Училишно ѕвоно

Од фазата АРПАНЕТ – американска одбранбена мрежа создадена во 1969 година, интернетот минува во фаза на комерцијализација во 90-тите години. Оттогаш, па наваму, ние живееме во светот на мрежите како збирки или можности за поврзувања и користење услуги речиси од секаков вид. Во силната понуда на аналогните и дигиталните мрежи, натпревар во кој предност им се дава на последните, посебноста наменета за воените и полициските структури, која била ексклузивитет, добива одобрение за тестирање и дозвола за употреба во комерцијалните дејности, односно мобилната телефонија. И… оттогаш, па наваму, ништо не е исто. Светот сосема се промени, но никогаш, претпоставено, нема или подобро нема да разбере дека на црното доаѓа бело, на добивката – загуба, на денот – ноќ, на зората – зајдисонце, на лево – десно, на полезно – штетно.
Сѐ е достапно, ама и не е сѐ од полза. Дури и до загрижувачки размери. На едно добиваме, на друго губиме. Се опуштаме, нашите органи целосно се потпираат на информациите што доаѓаат преку мрежите, сѐ позависни сме од нив. Сѐ е испревртено, ама за денешново време сосема нормално и прифатливо. Атрактивните инструменти нудат секаков вид олеснување во областа на професијата, на комуникацијата, на изведбите, дури и на најсложените оперативни зафати, но и сѐ помало количество апсорпција на вредности во мозокот, тој чудесен облик на орган што е беспрекорно подготвен и прифатен како партнер од страна на природата. Виртуелен свет? Едноставно, лаички кажано, човекот како да не е подготвен да се избори со посебноста и достигнувањата на стручни лица од светот на науката наградени со исклучителен интелект. Постои анегдота, но и жива вистина, што би рекле возрасните. Во една просторија или локал, на средба се петмина машко-женски присутни, сите се ѕверат во своите мобилни со врвен квалитет. Организаторот на средбата, кој патем со години е надвор од земјата, гледа во секој од нив. Потоа спокојно станува, се заблагодарува на слаткиот муабет што го понуди друштвото и излегува од просторијата. Никој од нив не дига глава. Гаснење на сетивата или препуштање на „кукларот“, кој е творец на принудата?
Почетокот на учебната година е уште еден залуден обид на летото да му се скрати времетраењето. Жешката круна на топлата сезона, веројатно и ќе подостине, ама нема да биде симната од главата на владетелот. Ова веројатно е така поради раскошната палета од прекрасни мигови, кои многубројните консументи нема никогаш да ги заборават. Вака сигурно ќе биде до периодот во народот познат како „циганско лето“ кога ќе почнат да се прават последните подготовки за непријатна средба со ветерот, дождот, снегот, мразот. Како и да е, почетокот на учебната година за повеќето луѓе е и крај на летната сезона иако по него, уште долго ќе се насладуваат на сончевите зраци и пријатното освежување. Дури и оние што се „изнапатија“ за време на жештините.

Стариот Абдула беше служител во основното училиште „Петре Јованоски“ во Гостивар. Од него, „занаетот“ го презедоа Луке и Беќир во „Братство единство“. Ѕвоното во нивните раце имаше силен тонски ритуал што го најавуваше или почетокот или крајот на часот. Доколку ученикот не беше подготвен да одговара на часот по повторување, тогаш тој се молеше тие да го скратат барем за некоја минута. Освен ова основно училиште, постоеше и конкуренција на спротивната страна од градскиот атар. Беше тоа „Моша Пијаде“ со силен персонал и одлични ученици. Навистина здрав натпревар што раѓаше квалитет. Некаде во централниот дел од најстарата градска улица во состав на Македонското Маало, се наоѓаше и мала зградичка на некогашното турско училиште каде што се подготвуваа хорот и другите придружни активности. Во него, во педесеттите години од минатиот век, се делеше и помошта од американската УРНА – труманови јајца и млеко во прав, како и кашкавал со за нас карактеристична арома и вкус на кои се потсетуваме. Сите ние што имавме можност да ги консумираме.
Бидејќи летните задоволства, игрите и спортските активности како пливањето во студените и бистри води на распосланиот Вардар, фудбалот и атлетиката, безгрижните топли денови ги правеа исполнети и долги, ретко кој од учесниците во сето тоа ќе ви потврди дека првиот училиштен ден беше омилен за учениците. Се разбира дека имаше и исклучоци, но тие беа во мал број. И денес, мирисот на тазе отпечатените учебници и нивната форма, иритираат и ги потсетуваат нашите сетила на единствениот предизвик што полека, ама сигурно, нѐ внесуваше во новата училишна година преку своите содржини.
Некаде по вториот час ќе пристигнеа бакарните тепсии со опојниот мирис на штотуку испечените симиди или популарните ќаји со маја и тенок прелив од жолчка. Учителите и наставниците што раководеа со класови ќе ни ги поделеа бидејќи ни следуваше лесен ама исклучително вкусен појадок.
Споредба? Секако дека не е за споредување туку само потсетување за тоа дека имало и состојби со свои вредности колку тие и да биле наивни во однос на она со што денешниве ученици располагаат или ќе располагаат. Нормално, секое време си носи свои белези, па така и за овие од описот. Едноставно, човекот треба и мора да се менува, да истражува и да ги облагородува животните текови. Но едно е индикативно и тоа е она што загрижува. Човекот не е аморфна маса, не е парамециум, ниту вид анимално суштество. Тој е совршена творба на природата или кој и да е негов креатор, суштество со ум, разум и идентитет. На сметка на доблесните нешта, никогаш не би требало да ја заборави еволутивната посебност со која треба да се грижи за сопствениот интелект и за вредностите на природата од кои ја црпи сета своја енергија.

Дека летото уште не завршило, потврда беа и нашите пливачки авантури веднаш по одекот на школскиот ѕвонец. Знаевме дека следните денови ќе имаат воведен, па дури и забавен карактер за полесно да се навикнеме на клупите од кои се оддалечивме три летни месеци. Зарем мислите дека квалитетот на интелектуалната содржина кај ученикот драстично ќе порасне ако тој интензивно се потпре на електронските можности на мрежите? Можеби, но влијанието на методите за учење прифатени и преземени од туѓи искуства како да немаа успешно калемење врз менталните структури на нашите ученици. Во тој училиштен програмски галиматијас, кој трае со години, ние изгледаме збунето и во најмала рака беспомошно.
Некој умен изјавил дека еден од начините да се уништи нација и држава е удар врз школскиот систем. Можеби и не е за верување дека младите заминуваат надвор од татковината пред сѐ поради начинот на кој им се пренесува знаењето, но исто така тоа е факт врз кој влијаат севкупните општествено-политички односи. Секако и моќното влијание преку ветриштата што доаѓаат однадвор.
Да веруваме дека одливот на ум надвор од границите на земјава полека ќе стивне со трасирање на правиот пат бидејќи училишниот ѕвон нема да ѕвони само за двајца ученици во нова паралелка. А зад таа состојба, се кријат уште многу други фактори, кои бараат споредба со минатото. Весело, ученици!

Љубомир Јованоски

Авторот е писател