Трактат за балканската музичка географија на Влатко Стефановски – компаративни социолошки, аксиолошки и безбедносни аспекти

Автохтоната, вклучително и генерална амбиција за создавањето творба во форма на трактат, односно, творење на оглед за балканската музичка географија на Влатко Стефановски, за индивидуалното и колективно естетско доживување на неговото музичко творештво, компарирајќи го и со музичкото творештво и на уште тројца музичко-уметнички текстописци и интерпретатори, методолошки ја фундирав врз основа на комплементарно, компаративно и феноменолошко развивање и остварување поливалентен пристап, кој ги опфаќа (операционализирано) социолошката, аксиолошката, праксеолошката, психолошко-музичката, социолошко-музичката, филозофско-естетската и безбедносната димензија.
Имено, автохтоната и генeрална амбиција, вклучително и наведениот пристап факторски се детерминирани од (најмалку) два повода. Првиот и единствено битен повод е еден конкретен музички настап на Влатко Стефановски во Античкиот театар во Охрид (на 1 август 2018 година), кој беше придружен со една негова соопштена дума со конкретно значење (во семантичка смисла) и значајност (во аксиолошко-морална и космополитска смисла!): „Ова е Балкан во мало, ова никаде го нема, освен во Охрид“. Вториот повод е најавата за веројатно монументалниот и спектакуларен концерт на Марко Перковиќ-Томпсон, кој, според мене, е безбедносно ризичен. Концертот е закажан да се одржи на 5 јули оваа година и, според достапните журналистички информации до неодамна, наводно се продадени 500.000 влезници – дополнително и контекстуално ќе претпоставам дека е можно да постои сериозен безбедносен предизвик за припадниците на безбедносните служби на и во Република Хрватска.
Врз основа на веќе споменатиот поливалентен пристап и споменатите поводи, развив размислување за релацијата помеѓу остварувањето на музичките содржини и географскиот и општествениот простор, како и за политичките, геокултурните, вклучително и безбедносните импликации од реалната конкретизација и практичното остварување на содржините од таа релација. Конкретно, македонскиот музички виртуоз Влатко Стефановски одамна, со оригинален и геоопштествено-конструктивно детерминиран метод, вклучително и на општествено и морално легитимен начин, развива и одржува една посебна, комплексна и конструктивна област на маестрално вкрстување на музичкиот, географскиот и општествениот простор (вклучувајќи го културолошко-музичкото вкрстување и на поединечните општествени простори со поединечните музички и географски простори, создавајќи, развивајќи и одржувајќи притоа легитимна културолошка комплементарност на делови од човечкиот капитал на поединечните општества – интересно!) – едноставно, на колоквијален начин изразено – човеков „растура“, односно развива и одржува конкретна, оригинална и општоприфатена „културна“ и конкретна „балканска музичка географија“.

Од аспект на социологијата на музиката, па и од општ музиколошки аспект, анализирајќи ги на елементарно ниво – општествените и психолошките импликации од музичкото творештво на Влатко Стефановски и неговото музичко егзистирање, посебно на балканскиот (музички, географски и општествен) простор, констатирав дека човеков со публикување, пренесување и дисеминација на своите музички содржини и форми, не само што овозможува остварување индивидуален и личен сензибилитет во конструирањето индивидуален простор на естетско доживување на своите музички содржини како условно одредено – овозможување за остварување лична, односно персонализирана хедонистичка „монодрама“, како и остварување колективно естетско-музичко доживување, туку истиот тој, со своите географски распространети музички настапи со оригинални емоционални и смисловни експресии остварува (не)намерно мапирање на психомузичките, социолошките и културно-историските координати на Балканот, утврдувајќи ги врската и содржината на релацијата помеѓу колективните идентитети/етницитети и одредени елементи на „политичкото“ на Балканот од една страна и музиката како појава конкретизирана низ неговото индивидуално и/или коавторско музичко остварување од друга страна.
Контекстуално ќе напоменам дека не се работи само за брилијантна и оригинално профилирана музичка естетика создадена од Влатко Стефановски туку истиот тој формира еден конкретен (и општествено-конструктивно употреблив) социолошко-безбедносен факт – имено, музичкото остварување и егзистирање на Влатко Стефановски овозможува посебен, конструктивен и неконфликтен (безбедносно-незагрозувачки) облик на општествена комуникација на балканските народи со отсуство на регресивен супкултурен, контракултурен и/или милитаристички, односно безбедносно-загрозувачки елемент. За разлика од неконфликтното музичко остварување и егзистирирање на Влатко Стефановски, егзистираа и сѐ уште егзистираат вокални содржини на музички дела со милитаристичка, односно безбедносно-загрозувачка и хостилно детерминирана ориентација, како на пример: на Јура Стублиќ, со музичкото дело – „Е мој друже београдски“; и следствено, на Борислав Бора Ѓорѓевиќ, со музичкото дело – „Е, мој друже загребачки“, вклучително и на Марко Перковиќ-Томпсон, со едно од неговите музички дела – „Бојна Чавоглаве“. Со објективното остварување конкретна, елементарна и скромна компарација на наведените музички дела на Јура Стублиќ, на Борислав Бора Ѓорѓевиќ, како и на Марко Перковиќ-Томпсон, вклучително и на сите музички дела на Влатко Стефановски, врз основа на општоприфатени и воспоставени критериуми за идентификација на говор на омраза, ќе се утврди, меѓу другото, и конкретен релациски факт, односно, единствено кај Влатко Стефановски отсуствува хостилно детерминирана вокална содржина во неговите музички дела, што е еден од суштинските елементи на неговата балканска музичка географија.

Заклучувајќи го овој оглед за балканската музичка географија на Влатко Стефановски, за индивидуалното и колективно естетско доживување, за релацијата помеѓу колективните идентитети/етницитети и музиката, како и за можните општоопштествени, психолошки и безбедносни импликации – ќе констатирам дека од релацијата помеѓу културата и музиката како нејзин битен и општествено влијателен елемент, меѓу другото, можат да се утврдат две општи (но, не и единствени) безбедносно релевантни димензии: 1) културата и музиката како безбедносно-стимулирачки фактор (кога истите тие продуцираат услови што се во функција на напредокот и прогресот на општеството/општествата – како во случајот со нашиот Влатко Стефановски, кој со публикувањето, пренесувањето и дисеминацијата на своите музички содржини и форми овозможува посебен и конструктивен облик на општествена комуникација на балканските народи со отсуство на регресивен супкултурен, контракултурен и/или милитаристички елемент); и 2) културата и музиката како безбедносно-загрозувачки фактор (кога истите тие своето негативно општествено влијание можат да го остварат преку регресивна супкултура, контракултура или преку културата на остварување музички содржини со милитаристичка и хостилно детерминирана ориентација; имено, кога културно-музичката спротивставеност или противречност со доминантната култура може да продуцира конфликтни, односно безбедносно-загрозувачки општествени ситуации).

Гоце Аризанкоски, дипломиран криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност