Луѓето отсекогаш фаќале врски за да си го остварат своето. Дури и кога немаше компјутери, постоеше „копчето“ ONE CLICK за ИНСТАНТНО да го добиеш она што го сакаш. Тогаш функцијата на тоа копче, кое моментно те услужува, ја извршуваа „блиски“ луѓе на позиции. Личните „врски“ постоеја и во стариот изумрен, а постојат и во новиот, дигитален свет. Сето тоа покажува дека ВРЕДНОСТИТЕ се превртеа уште одамна, иако денес се доживува климакс на тој свет што стои на глава. Вредностите почнаа да се превртуваат уште во социјализмот, а се засилија со неговиот пад. Под паролата на „демократијата“ се протнаа и многу лажни вредности, кои целосно ги разурнаа идентитетите, дури и оние клучните, врз кои се потпира едно минимум функционално општество. Такви идентитети се, на пример, ДАСКАЛ и УЧЕНИК. Денес, според авторитетот и правата што ги имаат, учениците се професори, а професорите ученици.
Да, 1983 година е, јуни. Жешко. Полагаме испит по Општонародна одбрана кај еден професор кај кого ако не се појавиш на прозивката пред почетокот на испитот, немаш право да полагаш. Професорот им ги собра индексите на присутните, па излезе накратко од канцеларијата, а оние што задоцнија влегоа и без прашање на неговото биро ги оставија своите индекси. За пет минути, индексите на оние што задоцнија беа исфрлени низ прозорец. Потоа, цел час си ги бараа во паркот спроти кабинетот.
Не велам дека тоа е во ред: тоа е насилство врз студентот (ученикот). Ама има и спротивни примери: насилство на ученик врз даскал. Се случи неодамна: влегов во средно училиште (не го именувам) токму во моментот кога ѕвонеше за голем одмор. Од канцеларијата излезе еден професор (да го именувам само со „Р“) кого го познавам: физички е ситен, ама е чиста енциклопедија: да ти е мерак да го слушаш. Зад него, две глави повисок, одеше еден ученик, под силно дејство на хормони за раст и му викаше: „Слушај ти, ако само уште еднаш ме станеш да одговарам, И ТОА ЗА НЕВАЖЕН ПРЕДМЕТ, А НЕ МИ Е ОД ДОМА КАЖАНО, ќе си имаш работа со татко ми…“ Професорот бегаше од него како да ја усвоил онаа „Попаметниот попушта“, а мене ми падна жал, па го стигнав професорот, го сопрев и се поздравив. Тоа му ја прекина „драмската ситуација“ на младиот насилник, па тој отстапи, решен „пресметката“ со професорот Р да ја остави за подоцна. Р само ми рече: „Не прашувај ме ништо. Едвај чекам, уште некој месец, па да си одам во пензија. Татко му на овој е некој адвокат ли, правник ли, поим немам, ама сите, верувај сите, со директорот на чело се тресеме да не нè тужи. Уште отказ ми треба сега, пред пензија“. Го прашав од кога тоа професорот треба да му најави на ученикот дека ќе го стане да одговара.
Ми рече дека таткото „преку врски“ извадил потврда дека детето е хиперсензитивно и дека доживува стрес ако некој го стане ненајавено (ете доказ дека не се само дигиталните „врски“ штетни, туку и човечките). Не можев да им верувам на сопствените уши. Како е можно „хиперсензитивно“ дете да има таков агресивен вокабулар и да му се внесува во лице на професорот НА ПОМАЛКУ ВАЖЕН ПРЕДМЕТ, а овој да молчи, преплашен од отказ?! До каде стигнавме?! Наместо тоа дете да добие укор пред исклучување, без право на запишување во друго училиште, а татко му – казна за фалсификување дијагноза, ние ќе се плашиме? Зашто, како што рече Р: „Венко, тие денес имаат свои демократски ученички права и мислат дека за сè можат да пишуваат тужба“.
Во стариот изумрен свет, во кој јас учев, имаше, рака на срце, исто така – ученички престапи. Но имаше и санкции, и тоа според војничкиот принцип: покрај сувото да изгори и суровото во блиска околина, за секој случај. Јас, на пример, иако според оценките бев првенец, добив во основното училиште укор, што фактички ми ја уништи титулата „првенец“ (му припадна на второпласираниот). Тогаш знаењето и воспитувањето беа поврзани, па да бидеш образован не значеше (како денес) само да знаеш туку и да имаш „образ“, а надлежните од училиштето проценија дека го немам. Таа случка и денес ми е траума: ја доживувам како неправда, а неправдите болат цел живот. Се случи еден наш соученик, кој прв имаше електрична гитара уште во шесто одделение и беше познат кај девојчињата и низ целата населба, да добие единица по музичко, зашто не знаеше „квинтно тркало нагоре“. Јас имав уште двајца другари со кои свиревме гитари, секое попладне (акустични, немавме пари за електрични). Тој наш соученик нè сметаше за негови компањони според музиката, па едно попладне дојде на местото каде што свиревме со другите двајца. Но не носеше гитара, туку две полни торби. И ни покажа: во торбите беа, украдени, дневниците со оценки, од СИТЕ ПАРАЛЕЛКИ на осмите одделенија. Искористил глуво време во наставничката канцеларија, меѓу две смени, да ги украде. И беше решен да ги фрли во Вардар, гневен на својата единица по музичко. А ги украл сите дневници, за да не биде сомнителен: вака ќе бидат сомнителни осум паралелки (или 240 ученици), а кога би го украл само нашиот дневник, би биле сомнителни само 30, меѓу кои и тој. Го молевме да не го прави тоа, да ги врати веднаш дневниците незабележано, а ако не може, да ги врати јавно и да каже дека се покајал. Не нè послуша. Другиот ден, низ училиштето вриеше од „милиција“, дури имаше и волчјаци што душкаат.
Се направи истрага, тоа траеше еден месец, а јас и другите двајца другари се правевме дека не знаеме ништо. Сите 240 ученици беа викнати на сослушување. И, на крајот, го открија сторителот: нервозата сама го открила. А тој признал – кој уште знаел за тоа? И така, ние тројца акустични музиканти, си добивме укори зашто го ставивме другарството („да не бидеме предавници“) над законите. Знам само дека чувствував мешавина од гнев и пониженост, и на еден наставник, кој единствено нè тешеше („Душко-биологија“, вистинска легенда од педагог), му реков: „А да бевме партизани, како што читаме во лектирите, требаше ли да им го предадеме на фашистите?“ Тој ме заколна да не го изговорам тоа, да премолчам, да не терам битки со општеството зашто „шут со рогат не може“, а вети и дека ќе се заложи да бидеме рехабилитирани. Прашањето дали сум бил соучесник и ден-денес ме мачи: ни егзистенцијализмот на Сартр не ми помага да го решам.
До крајот на годината, како капитен на екипата за прва помош, што ја водеше токму професорот по биологија, бев „рехабилитиран“ и ми беше „симнат“ укорот, зашто станавме прваци на Македонија во укажување прва помош. Но лузната остана. И се прашувам: ако јас како мирен првенец сум добил укор, како тоа денес ни најслабите а агресивни ученици не добиваат укор, туку професорите живеат во страв и да ПОМИСЛАТ да ги укорат? Јас сум тука конзервативен – ми се чини дека не смее да има „демократија“ во некои области. На пример, во спортот (тренерот диктира која тактика ќе ја спроведе кошаркарскиот тим и секој мора да биде послушен), во театарот (режисерот режира, нема шанси глумците да се глупираат) и во образованието (професорот е и тренер и режисер, иако може и треба да го слушне мислењето на ученикот).
Сепак, треба да се прашаме: зар за падот на образованието не се највиновни оние што морале да го чуваат – професорите? Сè додека на факултетите имаме професори што веруваат дека „важноста на предметот“ што го предаваат им го дава авторитетот, а не дека ТИЕ му го даваат авторитетот на предметот, ќе има и такви ученици што ќе го бркаат Р по ходниците зашто не најавил испитување… И тоа по „неважен“ предмет. Ако ни е, ако. Заслуживме и полошо. А имавме ред.


































