Македонија е планинска земја. Тоа не е поетска фигура, туку објективен факт што со децении стои како неискористена шанса. Десетици рурални заедници, автентични пејзажи, живо културно наследство и природни системи со висок степен на зачуваност создаваат основа за сериозен, конкурентен и одржлив планински туризам. Во таа слика се вклопуваат и веќе меѓународно препознаени туристички производи како транснационалната планинска патека Хај Скардус (High Scardus Trail), но и низа уникатни локални искуства каде што секојдневието на луѓето е најсилниот диференцијатор на пазарот.
Но потенцијалот сам по себе не значи туристички производ. Уште помалку значи туристички промет или економски ефект. Потенцијалот е суровина. Без знаење, визија и современо управување, тој останува нем капитал — убав за гледање, но бескорисен за развој.
Судирот на две реалности
Денес, македонскиот туризам живее во длабока внатрешна спротивност. Од една страна постои генерација на креатори на туристички производи што размислуваат глобално, работат според меѓународни стандарди и создаваат автентични, високоспецијализирани искуства со додадена вредност. Од друга страна постои институционален рефлекс што сè уште функционира според логиката на минати системи — логика на контрола, униформност и страв од иновација.
Во таа спротивност, најголемата штета ја трпи државата, и тоа не како апстракција, туку како реална и многу сериозна загуба во систем што треба да обезбеди благосостојба за своите граѓани. Но ја трпат и конкретните луѓе: оние што инвестирале знаење, време, кредибилитет и личен интегритет за да создадат нешто ново. Наместо поддршка, тие често се соочуваат со административни бариери, некоректни условувања и рамки што не ги препознаваат авторството, иновацијата и пазарната логика.
Знаењето како клучна инфраструктура
Клучниот проблем не е во недостигот од ресурси, туку во недостигот од знаење — особено кај оние што имаат моќ да одлучуваат. Туризмот денес не е продолжена рака на социјалната политика, ниту средство за вештачко „пополнување капацитети“. Тој е комплексна индустрија, базирана на искуства, диференцијација, безбедност, доверба и репутација.
Знаењето во туризмот мора да биде меѓународно проверливо и споредливо. Само таквото знаење може да биде критериум за одлуки, а не лични убедувања, идеолошки матрици или носталгија по системи што одамна не постојат. Сè додека одлуките се носат врз основа на анахрони поими за „ред“, „контрола“ и „заштита“, наместо врз анализа на ризик, бенефит и јавен интерес, развојот ќе биде закочен.
Малата земја нема луксуз за погрешни избори
Македонија нема капацитет за масовен туризам, ниту треба да се обидува да го копира. Нашата шанса е во авантуристичкиот, планинскиот и руралниот туризам — сегменти со висока додадена вредност, релативно мали инфраструктурни барања и силна врска со локалната економија. Тоа се форми на туризам што привлекуваат информирани гости, подготвени да платат за квалитет, безбедност и автентичност.
Но таа шанса постои само ако им се овозможи простор на оние што создаваат. Ако иновацијата се казнува, а копирањето се толерира, ако авторството не се почитува, а знаењето се релативизира, и ако „одржливоста“ се користи како изговор за блокада, наместо како рамка за паметно управување, ШАНСАТА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ИСКОРИСТЕНА.
Костантин Циривири
































