Укинете ја и „пржинската влада“

Зошто олку долго трае транзицијата на власта во Македонија? Иако изборите завршија на 8 мај, цел месец потоа Републиката сè уште нема нова влада. Единствени два легитимни органа на власта се претседателката на Републиката и спикерот на Собранието. Неверојатни четири месеци Талат Џафери е претседател на Владата, а да биде иронијата уште поголема, по првпат во македонската демократска историја, во моментов, една партија ги има во своите раце премиерската функција, како и раководењето со сите клучни министерства – финансии, внатрешни работи, надворешни работи, одбрана и правда. Да биде апсурдот поголем, ДУИ е на самиот врв на моќта токму неколку дена пред конечно да замине во опозиција.
На што се должи оваа неприродна состојба? Првиот одговор произлегува од периодот на врвот на домашната политичка криза по „детонирањето“ на „бомбите“ на Зоран Заев. Преговарачкиот процес, воден прво од наметнати чудни ликови, како еден белгиски олеснувач чие име веќе го заборавивме, а потоа и со посредство на амбасадорите од клучните земји на квинтата и од ЕУ, кулминираше со „пржинскиот процес“. Низ една дубиозна постапка се создадоа ад хок институционални решенија, противуставни и противзаконски, кои го поткопаа уставниот поредок на Македонија. Една од тие измислици беше и „пржинската влада“, со наметнување на функцијата „преоден премиер“ за организација на изборите, како и со влез на опозицијата во Владата, и тоа во неколку ресори каде што е најголем протокот на буџетски пари и можностите за изборен поткуп. Како и при секој ад хок процес, така и кај „пржинската влада“ останаа многу недоречености, но како што, за жал, нè учи историјата, често привремените решенија добиваат свој живот и создаваат системски кризи што го загрозуваат нормалното функционирање на демократијата.
Во моментов јавноста не слуша за драматични злоупотреби од должносниците на преодната влада. Тоа е делумно предизвикано од јасната изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ, како и од огромното мнозинство на идната владина коалиција. Но, сепак, состојбата е многу бизарна и неприродна, имајќи предвид дека во очите на јавноста Христијан Мицкоски веќе е премиер, ВМРО-ДПМНЕ е стожерна партија на власта, а во моментов тие немаат никаква допирна точка со извршните органи, кои се безмалку целосно во рацете на ДУИ, со некои министерства и кај СДСМ, но најчесто кај политичари чии имиња се непознати за јавноста и покрај тоа што тие се со години министри, директори, државни секретари и нивни заменици.

Како што вели Антонио Грамши, „кога старото уште не е починато, а новото допрва чекаме да се роди, тогаш настапува времето на сеништата“. Има ли поголемо „сениште“ во македонскиот политички систем од „пржинските институции“?
Да се потсетиме… Специјалното јавно обвинителство беше создадено како парадржавен орган, со најшироки можни овластувања. Јавноста во Македонија беше вчудовидена како три тотално непознати обвинителки, кои се покажа дека имаат оскудно познавање на правото, мошне ниско ниво на пристојност и култура, но огромна доза агресија и ароганција, прекуноќ станаа „ѕвезди“ што се носат на маици, за кои се маршира и протестира, кои се опеваат во песни и зад кои застанува целата меѓународна заедница, со сиот свој габарит. Надменоста и аздисувањето одеа дотаму што Катица Јанева, шефицата на СЈО, си замина демонстративно од Собранието кога почувствува дека го губи тлото под нозете, но претходно го прогласи македонскиот законодавен дом за нелегитимен иако тие претходно ја беа избрале на функцијата. СЈО, наместо последна надеж за владеење на правото и правната држава, се претвори во отровно дувло на организиран криминал и корупција, место од каде што се рекетираа бизнисмени за финансирање телевизија, за добивање станови, набавување каучи, а и што уште не… „Секоја власт расипува, а апсолутната власт расипува апсолутно“ е познатата крилатица на лордот Актон, која ја гледавме како ни се одвива пред очите како многу лош филм.
Исто како што СЈО не пропадна спектакуларно така и „пржинската влада“ не успеа да го спречи изборниот инженеринг во 2020 година. Тогаш гледавме како пред нашите очи се дистрибуира „хуманитарна помош“ на најзагрозените слоеви, очигледен изборен поткуп. Ревизијата уште открива детали за огромна кражба на државните пари за време на пандемијата, кои, исто така, се слеаја во изборната кампања, но и во многу приватни џебови. Тогашниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев беше блокиран на секој чекор, а и пропагандата на Заев го прогласи за виновен за сè што Владата не успеваше да организира („Наќе е крив!“ остана една од шегите на скопската чаршија, која уште се употребува). Стодневната преодна влада го закочува целиот владин систем во Македонија, оневозможува редовна исплата на државните обврски од буџетот и прави сериозна дупка во континуитетот на владеењето.

Едноставно, во тие 100 дена „пржинска влада“ никој не владее со земјата и институциите се практично распуштени. Да биде глупоста уште поголема, опозицијата ја споделува власта што создава впечаток дека ја споделува и одговорноста со владеењето (за среќа на ВМРО-ДПМНЕ при овој изборен циклус одлучноста на новиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, да се справи со кризата со издавање лични документи, како и неговото пристојно управување со полицијата само ја нагласи разликата помеѓу коалицијата СДСМ – ДУИ и опозицијата, па овој контрапункт беше илустративен пример за граѓаните за што гласаат).
Имајќи го сето ова предвид, чукнат е часот за да се укине и „пржинската влада“, тој последен остаток од политичката криза од 2014 до 2017 година. Државната изборна комисија во изминатиов период израсна во моќно тело, со јасни и строги извршни овластувања, кои овозможуваат непречено одвивање на изборниот процес, а со дополнително законско уредување ДИК може да биде и централното тело за спречување изборен поткуп и изборен инженеринг (на примерот на уредување на медиумите се виде колку е зајакната ролјата на изборните власти во Македонија). Навистина нема никаква потреба од промена на премиерот и од франкенштајн-експерименти во македонскиот политички систем. Не постои никаде во Европа решение што би наликувало на „пржинската влада“, а секаде клучниот принцип е да се овозможи „континуитет на владеењето во секое време“, како и влада со полн капацитет. Укинувањето на „пржинската влада“ ќе биде една од последните страници во справувањето со последиците од жестоката македонска политичка криза од 2014 до 2017 година, која кулминираше со изборот на владите на Зоран Заев и сето она што потоа се случуваше. Македонија не смее никогаш да ги заборави годините што ги обележи владеењето на Зоран Заев, но време е да се прекине агонијата и земјата да си го поврати легитимитетот во очите на своите граѓани, а и повторно да се воспостават уставниот поредок и непреченото функционирање на институциите. Како земја членка на НАТО и иден составен дел на ЕУ, тоа им го должиме на нашите граѓани, а македонското новинарство, публицистика, правото, политичката наука и историографијата должат убаво објаснување и толкување на македонските турбулентни години.

Ивица Боцевски