Туризмот да тргне од крстосницата кон брз автопат

Министерството за култура и туризам имаше доволно време за консолидирање и што поскоро е потребно да отпочне со проектот предложен и усвоен на владина седница во 2023 година – „Педесет рурални села – Педесет туристички приказни“ – кој во следните пет години треба да го развива руралниот туризам на државно ниво, како и винскиот туризам, кој преку мегапроектите за комплетна валоризација и означување и развој на ено-гастроконцептот дополнително ќе овозможи брендирање на Македонија како винска туристичка дестинација во светски рамки

Веќе сме во последниот месец од 2024 година на уште една завршена сезона на македонскиот туристички сектор. Година во која туристичките работници имаат поделени мислења за нејзината успешност и сѐ поголемата загриженост на домашните туроператори за туристичкиот развој во следните години. Доколку се суди според првиот впечаток од метежите во нашите туристички места во шпицот на сезоната, групите туристи што беа очигледни, ќе оцениме дека 2024 година е најуспешната. За разлика, пак, од хотелиерите, кои ја потврдуваат пополнетоста на капацитетите, но со помал обрт од 2023 година и зголемени трошоци поради краткиот престој на туристите. Давателите на услуги оценуваат дека метежот е поради еднодневните екскурзии од Албанија, пред сѐ во Струга, Охрид, кои ја претрчуваат дестинацијата без да уживаат во неа или да потрошат повеќе од организираниот ручек и возење со бротчиња на кратки прошетки.
Се наметнува прашањето: Што се случува во македонскиот туристички сектор?
За да можеме да одговориме на моменталната состојба, потребно е холистички да ги анализираме сите фактори во последната година што влијаат за изместување на перцепцијата и доведување во прашање на одржливоста на дестинацијата. Анализирајќи ги примарните пазари многу брзо ќе заклучиме дека повеќе од 50 отсто од вкупните странски туристи што ја посетуваат Македонија се од регионалните земји пред пандемијата, но многу значајни за закрепнување на македонскиот туризам во постпандемиските години потпомогнати од домашните туристи. Сепак, доколку подлабоко анализираме и компарираме, вертикално се наметнуваат примарните пазари како Србија, која го достигнува својот максимум во 2023 година и бележи пад од 2 отсто во туристи и 10 отсто остварени ноќевања во Македонија во трите квартали од 2024 година. Туристите од Бугарија се на нивото од -80 отсто споредбено со 2019 година, албанските туристи се со пад од 40 отсто и 16 отсто на ноќевања, грчките туристи се со – 41 отсто и 16 отсто остварени ноќевања, полските туристи се со минус од 55 отсто и ноќевања помалку за 109 отсто и холандските туристи се со пад околу 25 отсто на ноќевања и посета на туристи.
Додека нашите два соседа Албанија и Србија објавуваат рекордни податоци во туристичката индустрија за 2024 година, кои се со раст помеѓу 40-50 отсто од 2019 година, ние се задоволуваме со раст од 4 до 5 отсто пред сѐ поради зголемувањето на турските туристи за 60 отсто и 58 отсто зголемените ноќевања или повеќе од 250.000 турски туристи на кружни патувања за 2024 година.

Стрмоглавиот пад на примарните пазари во 2024 година и минималниот раст на секундарните туристички пазари за македонскиот туристички сектор без интегриран пристап доведуваат до голема неизвесност и лош сигнал за инвеститорите, кои очигледно нѐ прескокнуваат бидејќи не сме атрактивни и се одлучуваат да инвестираат во соседните земји.
Како дојде до оваа состојба?
Недостигот од инвестиции во нови хотелски брендови, очајната инфраструктура, немањето нови туристички производи, немањето туристичка промоција во последната година, нефункционалните законски решенија за туристички развојни зони и автокампови, недостигот од детални урбанистички планови, застарениот модел за субвенционирање, лошата поставеност на туристичкиот сектор, неговото владино третирање, намалениот број на авиолинии, катастрофалната состојба со стручните кадри во туризмот и угостителството се дел од причините за состојбата во која во моментот се наоѓа нашата Македонија. Според извештаите на Светската туристичка организација (UNWTO), за македонскиот туристички сектор се нотира помеѓу 40-45 отсто сива зона во работењето поради немањето туристичка инспекција што создава силен притисок врз реалниот туристички сектор и инвеститорите. Оваа состојба е зачинета и со недостиг од национална стратегија за туризам, како и државна стратегија за рурален туризам, кои треба да бидат столб и патоказ каде ни е целта и како да стигнеме до истата таа во следните десет години. Очигледно животниот циклус на дестинацијата е во длабока старост со голем број предизвици во наредните години, како и нејзината конкурентност со преостанатите дестинации во регионот, а нашата во моментов е убедливо на дното според податоците за 2024 година.

Немаме време да ја чекаме Националната стратегија за туризам, која, според сите претпоставки на Министерството за култура и туризам, би требало да биде готова до средината на 2025 година, туку напоредно да се работи на голем број досегашни документи што се добри и истите тие да се имплементираат, а потоа да бидат интегрирани во стратегијата. Потребно е да ја прескокнеме практиката дека од сега сѐ почнува, туку да ги засукаме ракавите и со интегриран државен пристап да се овозможи брза транзиција на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Национална туристичка организација (НТО), која ќе ги имплементира државните планови како што е наведено во ревизорскиот извештај на успешност во 2022 година. Тоа може да се постигне со понудената внатрешна реорганизација, управување на неколку Дестинациски менаџмент-организации (ДМО), комплетната национална туристичка кампања, новото туристичко лого „TASTE LIFE“, како и платформата Е-туризам што ќе овозможи комплетна дигитализација и поврзување на македонскиот туристички сектор и национална туристичка кампања, која ќе ја зголеми видливоста и атрактивноста на Македонија како туристичка дестинација, поттикнувајќи нов инвестициски циклус.
Министерството за култура и туризам имаше доволно време за консолидирање и што поскоро е потребно да отпочне со проектот предложен и усвоен на владина седница во 2023 година – „Педесет рурални села – Педесет туристички приказни“ – кој во следните пет години треба да го развива руралниот туризам на државно ниво, како и винскиот туризам, кој преку мегапроектите за комплетна валоризација, означување и развој на ено-гастроконцептот, дополнително ќе овозможи брендирање на Македонија како винска туристичка дестинација во светски рамки. Што поскоро да се донесе новиот закон за туристичка дејност во кој прецизно ќе биде опишана функцијата на туристичката инспекција и туристичката полиција, усогласување на Законот за туристички развојни зони и законот за автокампови со Законот за градежно земјиште, за да имаме што повеќе можности за инвестиции во туризмот и нови хотелски брендови. Во соработка со сите чинители во туризмот и силно интегрирање на научната и стручна јавност, потребно е создавање нов систем на субвенционирање, кој ќе биде фокусиран за поддршка и развој на домашните туроператори и рецептивниот туризам. Нѐ очекуваат голем број предизвици во следните години за кои се потребни политичка волја од Владата и интегриран пристап на голем број министерства, бидејќи не треба да ја заборавиме моќта на туризмот, кој има влијание врз повеќе од 21 економска гранка директно или индиректно.

Не смееме да ја потцениме моќта на културната и туристичката дипломатија, кои се уникатна можност за промоција на државата, а културното богатство преку најнови промотивни и виртуелни канали да биде достапно за истражување на светската јавност. Не смееме да дозволиме нашите музеи и археолошки локалитети да не бидат добро означени, дигитализирани или виртуаелизирани, или да бидат без кустоси што ќе ја презентираат и ќе ја доближат македонската историја до домашните и странски туристи. Не смееме да ја пропуштиме и оваа можност, кога двете наши соседни земји од Отворен Балкан се во топ пет европски дестинации во туристички раст за 2024 година, со зголемен број туристички производи и насочена промоција, туку треба да привлечеме поголем број туристи да ја посетат Македонија на кружни патувања. Клучната улога во идниот развој на македонскиот туризам е во рацете на Министерството за култура и туризам, кое треба да ги искористи сите стручни и научни потенцијали на земјата во создавање туристички сектор што ќе биде еден од столбовите за раст и развој на македонската економија во следната декада.

Доц. д-р Љупчо Јаневски, Факултет за туризам при Универзитетот „Скопје“