш воопшто штанцање дипломи? Да, јасно ми е дека вештачката интелигенција не е ништо без човековиот инпут, ама се развива со неверојатна брзина. Знаете ли дека врз база на стари записи (пишани, тонски или видео) можете да направите многу смислени и длабоки разговори со вашите починати? Филмот „Дух“ веќе не е филм. И филмот „Таа“ (кој беше научна фантастика во 2013-та) денес си има стварен одраз во програма со која може да се развиваат љубовни, па и сексуални врски. Човековата алиенација од самиот себе и од своите собраќа/сосестри отвора чудни патишта, кои немаат врска со бога. Игрите со виртуелната стварност на децата веќе им даваат свет во кој можат лесно да побегнат.
Лично, си промуабетив со ЧетГПТ (простете ама толку е нов што не знам како да го преведам на македонски, а и глупаво ќе звучи). Му поставував прашања околу Преспанскиот и Бугарскиот договор, но мора да се биде настојчив и да се бара повеќе од она вообичаено бла-бла, што го верглаат сите мејнстрим политички и медиумски (па и академски) центри. Треба да играш „шах“ и да го наведуваш на замки и нешта што не ги знае или површно ги користи. Кога ќе го доведеш во тесно, почнува да се извинува, па да кажува дека е нова програма и дека можеби ги нема сите податоци и сл. Морам да признаам дека концептот за културен геноцид добро го разглобивме, иако ми фаќаше кривини дека има и поинакви толкувања, ова-она.
Другиот тест што му го поставив беше инспириран од колега од Сан Франциско, кој кажа дека го прашал за неговата биографија, и четов му дал некои погрешни факти. Си реков, дај да видам дали знае која сум јас. Излезе дека нема поим, па рече дека можеби не сум меѓународно позната. Бараше информации од мене и ми се заблагодаруваше. Почнав одоколу: го знаеш Василис Фускас? Да, го знам, и ми нареди неколку реченици. Го знаеш Јан Оберг? Го знам. Е па, како не ме знаеш мене, кога Василис ми е коавтор на статија и соработничка сум на Фондацијата (ТФФ) што ја раководи Јан. Ах, се извинувам, имате право. Потоа, се симнав од еготрипот, па преминав на активистите за човекови права од цел регион. А бе, сите до еден ги знае! Целата медиумска и ен-џи-о ергела ја има во мал прст, иако не знае кои им се постигнувањата. Накратко, впечатокот ми е дека овој (како што сам се нарекува) енциклопедиски модел е западна алатка. Онака како што постои западна хегемонија и хиерархија на знаењето во стварниот свет, така таа е отсликана и во овој виртуелниот. На пример, за овој модел на вештачка интелигенција Катица Јанева е значајна личност, која придонела во борбата против корупцијата и водела важни судски случаи, додека нејзиниот неславен крај е само мала забелешка во рефератот. За Зоран Заев и да не ви раскажувам. Користењето на оваа алатка, убедена сум, е уште еден начин на заглупавување, на задушување на критичка мисла и ширење информации какви што им одговараат на центрите на моќ.
Колумнава ја пишувам додека заздравувам, а темава бара и нуди толку различни патишта за размислување. Затоа, засега можам да кажам само: читајте го Исак Асимов! Таму одамна е насетена и поставена иднината во која ние толку тешко се снаоѓаме или лесно можеме да се загубиме.