Настани, симболи, алузии
Секоја година кога почнуваат есенските дождови спомените ме навраќаат на моите први скопски денови кога од Ресен дојдов да студирам во Скопје и на случката со улицата Луј Пастер број 5. Сигурно дека збунетоста и збрканоста што ме имаа опфатено тогаш, на свој начин ја почувствувале многумина луѓе, млади и стари, мажи и жени, родители и деца што доаѓале на студии или определувајќи се својот живот да го поминат во главниот град. Текстов што го пишувам им ги посветувам токму на оние што дошле и останале, кои на свој начин го врзале своето живеење токму овде, а биле возбудени и збунети како што сум бил и јас самиот.
Во Скопје дојдов во октомври 1967 година. Местото на живеење ми беше во Автокоманда, во бараките на студентската населба „Стив Наумов“, блиску до Филозофскиот факултет каде што студирав Југословенски книжевности и македонски јазик. Во тој студентски град, во таа урнебесна младешка средина, една соба делев со цимери, едниот Миле од Берово, другиот Столе од Ново Село, Струмичко. Иако сите тројца зборувавме на своите дијалекти првата година пристојно се разбиравме, во втората се „култивиравме“ и почнавме да применуваме релативно чист македонски литературен јазик. Откако се разделивме повеќе не се видовме, но до денес и двајцата ги чувствувам како свои пријатели, како дел од една младешка надеж дека ќе биде нешто од нас.
Во последната гимназиска година, освен за новинарството, покажував некаква дарба за пишување афоризми. Почнав да ги праќам по пошта во Скопје на редакцијата на „Остен“, списание за хумор и сатира. За големо чудо и на моја провинцијална радост ги објавуваа, некои во оригиналот, некои нешто коригирани, но со потпис на моето име и презиме и со мојот прекар, кој во Ресен ми беше повеќе од име. Прекарот (Лели) го носам од раѓање, а денес го знаат само моите најблиски. Скопје ми го уби, но сигурно не ќе можеше да се изврши тој чин без моја помош и учество.
Кога дојдов во метрополата, една од моите големи желби беше да ја посетам редакцијата, да видам некои од уредниците и да чујам мислење дали да продолжам да пишувам. Поимот „редакција“ за мене беше нешто непознато, а сѐ што е непознато по малку е и свето. Тоа култно место од кое при секоја помисла ми се тресеа нозете, се наоѓаше на адресата – улица Луј Пастер број 5.
Страв, не страв, едно претпладне тргнав да ја барам адресата. Градот не го познавав, имав претстава само за Автокоманда и дел од центарот. Првичната информација ми беше дека улицата се наоѓа во центарот, во близината на кината „Култура“ и „Бамби“. Тамам заодев пешки почна да врне еден тежок, студен, ноемвриски дожд, кој не престана до вечерта.
Сакам да ми верувате, ама да не ми се смеете. Улицата ја најдов, но никако не можев да го најдам објектот со број 5. Потрагата траеше два-три часа под силниот обилен дожд. Ги гледав сите згради, куќи, прашував луѓе, едни ми кажуваа една локација, други друга. Се движев од едниот до другиот крај на улицата, не знам колку пати напред, колку назад, но бројот 5 за мене остануваше недостижно место. Како пат до Месечината, подвиг за кој се готвеа американските астронаути и што го остварија две години подоцна.
Тие кон Месечината, а јас како паднат од Марс. Не ми успева и не ми успева да го најдам бројот 5. Сторен жива вода не се откажувам додека не се случи чудото. Застанувам под еден пасаж до киното „Култура“ да се засолнам малку од дождот и да одморам од долгото вртење во волшебниот круг. И во внатрешноста на пасажот гледам табла со број 5. Улица Луј Пастер број 5, а на ѕидот виси натпис – „Остен“.
Не знаев дали да се смеам или да се удирам по глава со некој остен, затоа што покрај тој пасаж поминав најмалку десетина пати, но никогаш не погледнав, не ми падна на памет да погледнам навнатре. А да бидам искрен, дотогаш поим немав што е тоа пасаж. Зборот ми беше познат, ама не ми беше познато како изгледа во живо. За да не се посрамотам на друго место, од речникот научив дека пасаж ти било покриена уличка, тесен премин под куќа од една улица до друга. Тој премин за мене беше знак дека сум го поминал Рубикон – од Ресен до Скопје.
Во редакцијата ме примија мошне срдечно и пријателски, особено хумористот Живко Павлов и карикатуристот Владо Јоциќ, чија жена, поетесата Светлана, беше ресенчанка. Таа средба најверојатно ми даде и некоја слика дека новинарството е интересна и убава професија, занает што го работат добри луѓе. Од тие и од други причини до денес се радувам на таа моја прва голема, незаборавна, дождовна авантура во Скопје.
Потоа сѐ одеше релативно полесно. Градот почнав да го запознавам движејќи се низ него, измислувајќи оригинален начин. Како пасиониран киноман одев да гледам филмови во кината во Центар, во Кисела Вода, во Бутел, во Карпош, дури до Драчево. Задолжително во киното „Напредок“ кај Бит-пазар со данско-шведски наивен еротски репертоар, исклучиво машка публика. Не беше до филмовите – до запознавањето на Скопје беше.
Големата улица Партизанска ја запознав поинаку. Набрзо откако почна мојот приправнички стаж во градската рубрика на весникот „Нова Македонија“, уредникот за да ме научи што е новинарство и да ми ги потсмири идеалите, ми даде задача две ноќи со ред да ги бројам уличните светилки, колку светат, колку не светат. Една ноќ сум броел од Соборната црква што тогаш се градеше до мостот кај Влае, другата ноќ во обратна насока. Тие беа двете мои најснежни, најнежни, најинспиративни и поучни ноќи во првите професионални години. Снег до колена, а јас ја градам новинарската кариера броејќи угаснати светилки на најдолгата улица во Социјалистичка Република Македонија.
Така јас го примав Скопје, Скопје ме примаше мене. Еден автобус, друг автобус, кога плати карта, кога не плати, ја освојував скопската територија носејќи си го товарот на момче дојдено од некоја друга реалност, од некоја друга географска ширина, од друга, поголема надморска височина и од локално таканаречена провинциска припадност.
Оттогаш поминаа 57 години, ниту Скопје е истото, ниту јас сум во младоста, а сѐ како да се случувало вчера. Затоа на сите млади што доаѓаат да студираат или да живеат во Скопје им порачувам дека маните и доблестите што ги носат од своето родно место во Скопје не се мани, туку се предност. Студентскиот живот, особено во студентските населби и домови (а сум ги поминал речиси сите), колку и да е лош според стандардот, прекрасен е според запознавањата, дружењата, љубовните врски, шареноликоста и разликата од дневната здодевност. На сите им препорачувам да уживаат наместо да се плашат од тоа што ги чека во овој град – ламја. Тие се искуства не само што се паметат туку служат цел живот.