- Орбис граека смета дека историја е само текст што треба да се приспособи спрема политичката потреба на моментот. Енциклопедијата на Тлен мора да биде беспрекорна…
Науката на орбис граека не се занимава со вистината… ни со веројатноста. Таа само внимава нештата да бидат зачудни. Орбис граека смета дека историја е само текст што треба да се приспособи спрема политичката потреба на моментот. Енциклопедијата на Тлен мора да биде беспрекорна… И, ова мора јасно да биде сфатено преку учебниците за основно образование.
Да го илустрираме ова преку стандардниот логички тест: во вторникот ученикот „X“ си оди по пат и губи девет „грчки“ монети. Во четврток ученикот „Y“ наоѓа четири малку излижани од дождот монети што паднале на патот во средата. Во петок (попладне) ученикот „Z“ наоѓа три монети на патот за дома, а во петок (наутро) две монети во ходникот дома! И сите се македонски статери! Реши ја задачата во минато неопределено свршено време.
Се разбира дека поради вакви испрашувања се појавија множество реакции од родители, експерти, од службите и од опозицијата, која се закани со предвремени избори. Но… дур бакалам, брат, види… Јасно ли е дека учебниците се направени според Оксфорд, Кембриџ, Болоња, по француски, фински и така натаму модел!
За да се потсмири јавноста, високиот комесар Оливед капна лекум на запалениот пожар и ја реши спорната гатанка. Свика прес-конференција и истакна, подвлече и нагласи: просто е – само значи дека „икс“, „ипсилон“ и „зед“ се еден ист субјект. Значи „зед“ открива три монети затоа што се сетил дека ги изгубил, а „икс“ наоѓа две во ходникот зашто се сетил дека другите две се најдени на патот за ЕУ! БРАВОС (не „браво“) за Оливед Вадхеи… арно ама… ниедно средство за јавно информирање ништо не праша на пресот за македонските златници. Дисциплина, дисциплина и навика…
Математика, геометрија и аритметика…
За геометријата на орбис граека важат посебни правила. Пред сѐ таа е својство и придонес за сите светови и сите треба да бидат благодарни. Темелот на таа наука, како и аритметиката е во едноставната операција поголемо-помало, но, тука, најважно е кој одлучува бидејќи човекот е мера на сите нешта, но дали е некој човек или не е!? Таа одлука секогаш е кај орбис граека.
Литература…
Како во математиката така и во литературата, постои, секаде и за секого едно сиже. Книгите ретко кој ги потпишува бидејќи е јасно: ПЛАГИЈАТИ НЕ МОЖАТ ДА ПОСТОЈАТ – сите дела се на еден автор (вонпросторен и вонвременски – читај „грчки“), кој и е дел од орбис граека. Ако се појави некој нов автор, знајте дека е измислен од недобронамерната критика.
Археологија…
Во археологијата на овој чудесен свет нема артефакти. Овде се викаат „ХРОНИРИ“. Се сметаат за продукти за разонода или за заборав. Еве извадок од 11. том на енциклопедијата што ја илустрира оваа разонода:
Директорот на еден од многуте државни затвори издава наредба на затворениците да копаат во старото исушено речно корито бидејќи таму имало гробници и секој што ќе најде нешто вредно ќе добие слобода. Внимание, орбис граека е прецизен: ќе добие либерти ФИРОМ, но не и фридом. По извесно време затворениците нашле само ’рѓосано тркало, кое не се совпаѓало ни со претпоставеното минато. Овој наод се држеше во тајност, но се прикажа на четири колегиуми. Како последица: соодветните служби од старото ’рѓосано тркало претставија: златна маска, бронзен меч како оние од филмот „300“, две-три амфори од глина и едно деформирано торзо на славен претходник со древна испишана азбука на градите, која допрва ќе биде дешифрирана како најстара во минатото на Тлен буквар орбис граека.
„Азбука пред забите на Кадмо“ – насловот на сензацијата е извесен (но ова сѐ уште се крие). Поука по овој настан со затворениците: Во орбис граека сега се прават само индивидуални ископувања. Така се обезбедува постојана униформна достава на хронири… И… сите археолози се среќни! Сега можат да имаат минато по нарачка! Затоа артефактите (простете) хронирите имаат 12-степена хиерархија: ако се згреши да може да се поправи со хронир од повисоко! И веднаш потоа хронирот што не одговара, сам се распаѓа! Како што забележувате, потребно е само да се има желба… и… сугестија… одозгора, се разбира.
Сето ова, кое го соопштувам, секако не е мое дело и немам намера да го потпишам. Мислам дека во поопширна форма можете да го најдете во антологиите за фантастичната литература или во Холивуд.
Но за да се расветли почетокот на Тлен буквар важен е наодот на Петре Баше, кој возбуден се јави и без да земе воздух ми соопшти дека кај него во колибата дошол рибар што лови кај Рапеш и му донел свиток на ракописи завиткани во најлони и залепени со селотејп, (патем: Баше поседува фантастична колиба во Мариово). Одовде натаму цитирам: Слушај! Рибаров наместо сом, ми донесе папирус! Тоа мора да е свитокот што ти го дал пустиножителот од Скочивир! Знајш шо пиши натре?
Слушај…:„Оваа светла историја на орбис граека започнува во Лондон на почетокот на 17 столетие. Едно тајно, доброволно друштво (веројатно основано од бискупот Беркли) решава да измисли земја, со неутврдена почетна програма. По потребен и доволен број години се потврдило дека не може само една генерација да состави земја. Решиле секој да си создаде прво свои ученици (…памтиш?.., ние мислевме оти е клубот „Х“!). Тоа беше победоносно. По 200 години братството продолжи да дејствува, но сега на почвата на САД. Во 1824 г. во Мемфис (Тенеси) братството се збратими со Езра Бакли, аскет, фаталист… И билионер што го одобрува ропството. Кога во негово присуство тајната дружба ја изнела програмата, Езра гласно се насмеал: Зошто таква скромност, зошто само територија!? Нам, овде во Америка ни личи сами ако се измисли планета!“
Во тоа време веќе беа испечатени 20 тома на енциклопедијата Британика и тој предложил сличен подвиг: Тлен буквар да се испечати како 40-томна енциклопедија. Бакли од своја страна става на располагање од златни рудници до јавни куќи, но има еден услов, цитирам: „Делото во никој случај не треба да се нагодува со лажливецот Исус“. Бакли не верува во Бога, но има намера да му докаже дека смртните можат да си создадат свет по своја мера“.
…Баше замина… Борхес… и тој… набргу дознавме дека Езра е само псевдоним со кој внимателно се засолнува делото на банкарот Џејмс Леб… и тој замина… еве сумирам… сума кум лауде за авторот на оваа заплеткана историја!
По 90 години труд, точно на почетокот на Првата светска војна, во 1914 г., заврши печатењето на 40-томната енциклопедија на Орбис граека. До денес енциклопедијата претрпе 10 редакции… можеме слободно да заклучиме дека Битола е најбомбардираниот град во Европа.
…Често се навраќам кон ова сеќавање. Си велам: има ли некои допирни точки овој намерно измислен свет со реалноста во која живееме /простете/… со секојдневноста барем… Сѐ повеќе сум убеден дека Тлен е секојдневен растурач на нашиот живот. Ние… восхитени од исконструираната правилност и педантерија забораваме дека станува збор за измислица, која нема допир со реалноста… и дека не станува збор за благовести!
Внимание: по нашите училишта се вгнездува тленскиот буквар… диригираното изучување на историјата на орбис граека веќе ја брише историјата на нашето детство. Во сеќавањето на нашите образи, кои надоаѓаат од иднината, се сади со сила измислен споменар за кој не е дозволена ни помислата дека е измама! Ако бидеме добри, наскоро ќе се откријат стоте тома на втората енциклопедија на тленистите! Таму ќе се пишува како што е најавено: светот ќе стане тлен-нетлен… Почит за тебе Ѓорѓи Борхес… почит за тебе Петре Баше… Почит дури и за тебе д-р Џејмс Леб…
крај
(извадок од проектот: ДОВРШУВАЊЕ НА ДЕЛОТО НА ЃОРЃИ БОРХЕС)

































