Има една турска поговорка што вели „јашасан хуриет, шашарди милет“ или, во превод, „му ја дадоа слободата, полуде народот“. Има уште една што често се користи, која вели дека „девет магариња не му го носат чаламот“. Со еден збор, дома јаде паштети, а прашува да купи луксузни станови. Нека е простено, но тој се нарекува потрошувачки идиот. Едноставно, се лажеме дека живееме иако всушност вегетираме затворени во сопствените микрокосмоси. Оваа да ја наречеме хипотеза може да се толкува на разни начини. Некаде ќе предизвика револт, некаде согласност. Се чини дека и едното и другото се елементи на виртуелно јаве. Во нашите глави како да владее некој чуден кошмар од наметнати вредности што се секојдневие и тежина што ја носиме. Тие вредности, претежно од материјална природа, дејствуваат како опијат врз разумот. На идеалите не им е тука местото. Времињата се менуваат. Заедно со нив, стандардот и навиките. Правилата ги диктираат развојот и инвестициските циклуси. Тие ја менуваат менталната структура на консументите. Во игра се легални провизии. Кој ти е кабает што не си на таква позиција? Во минатото речиси сите бевме сиромашни, а богати. Имаше библиотеки, кои беа посетени како еден денешен градски мол. Имаше и книжарници, весници, журнали, алманаси. Но од тоа да ти немало многу фајде иако нивните страници беа полни со мудрост, со поучни нешта, имаше сѐ за музиката, филмот, уметноста, струката, спортот. Овие содржини требаше да повлијаат врз интелектот и потоа да послужат за кревање глас против аномалиите во општеството. Едноставно, интелектот треба да биде носител на напредокот во сите сфери. Од казина и други маченички форми на замајување на свеста, а потоа и совеста, порано немаше ниту трага. Сега тие се секојдневие и култ на општественото живеење. Откако се смени општествено-политичкиот систем и удри финансиското цунами, сите правила исчезнаа прекуноќ и обирот можеше да почне.
Примерно, ќе мора да му се вратиме на маалото бидејќи многу потсетува на држава. Има непишани правила што се посилни од закон, фиктивни институции, ресори и функционери. Се чини дека таму има повеќе сериозност од кој било друг вид на организација. Таму има чауш. Институција што мора да се почитува. Во почетокот не е парајлија, ама има сила во тупаниците и снага за да дели правда по негов терк. Не може да се пофали со интелект. Ни самиот не знае како дошол на таа позиција. Веројатно со сесрдна поддршка на оние што се чувствуваат големо под неговата сенка. Избори нема или, ако ги има, тие се одвиваат акламативно. Јавни се, па ајде да те видам гласај против чаушот. За почетокот, не треба да се знае како е востоличен. Околу него се собрани послушници. Тие се горди што му служат и подготвени се да „гинат“ само за да го задржат статусот што го стекнале со нивната покорност и марифети (снаодливост, лукавство). Потоа вештините се надградуваат низ животот и најчесто лицето го ставаат во позиција на успешен човек што се снашол.
Но бидејќи секоја акција има и реакција, така е и во маалото. На улицата се јавува ривал. Тој нов иден чауш најпрвин настојува да ги стекне истите права што ги има неговиот постар ривал. Неговата селекција од лукави и снаодливи покорници треба да е на ниво и со слични перформанси како и кај стариот. Потоа следуваат дворски игри – позиција со опозиција, клики. Пресметки, ниски удари, отворени судири, премини од една на друга страна и победник. Моја банда, твоја банда и камај! Победениот или ќе му се придружи или ќе остане потиснат на маргините од маалската калдрма. Тие што не ѝ припаѓаат на ниту една од бандите што го диктираат маалскиот живот и делат ум и совети по свое, остануваат вечна сенка, која никогаш не може да биде ниту врв ниту дно. Но тука имаме и талентирани дечки, кои се занимаваат со учење, спорт, пишување, цртање, свирење и пеење. Тие практикуваат еден вид културно-уметнички, забавен живот. Нивниот силен придонес е во градењето на духовниот живот. Тоа е вреднувано дури и од самиот водач. Елитата се чувствува возвишено кога ќе се најде во друштво со овој, да го крстиме, боемски свет. Подоцна тој свет ќе биде светот на забавата (entertainment world). Да се потсетиме малку на Моцарт и Салиери, но и на кралот што се меша и суди таму каде што не го бива. Ама тој е најумен иако е гол (Андерсенова бајка). Бидејќи станува збор за итрина, маалскиот чауш ќе умее да ја искористи и таа група. Освен сето наведено, внатре во маалскиот живот има и предавници. Тоа се оние на кои не им се допаѓа политиката на позицијата и опозицијата, па со задоволство и од корист своите услуги им ги нудат на Данејците односно на мангупите од соседните маала. Станува збор за галерија на карактери што го сочинуваат сложениот мозаик на маалските заедници.
Дали оваа маалска организација е увертира за нешто што подоцна Французите го нарекле етат – држава? Веројатно да, бидејќи новото време покажува насоки на целосно совпаѓање. Во една пригода Винстон Черчил изјавил дека државата е премногу сериозна работа за да се дозволи да ја управува народот. Мислам дека тука завршува муабетот за демократија. Од друга страна, пак, ако државата ги има белезите на маалото, тогаш сѐ се претвора во циркус, па можеби и максимус.
Деновиве цела планета слави. Кој ова, кој она. Но Швајцарија ја пречека Нова година со трагичен настан сличен на кочанскиот. Поинаку ја перципирав таа земја. Се занесував дека таму државата е со сите автентични белези, ама и таа покажа големи слабости. На другиот крај на светот, претседателот Мадуро на чудесен начин е заробен од холивудските писмејкери односно делти или гами или како сѐ не се именуваат секавичните борци за ред и поредок низ планетата. Човекот е кочничар – диктатор, се занимава со шверц на дрога и живее во голем луксуз. Народот едвај врзува крај со крај. Кој им е крив што купуваат оружје со кое не можат да се одбранат од агресија? Не треба да се арчат пари за бадијала кога не можеш да парираш. Подобро е парите да се употребат за здравство, школство и други социјални „глупости“. Но што да се прави кога саеми за оружје има на секој чекор, а тие мамат. Ќе остане некоја пара и за во џебот. Одеса и Харков горат. Таму ја нема ниту почетната буква од мир. Исто е и во Газа. Америте нападнаа руски танкер, кој да ти бил празен. Русите го бранеле со подморница, кобајаги. Мејд ин Холивуд и Мос филм – Москов. Ова се сегашните белези на цивилизацијата. Цивилизација? На Латинска Америка, на пример, итно ѝ е потребен нов Че, ама кој е будала да ја преземе неговата улога кога предавници и предавства има на сите страни. Повторно стариот ѓаволски шаблон. Генерал Нориега се враќа, предвидел венецуелскиот претседател Хуго Чавез. И тоа ќе си се повторува. Парата купува души дури и кога цел живот треба да се носи товарот на нискоста и покорноста.
Тој луд, луд свет. До каде стасавме? Којзнае, можеби тоа е цивилизациски ген? Се навестува дека следен на дневен ред ќе биде диктаторскиот режим на пингвините? Полна уста демократија, цивилизациски цели, разум и толеранција, емпатија (некој лукав само измислува нови и нови фрази и изрази за да побегнеме од суштината). Можеби затоа сите удриле на хедонизам. Ама дури и на Малдивите, Канкун и Акапулко, на Флорида и Копакабана, Јадран, Егеј, Куба и Охрид, гајлињата ги носиме со нас и уживањето е сведено само на чалам? Зошто е така? Едноставно, дома е оставен бизнис, па не се знае кој ќе пушти рака да поткрадне и каков тендер ќе пропушти. Тие пак што зеле кредит за да се пофалат дека го „виделе“ светот, стемни се – разбуди се, се дават во думи како ќе се враќа. Но камо да е само еден кредит. Којзнае, можеби е време светот да се приземји и Водачот да прогледа за да не нѐ одведе во амбисот како оној од расказот на Радое Домановиќ.
Љубомир Јованоски
































