Трамп и неговиот мандат за порамнување на сметките

Џеј Ди Венс, новоизбраниот потпретседател на Америка, минатиот месец изјави дека втората најважна фигура во администрацијата на Доналд Трамп ќе биде неговиот државен обвинител. Никој, а најмалку новоизбраниот „број два“, никогаш не го кажал тоа за американското претседателство. Вообичаено, во шпекулациите доминираат стеснетите листи на кандидати за државен секретар, секретар за одбрана, министер за финансии или за директор на ЦИА. Сепак, Венс зборуваше директно. Најгорчливиот удар за Трамп во првиот мандат беше тоа што Министерството за правда не се „свитка“ според неговата волја. Можеме да претпоставиме дека, кого и да избере Трамп за јавен обвинител, ќе му должи лична лојалност.
Има неколку теоретски ограничувања за тоа што може да направи Трамп за да ги исполни своите ветувања за одмазда. Врховниот суд се увери во тоа летото кога на американскиот претседател му даде речиси целосен имунитет. Прашањето е дали Трамп се соочува со практични или внатрешни ограничувања во гонењето на непријателите. Можно е тој да се чувствува толку охрабрено од минатонеделната победа и толку ослободено од избегнувањето на затворската казна, што ќе биде расположен во духот на великодушноста. Тоа не би било вообичаено за неговиот карактер. Сепак, потребен е морбиден песимизам да се верува дека тој ќе ги претвори САД во полициска држава. Неговиот најверојатен курс ќе биде нешто помеѓу тоа.
Дури и да сакаше да „прости и да заборави“, кампањата на Трамп беше започната со ветувањето „јас ќе бидам ваша одмазда“. Тоа беше коцкање што гласачите или ќе го идентификуваат со одмазда на Трамп или нема да го сметаат за проблематично. Се исплатеше. Доказите за тоа беа јасни многу пред минатиот вторник и изборите. Најпрофитабилните 24 часа при собирање средства за Трамп се случија откако тој беше осуден во Њујорк на крајот на мај за прикривање на плаќањата на порноѕвезда. Неговите други најголеми оптоварувања дојдоа кога беше изведен пред суд неколку недели претходно и во август 2023 година, откако неговата фотографија од затвор беше објавена при одделно кривично дело во Џорџија.
Не е само Трамп тој што сака враќање на долговите – списокот на поединци и ентитети на кои тој им се закани со некаква одмазда се протега на повеќе од стотина, според Националното јавно радио. Тоа го сакаат и неговите поддржувачи. Први во редот ќе бидат оние што го истражуваа и гонеа Трамп. Неговата база на гласачи верува дека Вашингтон е управуван од корумпирана демократска машина, која употреби „законско решение“ за жестоко да го гони. Реалноста е дека на јавниот обвинител на Џо Бајден, Мерик Гарланд, му беа потребни речиси две години за да назначи специјален советник што ќе го истражи Трамп. Нему му беа дадени сите шанси за да го искористи времето на располагање. Сега го направи тоа.

Ричард Никсон исто така имаше долг список на непријатели, кој вклучуваше познати личности како Барбара Стрејсенд и демократски сенатори како што е Волтер Мондејл. Високи функционери во ФБИ и Службата за внатрешни приходи одбија да ги исполнат неговите желби. Никсон беше отповикан од Врховниот суд, кој го принуди да ги објави неговите инкриминирачки разговори снимени на лента. Освен храброста на залутаните државни службеници, тие проверки нема да важат за Трамп. Овој Врховен суд е на негова страна и Капитол Хил изгледа ќе биде контролиран од лојални републиканци. Прашањето не е дали Трамп ќе ги смени шефовите на истражните агенции, туку со кого ќе го стори тоа.
Тоа не значи дека тој едноставно може да ги фрли своите непријатели во затвор. Правните сметки на Трамп изнесуваа и до 171.000 долари дневно, според „Опен сикретс“, група што ги истражува парите во американската политика. За разлика од него, секој што Трамп ќе го нанишани со даночни контроли или истраги нема да може да ги користи средствата од кампањата за плаќање адвокати. Дури и истрагите со мали шанси за успех можат да ги банкротираат неговите целни противници. Финансискиот терор е ударна тупаница на моќниците, а досегот на американското Министерство за финансии е глобален. Нема безбедно скривалиште за пари. Единствена надеж, засега, е дека заканите на Трамп ќе останат – само вербални закани.
„Не се сомневам дека Трамп планира да им се одмазди на многу луѓе. Но, исто така, знаеме и дека тој е импулсивен, лесно му се одвлекува вниманието и е неспособен“, вели Џорџ Конвеј, републиканец што никогаш не бил во полза на Трамп, а кого Трамп го сметаше за свој адвокат во 2017 година.
Истото тоа не мора да важи за легиите на новите „трампјанци“ – за разлика од 2017 година, кога Трамп неподготвено направи избор од поконвенционалниот список на републиканци. Треба да се има на ум ехото на плантагенетите, кое гласи „кој ќе ме ослободи од овој проблематичен свештеник“ – случајни кралски зборови што доведоа до убиство на надбискуп. Во климата на денешниот Вашингтон, Трамп нема да биде единствениот чувар на „сметката“ за порамнување. Други ќе сакаат да ги предвидат неговите желби.