Триста и педесет, дечко – ако не ти се свиѓа, терај!

Кога работеше мојата генерација по локали, имаше една реченица што уште ми зуи во ушите. Триста и педесет, дечко – ако не ти се свиѓа, терај. Му велев што 350? Триста и педесет денари дневница. Ако не ти се свиѓа, барај чаре. Е па, по 15-16 години младите почнаа да си бараат „чаре“

Недела, повеќе од 30 степени, наутро „традиционално“ на кафе во познат локал во Скопје. Обично, едно момче, со кое се познаваме од редовност секоја недела, беше прва смена и веќе знаеше какво кафе пиеме со пријателите. Ќе се насмееше, ајде ладно макијато иде, без да му нарачаме. Оваа недела го немаше. Сопственикот дојде и ни рече: Отиде и дечково за Хрватска. Немам човек за работа, еве јас работам утрово. Нема деца, немаме персонал, а ги плаќам, убаво. На тоа се надоврза: Сѐ паметниве деца ни отидоа низ странство, човек нема да остане по кафичиве летово. Пријателов му вели: А студенти, бе, шефе? Нема, нема, ни за лек нема, ни одговори.
Ми текнува, пред околу 16 години, кога работеше мојата генерација по локали, имаше една реченица што уште ми „зуи“ во ушите. Триста и педесет, дечко – ако не ти се допаѓа, терај. Му велев што 350? Триста и педесет денари дневница. Ако не ти се свиѓа, барај чаре. Е па, по 15-16 години, младите почнаа да си бараат „чаре“. Долго време младиот човек беше граѓанин од „втор ред“. Вработи го на црно, без придонеси, дај му 350-400 денари дневница и менувај ги како „потрошен материјал“. Во локали, во фабрики, во приватни фирми. Државата во одреден период направи само две опции. Државна администрација, платени придонеси, сигурна плата, во зима топло, во лето ладно. Втората опција беше приватен сектор или, народно кажано, „со господ напред“. Во секојдневието се појави еден термин „одлив на мозоци“, така ги нарекоа граѓаните што одлучија да се преселат и да си ја „пробаат среќата“ надвор од Македонија. Претежно млади луѓе што решиле својот потенцијал да го искористат на некое друго место.

За многу млади луѓе, одлуката за иселување е мотивирана од економски причини и непостоењето на доволно перспективи во матичните земји. Како најголеми фактори што ги тераат младите да ја напуштат својата родна земја се споменуваат ниските плати, високата невработеност, ограничените професионални можности, како и негативната перцепција за политичката и економската стабилност. Но, тука се и квалитетот на живот, животната средина и корупцијата. Поразителни се податоците дека секој трет млад човек, доколку му се пружи можност, би ја напуштил државата.
Во моментов, јули 2025 година, сѐуште не сум сигурен и информиран дали државата има јасна визија и план како да ги задржи младите луѓе тука. Светските трендови на миграција успешно ги следиме, но кај нас останува онаа непопуларната емиграција, со карта во еден правец. Со овој брз живот и „трка“ со времето, традиционалните медиуми како телевизијата сѐ помалку се гледаат, претежно остана повозрасната генерација да се опушти со понудата на екраните, каква и да е. Традиционалните емисии се сменија со поткасти. Во светот модерно, кај нас дојде пред некој период. Тематска емисија, која претежно се „стрима“ на Јутјуб со различни гости, во зависност од домаќинот и неговата замисла. Вчера, народски кажано, налетав на еден бизнис-поткаст, македонски. Млади успешни луѓе раскажуваат за нивната успешна меѓународна бизнис-приказна. Совршена емисија, мотивациска, моќна, со порака дека може и од тука да се успее.
Дали навистина може да се успее во и од Македонија? Дали треба, ако си млад човек, да отвориш бизнис во Македонија? Големо – да! Па, има ли подобар „адреналин“ од тоа својата идеја да ја претвориш во реалност? Економијата и домашните компании ја движат државата. Во секоја смисла на зборот. И нагоре и надолу.

Ворен Бафет, еден од најголемите инвеститори и бизнисмени во светот на финансиите, рекол: Цената е она што го плаќате, вредноста е она што го добивате. Јас велам да не продолжуваме да ја плаќаме високата цена на незаинтересираност кон младите, да ги добиеме вредноста и интелектот за да ја придвижиме државата напред

Потребата од конечно седнување на маса на засегнатите страни – комори, Министерството за млади и спорт, Министерството за економија, Министерството за финансии, Заводот за статистика, Фондот за иновации и преставниците на младинските организации и бизнис-секторот – е повеќе од неопходна. Ако си млад претприемач, хорор-филм е информацијата за каква било државна помош надвор од едната мерка што сите ја знаат од Агенцијата за вработување. Едноставно нема доволно информации, од каде, како и кои се условите за поддршка на младите бизнисмени. Државата треба сериозно да се зафати со решение на предизвиците на бизнисмените и претприемачите. Целосна дигитализација, бизнис-акцелератори, директна финансиска поддршка, советување и, најважно, вклученост во процесите. Дали станува збор за микро или макропретпријатија, зелени бизниси или производство – предизвиците се исти.
Ворен Бафет, еден од најголемите инвеститори и бизнисмени во светот на финансиите, рекол: Цената е она што го плаќате, вредноста е она што го добивате.
Јас велам да не продолжуваме да ја плаќаме високата цена на незаинтересираност кон младите, да ги добиеме вредноста и интелектот за да ја придвижиме државата напред.

Бојан Петровски

(Авторот е приватен бизнисмен)