Со офанзивата во Курск, Украина не само што ги премина границите на Русија таа ги премина и „црвените линии“ поставени во Вашингтон. Уште од инвазијата на Русија врз Украина, САД инсистираа на тоа дека нивната цел е да ѝ помогнат на Украина да ја одбрани својата територија и да опстане како суверена држава. Секоја сугестија дека војната може да биде пренесена во Русија се сметаше за опасна.
По упадот во Курск, претседателот Володимир Зеленски од Украина ги презира ограничувањата што Америка ги постави врз воените напори на Украина, осудувајќи го „наивниот, илузорен концепт на таканаречените ’црвени линии‘ во однос на Русија, кои доминираа во оцената на војната од некои партнери“. Тој став, рече украинскиот претседател, сега „се распадна“.
Но дали е така? Разликата меѓу претпазливоста во Вашингтон и подготвеноста за преземање ризик во Киев не ја одразува само разликата во анализата за тоа до каде може да се притисне Владимир Путин. Тоа е исто така одраз на суптилната разлика во воените цели.
На почетокот на конфликтот, претседателот Џо Бајден постави две цели на својата администрација. Првата беше да се поддржи Украина. Но втората беше да се избегне трета светска војна. Доколку бидат принудени да изберат меѓу тие две цели, САД јасно би ја избрале втората.
Но Украина се бори за својот опстанок. Таа би прифатила директно учество на САД во војна со Русија. Според една неодамнешна книга на Дејвид Сангер, Бајден дури им сугерирал на своите соработници дека Зеленски можеби намерно се обидува да ја вовлече Америка во трета светска војна.
Како резултат на тоа, постои различен апетит за ризик во Вашингтон и Киев. Соединетите Американски Држави беа постојано внимателни во врска со видовите оружје што ѝ ги доставуваат на Украина. Кога ракетите со долг дострел ХИМАРС за првпат ѝ беа испорачани на Украина, администрацијата на Бајден постави ограничувања до каде може да бидат истрелани. Дури во мај Вашингтон даде дозвола оружјето испорачано од САД да се користи против цели во Русија. Тие забрани сѐ уште важат, иако Украинците силно притискаат да бидат укинати.
Разликата во толеранцијата за ризик меѓу Америка и Украина се рефлектира во Европа. Земјите што се блиску до линијата на фронтот и се чувствуваат директно загрозени од Русија, како што се Естонија и Полска, се залагаат да ѝ дадат на Украина понапредно оружје и поголема ширина да го користи. Германија постојано дејствува многу побавно.
Украинците долго време се жалат дека претпазливоста на нивните најмоќни сојузници значи дека од нив се бара да се борат со едната рака врзана зад грб. Русија може слободно да удира длабоко во Украина, но на Украина ѝ е забрането да возвраќа.
И украинската и американската влада велат дека администрацијата на Бајден не била информирана за офанзивата во Курск пред таа да се случи. Иако очигледно е во интерес на Америка да негира директна вмешаност во планирањето напад на руска територија, се чини дека тоа е точно.
Со офанзивата на Курск, Украинците искористија стратегија вообичаена за Израел, со преземање воена акција што не беше одобрена во Вашингтон. Претпоставката и од Украина и од Израел е дека, доколку акцијата биде успешна, таа ќе добие ретроспективно одобрение од Америка. Ако не успее, САД на крајот ќе им помогнат да се справат со последиците.
Засега, во Вашингтон владее внимателен оптимизам за офанзивата во Курск – иако остануваат сомнежите дали силите на Киев можат да го задржат теренот што го зазедоа и да ги издржат руските напади во источна Украина.
Но дури и украинскиот успех веројатно нема да доведе до тоа САД да се грижат помалку за ризикот. Американците сè уште имаат намера да избегнат директен конфликт со Русија и сè уште сериозно ја сфаќаат заканата од нуклеарен конфликт.
САД знаат дека Путин јавно се закануваше дека ќе користи нуклеарно оружје и дека Русија постојано практикуваше негово користење во воени вежби. Во 2022 година, американското разузнавање прислушуваше чести и понекогаш детални разговори меѓу руските воени претставници за нуклеарно производство. Можно е некои од тие разговори да биле со намера да се слушнат. Сепак, Американците ги сфатија јавните закани на Русија, како и приватните разговори, доволно сериозно, за Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Бајден, да ја предупреди Русија за „катастрофални последици“ доколку употреби нуклеарно оружје.
Американците укажуваат на тоа предупредување на Саливан да ја побијат идејата дека тие едноставно се повлекле пред руските закани. Наместо да ги почитуваат „црвените линии“ на Русија, САД и нивните сојузници постепено ги надминаа – тестирајќи до каде може да се притисне Путин преку постепена ескалација.
Некои западни аналитичари веруваат дека офанзивата на Курск сега решително ги разобличи нуклеарните закани на Путин. Филипс О’Брајан од Универзитетот „Сент Ендрјуз“ тврди дека инвазијата врз Русија „отсекогаш била последната претпоставена ’црвена линија‘ за употреба на нуклеарно оружје – а Украинците маршираат… токму преку неа“.
Но САД не веруваат дека последната „црвена линија“ е успешно премината. Советниците на Бајден продолжуваат да мислат дека – ако Путин верува оти неговиот режим е дојден до точка на целосен пораз – Русите би можеле да прибегнат кон употреба на нуклеарно оружје. Кога Украинците се жалат дека нивните сојузници се исплашени од идејата за победа, тие имаат право.
Гидеон Рахман