Употребата на канабис е поврзана со психоза

Во овие празнични денови, кога многумина се релаксираат, постои тенденција на пораст на користење разни стимулативни супстанции како алкохол, разни дроги и сл., особено кај помладата популација. За алкохолот веќе сум пишувала колку е штетен за нервните клетки. Во тој контекст, постои заблуда дека канабисот е најмалку штетен, па дури може да биде и полезен?!
Во многу земји, па и во нашата, законски е легализирана употребата на канабис. И тоа, не само во медицински цели туку и кај општото население. Така, канабис се продава како масло или во форма на разни гел-препарати за мачкање болни делови од телото. Дури сме сведоци на легални плантажи со канабис, кои носат не мали приходи за сопствениците. Научната јавност не е сосема согласна со ваквите ставови на властите, зашто е потврдено дека користењето канабис претставува зависност и така треба да се третира. По мое мислење, нема лесна и тешка зависност, туку едноставно – зависност, било да е од канабис, од алкохол или од посилни дроги.
Во тој контекст, по шест години откако канабисот беше легализиран во Канада, во оваа развиена земја е нагласена потребата од понатамошни истражувања за целосно да се разберат неговите здравствени ефекти.
Новото истражување од Универзитетот „Вестерн“ покажува дека лицата со зависност од употреба на канабис имаат покачени нивоа на допамин во регионите на мозокот поврзани со психоза. Користејќи скенирања со магнетна резонанца (МРИ) чувствителна на невромеланин, научниците откриле зголемена активност на допамин, видлива како потемни точки на мозокот кај корисниците на канабис, без оглед дали имале или не дијагноза за шизофренија.
Овие промени укажуваат на забрзано стареење во мозокот поврзано со допамин, што помага да се објасни порастот на психози предизвикани токму од канабис, што се забележува клинички по времето на легализацијата. Наодите ја истакнуваат потребата од поголема јавна свест за употребата на канабис и потенцијалните ризици за ментално здравје од оваа психоактивна супстанција.

Новата студија објавена на 9 април во „ЈАМА псајкајатри“ фрла светлина врз тоа како зависноста со употребата на канабис е поврзана со промените во мозокот што се поврзани со психоза. Имено, во друга студија веќе е покажано дека нарушувањата во фронтопариеталната мрежа се клучни и за раните и за хроничните симптоми на психоза. Тоа значи дека психозата не е само клинички синдром туку има и органски промени во мозокот.
Во тој контекст, невромеланинот се појавува на скенирањата во форма на црни точки, дејствувајќи како маркер за мерење и идентификување области со допаминска активност.
Користејќи техники за снимање на мозокот, истражувачите откриле дека оние што користеле канабис често во подолг временски период, покажале знаци на повисоки нивоа на допамин во истиот регион од мозокот што е поврзан со психоза.
Оваа студија е спроведена во Лондон и во Онтарио, предводена од истражувачи од Истражувачкиот институт на Лондонскиот центар за здравствени науки (LHSCRI) и Медицинскиот и стоматолошкиот факултет „Шулих“ на Универзитетот „Вестерн“.
Претходните податоци покажаа дека во одделенијата за итни случаи низ Канада, луѓето почесто се јавуваат со знаци на психоза токму во периодот по легализацијата на канабисот.
Сега има докази што покажуваат директна линија што ги поврзува канабисот со допаминот и психозата, што никогаш порано не беше покажано, и е од клучно значење за лекарите, пациентите и семејствата да работат заедно за да ја прекинат оваа линија, велат истражувачите.
Само за потсетување, допаминот е многу важен невротрансмитер (хемиски гласник) што се создава во нашиот мозок. Тој игра улога на „центар за награда“ и е вклучен во многу телесни функции, вклучувајќи ги меморијата, движењето, мотивацијата, расположението, вниманието и друго. Високите или ниските нивоа на допамин се поврзани со болести, вклучувајќи ги Паркинсоновата болест, синдромот на немирни нозе и нарушувањето на хиперактивноста и дефицитот на вниманието (АДХД).
Покачените нивоа на допамин можат да ги нарушат нормалните мозочни процеси и може да го зголемат ризикот од психоза, особено кај лица што се веќе ранливи.

Користејќи неинвазивна техника за снимање на мозокот наречена магнетна резонанца чувствителна на невромеланин, истражувачите беа во можност да испитаат супстанција наречена невромеланин – црн пигмент што останува во мозокот и се акумулира со текот на времето ако има премногу допамин.
Невромеланинот се појавува на скенирањата во форма на црни точки, дејствувајќи како маркер за мерење и идентификување области со допаминска активност.
Кај луѓето што прекумерно користат канабис, тие точки се поцрни отколку што треба да бидат за нивната возраст во споредба со здравите лица.
Тоа укажува дека тие имаат високо ниво на допамин, а во некои случаи покажуваат пигменти што би ги имал некој 10 години постар.
Учесниците во студијата биле на возраст од 18 до 35 години. Притоа, истражувачите регрутирале лица со и без нарушување на употребата на канабис, при што некои во секоја група исто така беа дијагностицирани со прва епизода на шизофренија.
Забележано е зголемување на поцрните точки во одреден регион на средниот мозок поврзан со психоза – супстанција нигра и вентралните тегментални области.
Тоа зголемување било забележано кај оние со нарушување на употребата на канабис, без оглед на тоа дали се здрави или имаат прва епизода на шизофренија.
Тоа истражување навистина помага да се обезбедат докази или да се потврди она што го гледаме клинички и дава индиции зошто изложеноста на канабис предизвикува промени во мозокот поврзани со психоза.
Во последните неколку години од легализацијата, се гледаат адолесценти што имаат две или три кратки епизоди на психоза предизвикани токму од канабис, а потоа имаат многу поголема епизода и добиваат дијагноза – шизофренија.
Клучни факти:
– Нарушувањето од употреба на канабис е поврзано со зголемен допамин во регионите на мозокот поврзани со психоза.
– МРИ чувствителна на невромеланин откри потемни точки на мозокот што укажуваат на вишок допамин кај корисниците на канабис.
– Наодите можат да го објаснат порастот на психоза поврзана со канабис и да ја истакнат потребата од информирана едукација за употреба на канабис.
Мојот апел до младите, нивните родители и до здравствените работници е да се биде претпазлив со употребата на канабис, супстанција што се зема доста лесно, но сепак претставува дрога во вистинска смисла на зборот. Со ваквите сознанија, се потврдува неговата долготрајна штетност предизвикувајќи стареење на мозокот и предиспозиција за психоза (најтешката состојба на нарушено ментално здравје).