- За играта на нашата селекција. Лицето кое го видовме и опачината која ја почувствувавме
Синоќа заврши првиот круг од ЕП во ракомет, кое овој јануари се организира во Данска, Шведска и Норвешка. Многу често, ова е период од првенството, после кое едни се пакуваат и сумираат впечатоци, а други, веќе со „добра телесна температура“ влегуваат во полна форма.
Немилосрден е системот на европските првенства, го нотиравме тоа и во онаа најавна колумна. Го почувствува тоа и нашата Македонија, го почувствува Србија, Холандија па и Фарските острови. Едноставно, ваквиот, турнирски, систем на натпревари бара супер физичка подготовка, широк ростер на играчи, но и многу поважно сериозна психолошка подготовка, како на поединецот, така и на тимот во целина.
КОГА ПОБЕДАТА СТАНУВА НАЈТЕШКИОТ СЛЕДЕН ЧЕКОР – ПРОБЛЕМ КОЈ Е УНИВЕРЗАЛЕН
Првенство, кое не донесе големи изненадувања во однос на патниците во втората фаза, но ни донесе, парцијално, изненадувања (не само како резулатат!) на одредени натпревари, во некои од групите. Па така, Црна Гора, од еден одличен натпревар против Словенија, кој на крајот сепак го загуби (а можеше да им донесе сериозни шанси за втората фаза), во продолжение на првенството не успеа да се залечи (психички) и беше демолирана од Фарски и Швајцарија. Србија, после големиот триумф над Германците, не успеа да си ја заврши „домашната задача“ против Австрија, и „кумуваше“ на ликот на групата, после три кола да биде според очекувањата, каде Германија со два бода е во втората фаза. И на крај, Македонија, од натпревар во кој ништо не се очекуваше, до оној во кој бевме благи аутсајдери, а одигравме одлично, до последниот сериозно (и неочекувано!) тежок триумф, против реално послаба селекција. Епилогот е ист како и во „А“ групата, со тоа што Португалија го направи најголемото изненадување на турнирот, совладувајќи го ракометниот хегемон Данска, и на тој начин, од една страна пренесувајќи бодови во втората фаза, а од друга страна, ставајќи го еден од домаќините во ситуација дека нема право на грешка. Сепак, не е се розево во државата Данска!
Лично, мислам дека, и на Германија, и на Португалија, па и на Данска, овие поголеми или помали „киксеви“, им дојдоа одлично за „трезнење“ и подигање на фокусот, „чистење на дворот“ и хомогенизација. Го видовме тоа преку натпреварите на Германија со Шпанија, Португалија со Данска, а очекувам, да го видиме и преку натпреварите на Данска во втората фаза.
Од друга страна, забележлив е еден друг (обратен) феномен, на емотивна испразнетост на екипата/селекцијата, која направила подвиг, се издигнала над своите можности, и совладала (или одиграла нерешено) против, на хартија, посилен противник. Еклатантен пример се Србија и Македонија, кои после второто коло, и победите (де факто или морални) над Германија и Португалија, одиграа под очекувањата (не викам можности!). Разликата е во тоа што, Македонија ја совлада Романија, и освои важни бодови за тоа што следува во баражот за СП 2027, а Србија ја продолжи низата слаби пласмани, и ќе добие силен противник во баражот.
Што, да бидеме коректни, не е неважно!
Но има нешто за мене нелогично, но и разбирливо. Од психолошка страна. Имено, според мене, секој добар резултат треба да ја подигне самодовербата кај поединецот или тимот, и веројатно тоа е случај и кај примерите со Македонија и Србија, но и тоа подигање на самодоверба може да премине во „летање во облаци“ па истото да стане, практично, контрапродуктивно. Но, се „возам“ јас и на друга логика, каде тимот, сега со наметнати амбиции, за кои не верувал до крај дека можат да се реализираат, стануваат реалност, по што следува подигање на очекувањата, а тие (очекувањата де!) носат поголема одговорност и „врзување на рацете“. Затоа викаат, не е секој за врвен спортист, и дека тоа се супер луѓе. И тоа не само во однос на физички предиспозиции, туку и она што тука го обработуваме, а тоа е психолошката подготвеност.
Доаѓам до поентата во овој дел. Овие амплитуди, пред се во психолошка природа, но се рефлектираат физичката и тактичката, не се карактеристични само за одредена земја, народ, регион или континент. Тоа е универзален проблем, на кој треба да се работи и истиот да се превенира, во рамките на можностите.
Затоа, и ние самите, без разлика на функцијата која некој ја има или нема во општеството, дали е водач на група, или е „обичен“ коментатор на состојбите, на социјалните мрежи, треба да внимаваме на вокабуларот, да не врзуваме некои состојби или појави, за една одредена група, народ или држава, но и многу поважно, преку стручни соработници, во континуитет да работиме да го намалиме влијанието на овие појави врз резултатот. Без разлика дали се работи за ракомет или друг некој спорт, екипа или национална селекција.
ЛИЦЕТО ШТО ГО ВИДОВМЕ И ОПАЧИНАТА ШТО ЈА ПОЧУСТВУВАМЕ
Чуму сето напишано горе?
Македонија (не)успешно го заврши настапот на своето осмо по ред учество на Европските првенства. Зошто зборчето НЕ, и зошто во загради?
Затоа што, Македонија, тргнувајќи на едно ЕП, повторно замина без јасна цел, што значи чекор напред, а што неуспех. Тоа веќе не е инцидент, тоа е постојана практика, која веројатно му одговара на некој или на некои. Неважно!
Помеѓу рациото или здравиот разум и желбите, со победа како единствена опција на човекот кој е на чело на селекцијата, Македонија го покажа и лицето и опачината, во однос на тоа како екипата изгледаше на терен, а не во однос на тоа што покажа семафорот на крајот од натпреварот. Покажавме, во еден сегмент со Данска (иако не е мерило и вистински пример), и особено со Португалија (која подоцна покажа какви „мускули има) дека знаеме и можеме. Анализирана е Португалија и настаните пред и после самиот натпревар. И тоа, би сакале, да е нашето лице. Или, најубаво кажано, треба да се трудиме во иднина да биде нашето лице.
Сепак, впечатокот го „закисели“ натпреварот против Романија, минимална, тешка победа, чиишто околности оставија горчина. Нема да должам многу за тактичката поставеност, која беше идентична како против Португалија, но морам да нагласам дека во одбраната борбената готовност не беше иста, а во нападот дисциплината и фокусот не достигнаа нивото од претходниот натпревар.
Кога на тоа ќе се додадат неколку кадровски промени на одредени позиции, кои, при силата на приликата, се наметнаа како солидни, а ги немавме од старт на мечот со Романија, доаѓаме до причините зошто, и покрај тоа што резултатот, како бројка, како бодови и позиција, која како последица на резултатите, се овозможи за следниот бараж за СП 2027, што е еклатантен и неоспорлив успех, имаме мала доза „горчина“ во устата, од начинот на кој се заврши (за нас!) ова Европско првенство. Необјасниво, но присутно и реално.
Напомнувам дека мојата забелешка не се однесува на натпреварот со Португалија, ниту на шансата што ни се укажа, која поради лош прием на топка не беше искористена. Тоа е спорт, и тоа се случува, и како такво е целосно нормално.
ВЕРУВАМЕ ВО ПРОЦЕСОТ, НО И БУДНО ГО СЛЕДИМЕ ИСТИТОТ, СО КРИТИЧКИ ОДНОС КОН СОСТОЈБИТЕ
Да резимираме.
Македонија беше учесник на уште едно, деветто вкупно, Европско првенство во ракомет, заедно со уште 23 селекции. Завршивме на 14. место, некаде на средината, и тоа е апсолутно задоволително. Генералниот впечаток е позитивен, иако, како што кажав и претходно, останува мала доза резервираност околу шансата што ни се отвори – или ни беше овозможена од некого. Нејсе.
Добивме неколку нови имиња: Ѓорѓиев и Стојковиќ, но и Џонов и Павле Атанасиевиќ, кои го положија испитот. Се потврдија состојбите околу Кумановски и Томовски како лидери, како и Серафимов и Велковски – играчи кои знаат да се стават во функција на тимот. Ќе го почекаме Марко Митев, ќе се врати Лазаревски, ќе созреваат Иван Галевски и Самоил Ристевски, ќе се оправи Тино Карасманакис…
Селекторот, тактички, исто како и неговите пулени, од првенство на првенство созрева и расте. Ја има поддршката на нацијата, а што е уште поважно – и на државата и на федерацијата. Видовме нова зона 5–1, формација што ја најавувавме: со крилата кренати високо, кои заедно со бековите го чуваат противничкиот бек и крило; со агресивни халфови што не дозволуваат проток и залет, со антиципација што создава несигурност кај противникот.
Видовме обид да се минимизира влијанието на Пешевски, со играчи кои можеби не се толку опасни во напад, но играат во два правци – како насока кон иднината на ракометот. Видовме, барем против Португалија, дека знаеме да играме континуиран, „нацртан“, прецизен и трпелив напад. Дека играчите веруваат во себе и знаат да се вратат од „дебел минус“ против поквалитетни селекции.
Добивме нова зона, агресивна, интелигентна и опасна.
Џонов, Петар Атанасиевиќ и Стојковиќ се алтернативи за предната линија, додека Аларов, Стојковиќ, Карасманакис, Ристевски и Лазаревски ќе бидат поддршката од задната линија.
Веруваме во процесот, внимателно го следиме, но и конструктивно криткуваме.
Оти е за наше, општо добро!
п.с И утре, ќе (из)грее сонцето над ракометна Македонија!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот
„Ракомет за секое дете“



































