Не случајно се вели дека Велигден е празник на светлина, надеж и на нов почеток. Велигден треба да ги охрабри луѓето и да им даде надеж. Тоа е моќта божја: победа на животот над смртта, триумф на светлината над темнината, повторно раѓање на надежта меѓу урнатините на неуспехот.
Велигден е најцврстиот елемент во темелите на христијанството затоа што во суштина ја слави победата на човештвото. Речиси во целиот христијански свет е прифатен не само како најголем верски празник туку и како најголема светска вредност. Верувањето во воскреснувањето на Исус Христос е извор на надеж, на верување дека ќе се случи нешто позитивно, ќе се исполни нешто што се очекува. Има надеж, да не се изгуби надеж, да не пропадне и последната надеж. Или да не биде тоа негување лажна надеж. Прочуена е поговорката „надежта последна умира“.
Во денешниот свет, кој драматично се менува, каде што недостигот од хуманост често излегува на виделина, истакнувањето и славењето на вредностите на Велигден стануваат неопходни во секое општество што сака мир, безбедност и толеранција меѓу луѓето и народите. Човештвото, добрината во човекот и љубовта кон другите, оптимизмот и надежта, духовности за кои се мислеше дека се неуништливи се напуштаат и пропаѓаат лесно. Исто како на луѓето во немирниот свет околу нас, така и на македонскиот народ, без разлика дали е верник или не, му треба надеж и охрабрување дека секој може да биде подобар и дека светлината ќе ја победи темнината.
Библискиот пророк Еремија напишал дека надежта за човекот е како сидро за душата. Како што сидрото го држи бродот за време на невреме така и надежта им помага на луѓето да ги поднесат сите проблеми со кои се соочуваат. И други пророци рекле дека надежта дава емоционална и ментална стабилност, дури дека придонесува и за човековото здравје. Надежта е најдобар лек за чувството на безнадежност, отуѓеност и страв. Кога пред неколку илјади години го прашале филозофот Аристотел што е надежта, одговорил дека надежта е она што го сонуваат будните.
Еден библиски псалм пее за тоа колку е важно човекот да живее во надеж, но предупредува на опасноста од полагање надеж во погрешни работи и погрешни луѓе. Американскиот државник Бенџамин Франклин тој псалм го парафразирал во мудра поука, која вели дека „оној што се храни со надеж ќе умре од глад“.
Една денешна слика на граѓаните на Македонија би покажала дека надежта кај нив доживува час нагорна час надолна линија. Еднаш оживува надежта, другпат приматот го зема нејзината посестрима – разочарувањето. Сите општествени, политички и партиски циклуси од осамостојувањето до денес, сите видови на избори и промени на власта почнувале со надеж, а завршувале со разочараност. По голема надеж, следува уште поголемо разочарување. Сите лидери, предводници на партии и изборни кампањи, претседатели на влади, без исклучок, заминаа од функциите како големо разочарување за граѓаните. Од силна поддршка на почетокот, завршија со жестока критика, со обвиненија (не само со сомненија) за криминал и корупција, за политичка нелегална трговија и општествен неморал. Некои побегна од земјата и се азиланти по светот. Од блескави почетоци до неславен крај за нив, со оставени драстични штети за државата.
Во нашата мала држава надежта одамна е потрошена. Ја прокоцкаа ја раздробија, безмалку ја убија политичките елити, кои ја злоупотребуваа само за покритие за своите лични и партиски интереси. Со недоветни политички проекти, со реформи, водат кон полошо наместо кон подобро, го ништат и она што остана од првобитниот восхит. Со носење надуставни или противуставни закони, со постизборни пресврти, измами, изневерување идеали и програми, владеење со криминал и корупција, од национален оптимизам и радост донесоа загорчување, неизвесност, несигурност.
Промената на името, договорите со Бугарија и со Грција, безмалку непријателската политика што ЕУ ја води кон Македонија, придонесоа да завладеат една општа невротична, фрустрирачка сегашност и неизвесна иднина. Безнадежност и недоверба кон сешто и секого. Не беа толку лоши годините и условите (времињата) колку што беа неспособни луѓето што управуваа со нашата држава и нашите судбини.
Сепак, има надеж. Нема човек што не ја знае фразата дека надежта умира последна. Тоа е кажано во една предантичка легенда за Пандора и Пандорината кутија. Пандора од грчката митологија била она што е Ева во Библијата. Како што Ева ги открила тајните на животот кинејќи го забранетото јаболко од дрвото во рајот, на Пандора ѝ било кажано никако да не ја отвора кутијата (ќупот) во која биле чувани сите лоши нешта. Но Пандора, совладана од женското љубопитство, ја отворила.
Од кутијата излегле и низ светот се рашириле сите неволји, несреќи, лошотии и зла, кои дотогаш биле затворени. Излегле тагата, чумата, сиромаштијата, злосторствата, очајот, зависта, лакомоста, инаетот, лудоста, гладот, измамата, лагите и лажните зборови. Излегле и лошите страсти, многу видови грижи, накај сто и педесет болки, едни за дење, други за ноќе, болести во неограничен број и во најразлични облици, се рашириле пакоста и злобата. Излегле сите кавги и зла што оттогаш ги разјадуваат душата и телото на човекот. Според легендите, од тој ден, од отворањето на Пандорината кутија, луѓето почнале и да стареат.
Кога Пандора, уплашена од животинките што летале или ползеле низ одајата, го затворила капакот од ковчегот, во него останала само Надежта. Кога ја отворила вторпат излегла и таа, така што на човештвото и во злите времиња им останала искра надеж. Според приказната, надежта ѝ се обратила на Пандора со зборовите што требало таа да им ги пренесе на луѓето: „Ќе бидам со вас додека сум ви потребна. Додека сте живи ви ветувам дека никогаш нема да ве оставам. Ќе има моменти овде-онде кога ќе ви се чини дека сосема сум исчезнала. Но секогаш, токму во моментите кога тоа најмалку ќе го очекувате, повторно ќе ја видите светлината на моите крила“. Така рекла надежта, ако е за верување на приказната.
Исус повеќе од две илјади години е глас на надежта на човештвото, ословуван, меѓу другото, и како принц на надежта на човештвото. Неговото воскреснување стана празник на духовната чистота, на преродба, на надеж за ново почнување на животот.