Порано, тие што веруваа во вонземјани и НЛО, беа глупи теоретичари на заговори, денес, тие што не веруваат повторно се глупи теоретичари на заговор. Секако, менувањето на научните парадигми е нешто нормално и „природно“ во развојот на науката. И тоа не е нешто што сакам да го спорам. Она што некогаш не било вистинито или веројатно, денес станува такво и обратно. Она што сакам да го предизвикам во овој текст е токму таа етикета на „теоретичар на заговор“, која сè почесто им се лепи на неистомисленици и алтернативни мислења. Впрочем, хипотезата ќе ја поставам уште посмело: да се биде „теоретичар на заговор“ денес, повеќе говори за постоење на критичка мисла отколку која било слепа „верба“ во официјалните „вистини“. Или, уште појасно: теоријата на заговор денес говори за скепсата, која треба да е иманентна особина на секое научно и критичко мислење.
Во „Енциклопедија Британика“ ќе ја сретнете следнава дефиниција за „теорија на заговор“: „обид да се објаснат штетни или трагични настани, со активности на мала група моќници. Таквите објаснувања ги отфрлаат прифатените наративи за тие настани, всушност, на официјалните верзии за тие настани се гледа токму како на доказ за конспирација“. Самата дефиниција е доволно широка за да биде проблематична. Имено, зарем не може истата таа да биде генерички опис на секое научно откритие? Зарем секое ново научно откритие не го прави токму тоа: нуди ново објаснување за одреден дел од стварноста што ги отфрла прифатените наративи!? Секако, позната ми е разликата помеѓу научното и ненаучното објаснување на стварноста и карактеристиките на научното знаење и научната методологија, но тоа овде не е предмет на анализа. Секако дека конспирацијата може да биде отфрлена како хипотеза што нема научни карактеристики. Но, јас овде сакам да укажам на „духот“ на епохата во која живееме.
Духот на епохата е догматски. И тоа е зачудувачки за овој степен на развој на науката. Денес е нормално и прифатливо да залепите „беџ“ на профилната на Фејсбук „верувам во науката“, а сте глуп ако се сомневате во официјалните верзии на настаните!? Затоа, јас попрво би сакал да го задржам ставот на конспиролог отколку на догматик и верник во науката. Особено по ковидот во мене се зацврсти ставот од насловот на оваа колумна: верувам во сè и на ништо не верувам. Откако слегна прашината со ковидот, откако нè носеа на вакцинирање како прасиња пред кланица, почнавме да разбираме дека „Фајзер“, на пример, одбива да ги даде сите документи пред Конгресот на САД на иследување. Откако ги даде, даде еден топ хартија што нема да можат да ја исчитаат три генерации. Во првите денови, недели од вакцинирањето нè убедуваа дека вакцината е речиси пак 100 отсто ефикасна, за како што одминуваше времето, тој процент да паѓа. Ако не ми верувате, ене, изгуглајте го оној американскиот советник Антони Фаучи и ќе најдете и видеа како буквално со секоја нова изјава го намалува тој процент. Да не зборувам за сè поголемиот број и научни трудови или за неефикасноста или за штетноста на вакцината.
Едно време, „лаптопот на Хантер Бајден“ беше теорија на заговор. Секако – руска! Денес тој лаптоп постои сосе сите гнасотии во него, но никако да стигне до јавноста или судот. Исто таков заговор беше и „пица-гејт“ додека оној сиротиот Џефри Епстин не се удави во кофа вода пред судењето, или како веќе и да умре, а денес не почнаа да излегуваат сè повеќе докази дека таму нешто навистина се случувало! Секако, руски заговор беше и тврдењето за постоење на биолаборатории на територијата на Украина, додека Русија не поднесе и официјален извештај и не побара официјална меѓународна истрага за тоа.
Се сеќавате на „глобалното затоплување“? Ене, денес имате сè погласни научници што го третираат тоа како тотална глупост. И притоа, ние го „купувавме“ како вистина, не од научници, ами од политичари или други општествено влијателни луѓе. Му „верувавме“ на оној Ал Гор. Или му веруваме денес на Бил Гејтс, кој излегува и нешто дроби за глобално затоплување, за вакцини, за пренаселеност на земјата… наместо да оди да си ги среди баговите во тоа Виндоусот. Да се присетуваме ли на голем број настани од нашата, домашната јавност што беа етикетирани како теории на заговор и невистини, а се покажаа како многу поубедливи вистини од „официјалните вистини“!?
Такви примери има многу. Немам намера да ги наведувам сите, не само за да не го оптоварувам текстот туку и за да не си ги зголемувам шансите да ја добијам етикетата „глуп теоретичар на заговор“. Знам дека со секој нов пример си ги зголемувам шансите за тоа. Особено откако намерно драматизирав погоре дека не знам дека Епстин секако не се удави во кофа вода. И во секој случај, примерите се само илустрација на смелата хипотеза што ја поставив на почетокот.
Навистина, денес мислам дека е многу подобро да бидете конспиролог отколку догматик. Особено во глобализиран свет во кој доминираат т.н. „мејнстрим“ медиуми во кои многу тешко пробива некоја алтернативна перспектива. Денес толку многу е поклопен јавниот простор со една единствена перспектива, со еден единствен наратив, ако сакате и со една единствена идеологија, што не сте информирани, туку хипнотизирани.
Затоа, бидете сомничави кон сè, дури и кон теориите на заговор, само немојте ве молам да „верувате“. Колку ли само е некритичен денешниот јавен дискурс, и тоа токму во ера кога нема учебник за образование во кој не се промовира т.н. критичко мислење! Пазете, „верувам во науката“ беше беџот што го имаше секоја втора профилна на Фејсбук за време на короната… се разбира, со додаток „вакцинирај се“! Но науката нема врска со вербата, туку со скепсата, со сомнежот, а мене во ера на заглушувачка, хипнотизирачка јавна сфера, теориите на заговор ми изгледаат многу поскептично од која било „верба“. Задржете го конспиролошкиот став, макар и само како став, како пристап кон стварноста и вистината. Конспирологијата денес многу похрабро го брани духот на науката, од што било друго. Сомнежот во официјалната стварност е многу „понаучен“ отколку кое било барање за „верба во науката“! Денес, да се биде конспиролог стана еквивалентно на скептик. Еве, јас бесрамно се прогласувам за конспиролог што се сомнева во сè, во секој официјален став и официјален наратив. Навистина сум во фаза кога верувам на сè и не верувам во ништо! Со таа скепса, се разбира, тешко се живее, но тоа е единствениот начин на борба против тешката пропаганда, меурот во кој секојдневно живееме!
Трајче Стојанов