Егоизам, еготизам и садизам
Гледав пред некој ден една ужасна сцена: две деца јадеа гироси. Крај нив се врткаше куче-скитник, локално, наше, вакцинирано, со жолто копче на увото. Седеа на клупата пред солитерот, во паркчето. Помина едно сиромашно дете, парталав питач, или подобро речено – вработен во корпорацијата питачи. Познато е дека и питачите денес имаат „бос“ за кого работат, а на крајот од денот ги исплаќа според тоа колку сработиле. Обично оперираат на крстосниците. Но ова момче поминуваше низ паркот (веројатно одеше на работното место – блиските семафори) и им побара пари на децата. „Дај некој динар, за леб“. Тоа беше неговата реплика. Одговорот беше – мавни се оттука, гледаш дека јадеме. Вообичаено и ништо скандалозно. Но она што ме изненади е што едниот почна да го јаде (лиже) гиросот на таков театрален начин, гледајќи во питачот, што буквално значеше – „Знаеш колку е вкусно гирото?“. А другиот откина парче и му го фрли на кучето-скитник.
Очигледно, не беше во прашање желба да се ослободат од питачот, туку – да го понижат. По Достоевски и неговиот Иван Карамазов, немам што да кажам на оваа тема: човекот очигледно наоѓа уживање во понижувањето и мачењето други луѓе. Луѓето имаат развиено цела една естетика на измачувањата. Тоа денес е сосема видливо.
Имам доволно години за да знам дека егоизмот го движи светот. Против тоа не можам ништо, како што не можам да се борам ни против законите на природата: на пример, против законот дека сите сме смртни. Но, не можам да се помирам со тоа дека егоизмот често добива застрашувачки форми на насилство и измачување на другиот. Често ме прашуваат „како ми текнала“ една сцена од „Папокот на светлината“. Тоа е онаа на пазарот, кога таткото, пазарџија на тезга, му подава лепиња со врели ќебапи на синчето кое му помага и му вели „Земи еден“. Детето зема еден ќебап од сендвичот на таткото, но бидејќи ќебапите се врели, го испушта на земја. И потоа добива ќотек: „Јас црнчам од утро до мрак да ве исхранам, а ти ми фрлаш ќебапи на земја?!“, повторува таткото додека го бие синот со жешки шлаканици. Е па, таа сцена „не ми текнала“, како што мислат. Сум ја видел во живо. На пазар. Ужасот е во тоа што таа сцена е реалност, а не фикција.
Егоизмот се претвора во насилство кога станува еготизам. Психолозите знаат точно што е разликата меѓу егоизмот и егоТизмот. Егоизмот е онаа прочуена дефиниција на Шопенхауер: „Сè за мене и ништо за другите“. Еготизмот е пак мисловно насилство над другиот: постојат личности еготисти кои не само што веруваат дека само нивните мислења се исправни и точни, туку со сила бараат од другите да ги усвојат нивните мислења како единствено точни и исправни. Во сцената со ќебапите на пазарот, егоизмот се состои во тоа што таткото јаде и не му дава на синот. Кога ќе му ја подаде лепињата со барање синот да земе еден ќебап, тој сака да се претстави како неегоист, како некој што „се сожалил“. За несреќа, ќебапот паѓа на земја, а таткото од егоист станува егоТист – бара детето да верува и да прифати негово мислење, за кое таткото мисли дека е единствено точно, а тоа е дека „црнчи од утро до мрак за да ги прехрани, а тие фрлаат ќебапи на земја“. Ниту првото ниту второто мислење на тиранинот е точно. Прво, самото присуство на детето на пазарот е доказ дека и тоа „црнчи“ со таткото, а второ – детето не го фрли ќебапот на земја, туку му падна, зашто беше врел. Но таткото со биење бараше од детето да признае дека е така и дека мислењата на татко му се единствено исправни.
Дотука е сè јасно, зашто сме во зоната на личноста и на индивидуалната психологија. Но, доволно е поимот „егоизам“ да го префрлиме од зоната на индивидуалното во зоната на колективното, односно од зоната на ПСИХОЛОГИЈАТА во зоната на ИДЕОЛОГИЈАТА, па тој да се претвори во КАПИТАЛИЗАМ („Сè за мене и ништо за другите“). Еготизмот, пак, се претвора во ТОТАЛИТАРИЗАМ („Само мислењата на партијата и водачот се единствено вистинити и мораш да ги усвоиш“). Ние денес на планот на личностите имаме и егоизам и еготизам: познавам егоисти и во најблиското мое опкружување, а и еготисти има колку сакаш. А на планот на колективот, имаме и капитализам и тоталитаризам.
И во вчерашниот изумрен свет имаше и егоизам и еготизам. Но доминираше еготизмот, односно – тоталитаризмот. Се знаеше – кој не мисли како Комунистичката партија, ќе му се отвори досие, па ако досието се наполни со докази за „поткопување на уставниот поредок на СФРЈ“, ќе си отиде на бесплатно „летување“ и „зимување“ на Голи Оток. Но, егоизмот (односно – капитализмот) не беше изразен колку што е денес. Денес егоизмот е сфатен не само како капитализам туку и како нужна ПРИВАТНА филозофија на преживување, како онаа „логика“ на војната: „мораш да убиеш прв, за да не бидеш убиен“. Така денес: биди си прво ти егоист, пред да го почувствуваш врз себе фаталниот егоизам на другите. Во вчерашниот изумрен свет имаше егоисти, но тие беа и исмевани и маркирани и изолирани од самата заедница. Имавме богато момче во одделението во основното училиште, со кое никој не зборуваше, затоа што со никого не делеше ништо. Ние делевме. „Дај еден гриз“ е фраза што денес веќе не постои. Тоа значеше некој да ти даде да каснеш од неговото парче леб. „Дај едно крукче“ беше фраза да ти даде некој да повозиш негов велосипед; „Дај едно димче“ значеше да повлечеш од неговата цигара.
Денес го нема тоа. Децата не делат ништо меѓу себе, освен пороци и игрички. А јас, пред неколку години, го среќавам пред кафеана во Влае – Селмо, момче што учеше со мене во основно. Неговите беа од Босна, живееја во „црвените“ работнички згради, беа чесни работници, ама беа сиромашни. Е тој Селмо, кој во меѓувреме станал самостоен автопревозник, ме гушка и ме кани на пијачка. Инсистира, иако брзам. Низ разговорот ми кажува нешто што јас воопшто не помнам: некогаш, кога сме биле на екскурзија, сум му го дал целиот мој сендвич, зашто тој немал, а јас сум рекол – земи го, имам јас чипс.
Луѓе, верувајте – имам целосна дупка во меморијата за такво нешто, иако личи на мене. Селмо, бидејќи не го преполнувал мозокот со непотребни глупости за да стекне дипломи (како јас), и затоа има многу повеќе празни мегабајти меморија од мене, со солзи во очите ми раскажува детали за „структурата“ на сендвичот! Јас не помнам, ама помнам дека ме бранеше како најверно обезбедување ако некој „ме закачаше“. За возврат, му пишував писмени задачи. Ние бевме – другари.
Е сега, назад на сцената од почетокот. Што има во неа што во вчерашниот изумрен свет не постоеше? САДИЗАМ. Има егоизам, имаше и порано. Но, во гирос-сцената доминира желба за измачување на другиот, дури се наоѓа и уживање во тоа: „Попрво ќе нахранам пес-скитник одошто тебе, питачу“, му рече невербално едното момче на питачот, кога откина дел од гиросот и му го фрли на песот. „Види колку ми е убаво додека го лижам цацикиво, а ти лижи си ги мрсулите, партал еден“, му рече без зборови другото момче, кога со јазикот театрално почна да го јаде сендвичот. Садизмот е психолошка тема за која, како и за Достоевски, не се осмелувам да мудрувам. За неа и за Маркизот де Сад се напишани цели библиотеки. Мене само ме интересира (и затоа ја напишав оваа колумна): ако егоизмот од приватно на општествено ниво поминува во капитализам, ако еготизмот поминува во тоталитаризам, во што поминува тогаш садизмот?
Кој знае нека ми каже. Помислувам на ИДЕОЛОШКИ ИДИОТИЗАМ. Под тоа подразбирам правење зло и „изнудување лиги“ кај политичкиот неистомисленик од сластите (гиросот) на власта, ама не сум сигурен. Навистина не знам. Нека каже кој знае.
































