Сите досегашни власти тврдат дека правото, правдата, судството, обвинителството, целиот правосуден систем се рак-рана на македонското општество. Истото тоа го мислат и граѓаните, кои во судството имаат доверба блиску до нула – 2 отсто. Но никој не сменил ништо. Секогаш во фокусот на политиката и секогаш со ист резултат – река донела, река однела. Многу трагични случаи, вклучувајќи ги и смртоносниот пожар во дискотеката во Кочани и последиците од него, го центрираат прашањето за правдата, за нејзиното место во политиката и во обичниот живот. Но најчесто крајниот епилог е без разврска или со разврска што е ставена под голем сомнеж во јавноста. Редица случаи го потврдуваат тој факт.
Нема број што може да искаже за тоа колку долго и нашироко се поставувало и се поставува прашањето што е правда, а што неправда. Ја има или ја нема? Теоретски, правото и правдата се поими што често се поистоветуваат, меѓутоа немаат исто значење. Која е разликата и како може да се објасни најпросто? Правото се однесува на правила со кои се регулираат односите меѓу луѓето, а правдата на чесно и праведно постапување со истите луѓе. Двата поима се важни за оддржување на мирот и редот во општеството и за сигурноста луѓето да бидат третирани праведно и еднакво.
Правдата е принцип според кој секој го добива она што го заслужува. Неправдата постои откако е создаден светот. Позната е фразата дека она што е право не мора да биде и праведно. Мартин Лутер Кинг рекол дека неправдата насекаде е закана за правдата. Треба да му се верува, зашто силната неправда ја плати со својот живот. Да не ги заборавиме македонските поговорки – „правдата се тенчи ама не се кине“ или „правдината излегува на виделина“.
Од првата Влада на Македонија формирана на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, заклучно со сегашната во јули 2025, од првиот претседател Методија Андонов-Ченто до Христијан Мицкоски, Македонија ја воделе 23 премиери. Од осамостојувањето досега на чело на Владата стоеле 14 премиери. Во последните 35 години се смениле 19 министри за правда. И никој не се справил со правото и правдата како нормален општествен систем. Пропаднале сите обиди за реформи, проекти за воведување ред во тој важен општествен сегмент.
На тој план не биле неуспешни само македонските влади. Како во бунар се пропаднати и сите залагања, проекти и грантови што обилно ги даваа од Европската Унија и од Америка. Според добро информирани извори, многу повеќе странски долари и евра се дадени за оправање на правосудството одошто што им се давани на медиуми, на невладини, на прозападни лобисти и на внатрешни шпиони. Не се виде успех од многуте обуки на судии и обвинители дома и во странство, вложувања во реформи на институции и во финансирање на разни форми за поддршка на таквите реформи. Американските подарени пари пропаднаа во судските кулоари, наполнија нечии џебови, а правдата остана сирота, фрлена на улица.
Без видлив успех, подобро е да се рече дека неуспешно, завршија кампањите за деполитизација на изборот и унапредувањето на судиите и јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, врз основа на транспарентни, објективни и критериуми засновани на заслуги. Може тука да се редат низа причини зошто правосудството во целина е една од најзагрозените морални сфери во македонската држава, но не може да се оправда децениската неспособност на власта да стави ред и поредок. Судството е независно, но секоја независност е суштинска само до оној момент додека не стане коруптивна и не се злоупотребува на штета на општествените позитивни процеси. И на штета на граѓаните, се разбира.
Дури и едно страшно, добро осмислено, организирано и обилно финансирано, измамничко политичко движење што беше именувано како Шарена револуција ја злоупотребуваше крваво правдата. Не само преку слоганот „Нема правда, нема мир“, туку преку користење на правдата како оружје за постигнување анационални цели. Правдата што ја извојуваа „шарените“ ја донесе најголемата национална неправда – државата го смени името, а со самото тоа го доведе во сомнеж и до видлива загроза националниот идентитет на Македонците, како и нивната историја, јазик и писмо.
Најпозната и речиси општоприфатена божица на правдата е римската Јустиција (еквивалент за грчката Дика), персонификација на моралната сила на правосудните системи.
Јустиција е прикажана како чесна жена со врзани очи, која во едната рака држи меч, а во другата вага, со која би требало точно да ја одвага вината или невиноста. Нејзиниот лик е олицетворение на моралните вредности на правниот систем, без кој не може да постои ниту една држава. Не случајно се вели дека правдата е темел на државата и на власта, а милениумска е максимата дека „правдата ги држи земјата и градовите“.
Речиси насекаде во западниот свет е воспоставен обичајот пред судските згради или во судниците да стои статуа на божицата Јустиција, иако од 16 век наваму вајарите и скулпторите сѐ повеќе го изоставуваат тој детаљ од визуелниот приказ. Тоа најверојатно почнале да го прават кога се видело дека божицата на правдата понекогаш „го поткрева превезот“ од едното око и прогледува низ прсти, некогаш ептен ги затвора, а често чека крајната пресуда да ѝ биде кажана од нејзиниот врховен бог. Во денешно време Јустиција го „претставува“ целокупниот правен систем: правосудство, суд, судница, сите судски установи.
Вагата е еден од главните симболи на правдата. Според легендата, уште од најстари времиња, божицата на правдата со вага во рацете и со врзани очи го надгледувала однесувањето на луѓето и без пристрасност донесувала свој суд, по што, на крајот, врховниот бог ја донесувал конечната одлука за награда или казна. Овој мит ги нагласува принципите на правичноста и чесноста спроведувани без емоции или пристрасност. Превезот преку очите кажува за тоа дека таа не гледа кому му суди, не ѝ се познати ниту лице ниту име. Таа ги гледа само делата што некој ги сторил, што значи суди ниту по познанство, ниту по род, уште помалку по земен дар (денешно мито).
Другиот симбол на правдата е мечот, ладно оружје на продорот, оружје на одлуката, средство на вистината, моќ што може да подари или одземе живот, го дели доброто од злото, го удира виновникот. Симбол на луцидната сила на духот што се осмелува да пресече во срцевината на проблемот. Со тоа проблемот би требало да биде решен, а не само расечен и оставен со него да се занимава и да го решава некој друг.