Велиме „да“ кога всушност сакаме и треба да кажеме „не“

Кога постојано ги ставате другите пред себе, дури и на своја штета, може да се изгуби способноста да ги изразите вашите сопствени потреби

Сите во одреден момент мораме да се соочиме со критики и неодобрување, но д-р Џули Смит, авторка на популарната книга „Зошто никој не го кажа тоа претходно“, истакнува дека многумина не научиле добро да се справат со тоа. Има луѓе на кои тоа им ја уништува самодовербата, ги парализира и ги прави неспособни да се борат за она што им е важно во животот. Да се советува некој едноставно да престане да се грижи за тоа што другите мислат за него, додава таа, нема никаква корист. Затоа што во природата на човекот е да се грижи за тоа како околината го гледа.
Критиката може да биде знак дека на некој начин не сме ги исполниле очекувањата и понекогаш (но не секогаш) може да укаже на опасност од отфрлање или напуштање. Затоа е нормално критиките да предизвикуваат стрес. Во минатото, острацизмот од заедницата беше сериозна закана за опстанокот. Денес ситуацијата е различна од некои аспекти, но и слична во други. Кога некој е отфрлен или осамен, тоа претставува опасност за неговото здравје.

Справување со критика

Покрај тоа што нѐ штити, способноста да се погоди што мислат луѓето за нас е клучна вештина што ни помага да функционираме во социјалните групи. Ние развиваме самосвест врз основа на претпоставката за тоа што другите навистина мислат за нас.
Затоа кога си велиме дека едноставно повеќе не треба да нѐ интересираат туѓите мислења, дури и ако таквиот став накратко ни го подобри расположението, честопати, во најдобар случај има многу краткорочно влијание врз нас.
Угодувањето на другите не е само добрина. Тоа е модел на однесување што вклучува постојано ставање на другите пред себе, дури и на сметка на сопственото здравје и благосостојба. Поради тоа може да ја изгубите способноста да ги изразите сопствените потреби и она што ви се допаѓа.
Разочарани сме бидејќи нѐ искористуваат, но не можеме да ја свртиме ситуацијата така што би побарале нешто друго. Стравот од неодобрување никогаш не исчезнува бидејќи секогаш постои можност да направиме нешто погрешно, да донесеме погрешна одлука или да налутиме некого – дури и ако тоа е некој со кого не сакаме да бидеме во друштво.
Д-р Смит нè потсетува дека ако растеме во средина во која не е безбедно да се изразува несогласување или да се изразува различност и во која несогласувањето се изразува преку гнев или презир, тогаш уште од мали нозе учиме како да преживееме во таква средина. Да ги правиме другите среќни станува вештина за преживување што ја градиме и усовршуваме во детството. Подоцна, кога ќе пораснеме, таквите модели на однесување стануваат деструктивни. Се сомневаме во секој наш потег и постојано несигурно се обидуваме да погодиме што се очекува од нас.
Неодобрувањето се чувствува дури и ако другата личност не каже ниту збор. Кога немаме точни информации, умот почнува да ни ги пополнува празнините. За ова се користи терминот „ефект на рефлектор“, кој ја опишува човечката тенденција да преувеличува колку другите ни обрнуваат внимание.
Секој од нас има тенденција да мисли дека другите ни обрнуваат внимание, додека во реалниот живот секој обично е фокусиран на себе. Затоа често претпоставуваме дека другите имаат негативно мислење за нас, а всушност тие можеби воопшто не размислуваат за нас. Д-р Смит дава одговори на прашањата како да живееме со тоа и како да постигнеме квалитетни односи со другите без постојано да се грижиме дали ќе наидеме на неодобрување и осуда.
– Бидете со отворен ум и размислете за негативното мислење што може да ви помогне да продолжите напред. Научете да отфрлате критика што го одразува туѓиот вредносен систем, а не вашиот. Одлучете чие мислење најмногу ви значи, размислете за критиките на таа личност и учете од тоа, а кога ќе ја одбиете, продолжете понатаму – советува психологот.
Повеќето луѓе што се многу критични кон другите често се многу критични кон себе. Критикуваат затоа што се навикнати на тоа.

Утврдени правила на другите

Луѓето исто така се склони кон егоцентрично размислување, па затоа инсистираат другите да живеат според истите вредности и да ги следат истите правила што самите си ги поставиле. Тоа значи дека критиката може да се заснова на гледиштата на критичарот што го игнорира фактот дека сите ние имаме различни животни искуства, вредности и личности.
Луѓето често ги критикуваат другите врз основа на нивните сопствени правила за тоа како да се води животот, а тоа особено треба да го паметат сите што се склони да им угодуваат на другите. Невозможно е да им угодувате на сите цело време. Ако имаме блиски односи со некоја личност, нивното мислење веројатно ќе ни биде повредно (што ја прави критиката поболна), но може да имаме и информации што ни даваат подобро разбирање за тоа што се крие зад нивното неодобрување.
Контекстот е сè, но не ни е секогаш достапен. Кога немаме контекст, многу е потешко да се види суштината на критиката – дека тоа е идеја на една личност завиткана во сопственото искуство.

Оливера Поповиќ