Предизвикот за европските сили е како да го водат процесот до прифатлив крај. Воената предност на Америка му дава на Трамп доминантен збор во насочувањето на процесот
Колумна на „Фајненшл тајмс“ за мировниот план на Трамп
Старото клише на војувањето вели дека поголемиот дел од времето го поминувате во чекање, прекинато со кратки моменти на акција. Истото тоа може да важи и за дипломатијата. Веќе една година сите страни во војната во Украина ги чекаат резултатите од изборите во САД. Убедливата победа на Доналд Трамп ѝ стави крај на таа неизвесност и силно го поттикна размислувањето за Украина.
Трамп долго време инсистираше на тоа дека завршувањето на војната е приоритет. И покрај сите разбирливи прашања за патот до договорот, американските сојузници претпоставуваат дека тоа е ветување што тој сака да го одржи. Во Брисел се зголемуваат очекувањата дека ќе има прекин на огнот, ако не и некаков облик на решение, следната година. Предизвикот за европските сили е како да го водат процесот до прифатлив крај. Воената предност на Америка му дава на Трамп доминантен збор во насочувањето на процесот, но и тие имаат удел. Само треба да ја користат.
Некои сепак ќе тврдат дека единствениот прифатлив крај вклучува повлекување на руските трупи на границите, како што беше при падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, односно дека помирувањето со формалната промена на границите не доаѓа предвид за Украина и повеќето нејзини сојузници. Но сè почесто во Киев, Вашингтон и низ Европа постои заеднички став за најверојатниот исход: замрзнат конфликт, со прашањето за границите одложено на неодредено време.
Луѓе блиски до Мајкл Волц, конгресменот што е избор на Трамп за советник за национална безбедност, и други од тимот за надворешна политика на новоизбраниот претседател, зборуваа за верзијата на т.н. корејска линија за разграничување како сценарио, со договорени привремени граници. Критичните прашања се како да се спроведе таков договор и, се разбира, како да се доведе рускиот претседател Владимир Путин на преговарачка маса, со оглед на тоа што борбите се наклонети во негова корист.
Што се однесува до спроведувањето на договорот, доверливите луѓе на Трамп се категорични дека тој нема да распореди ниту еден американски војник. Решението од 1990-тите со сините шлемови на Обединетите нации исто така не доаѓа предвид, со оглед на ќор-сокакот во Советот за безбедност. Тоа е местото каде што европскиот потенцијален влог влегува во игра.
Маргус Цахкна, министерот за надворешни работи на Естонија, неделава му изјави за „Фајненшл тајмс“ дека Европа треба да биде подготвена да испрати сили во Украина за да го поткрепи мировниот договор. На политичкиот јазик на Вестминстер, тој „леташе хартиен змеј“. Интересно е што два дена подоцна змејот сè уште беше вивнат, што одразува како европските нации почнуваат да размислуваат дали и како би можеле да се договорат за тоа.
Луѓе блиски до Мајкл Волц, конгресменот што е избор на Трамп за советник за национална безбедност, и други од тимот за надворешна политика на Трамп веќе дискутираат за верзијата на т.н. корејска линија на разграничување како сценарио, со договорени привремени граници. Критичните прашања се како да се спроведе тоа, а и како да се доведе рускиот претседател на преговарачка маса, со оглед на тоа што борбите се наклонети во негова корист…
За разлика од Студената војна, кога судбината на Европа ја решаваа Вашингтон и Москва, овој пат европските дипломати веруваат дека можат да имаат збор на масата, со оглед на тоа што можат да тврдат дека ќе распоредат војници само под одредени услови. Без таква гаранција, ризикот за обид на Путин да ја тестира моќта со прекршување на условите од договорот би бил превисок за повеќето шефови на влади да се согласат да испраќаат војници.
Тоа би било кошмарно сценарио за Украина, во кое Трамп се залага за спогодба според условите на Путин. Но европските лидери се претпазливи оптимисти дека Трамп ги слуша и не сака да биде претседател што останал настрана додека Русија ја прегазува Украина. „Трамп сака да го реши проблемот, но не по секоја цена“, вели висок европски функционер, додавајќи дека „решението не може да биде капитулација на Украина“ или дебакл како во Авганистан пред четири години.
И така, размислувањето е дека Трамп би можел да ги потпише безбедносните гаранции, иако не е посветен на членството на Украина во НАТО. Една идеја што лебдеше во неговиот круг е ветување дека ќе влезе во судирот доколку Путин ги прекрши условите од договорот. Накратко, барем теоретски, на рускиот лидер нема да му биде дозволено да го поткопа, како што тоа го направи со договорите од Минск од 2014 и 2015 година, кои наводно отидоа во втор план при борбите во првата фаза од војната. Идејата да се нагласи долгорочниот пат на Украина до членство во ЕУ исто така се зема предвид.
Сето ова е засновано на идејата дека Путин може да биде доведен во подредена положба. Навидум, потенцијалот на војната да ескалира изгледа позагрижувачки од кога било. Одлуката на администрацијата на Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел против цели во Русија ја поттикна Русија да истрела интерконтинентална ракета против Украина за првпат од нејзината целосна инвазија во февруари 2022 година. Но ракетната одлука на Западот исто така го нагласува актуелното мото на Украина и нејзините сојузници: „Мир преку сила“.
Што се однесува до спроведувањето каков било договор, доверливите луѓе на Трамп се категорични дека „претседателот на САД нема да распореди ниту еден американски
војник таму!“
Овој слоган првпат му се припишува на римскиот император Адријан од вториот век. Во Украина во 21 век тоа означува екстремен притисок врз Русија. Волц ми кажа во септември дека има и други начини да се изврши притисок врз Москва, вклучувајќи и со ослободување на евтина американска нафта на пазарите за да се ослабне руската економија зависна од нафта. Морковите исто така ќе бидат важни, како и стапот.
Сѐ уште сѐ е неодредено. Може ли Кина да биде убедена за да изврши притисок врз Москва? Што може да се случи со санкциите? Најмногу од сè, Русија можеби нема интерес за договор. Но ќор-сокакот сега е пробиен. Многу од назначувањата на Трамп наидоа на незадоволство од американските сојузници, но не и Волц или Марко Рубио, неговиот избор за државен секретар. Европските функционери признаваат дека во својот прв мандат Трамп ја направил вистинската работа со тоа што ги принудил да трошат повеќе за одбраната. Некои сега се осмелуваат да се запрашаат дали можеби навистина тој е во право кога ги фокусира умовите на тоа како најдобро да се заврши војната?
Алек Расел
Авторот е уредник на рубриката за надворешна политика на „Фајненшл тајмс“