Дремам на интернет. Следам профили што се радуваат на смртта на Чарли Кирк. Кој од кој послободоумен. Еден се чувствува како превртено мачмалоу, по форма белец, во суштина Афроамериканец. Дама докажува дека карфиолот е расистички зеленчук што го донеле колонизатори. Нејзина пријателка, наутро е нон бајнери, напладне џендер неутрал, а навечер го има сето право да биде Пенсилванија. Активист што се бори секоја жена макар еднаш да абортира, се откажал јавно од својата мајка затоа што не го абортирала. Постар господин што отсекогаш бил млада чучулига, го обвинува Трамп дека фрла отрови во неговата населба, за нему да не му растат пердуви што природно му припаѓаат. Сериски убиец во најава, ќе убива исклучиво стрејт бели мажи и геј републиканци. Толку многу се слободумни што мојата ограниченост не може да ги разбере. Бегам од САД, ама не знам кој ѓавол ме тераше да се префрлам среде Нордистан?
АНБ го следела Љупче Златев како еден од организаторите на бегството на Груевски. И требало да го следат. Иако Златев имаше ингеренции до граница. Преку Албанија и Србија јас ја спроведував операцијата. Во Унгарија го презеде Ференц Молнар и го смести во Павловата улица. Гуглам понатаму. Богданка држи прес, ставила маска преку устата. Фак(!!!), крикнувам толку гласно што веднаш три извичници се напикуваат во загради. Мора да проверам низ населба. Ако вмровци, вообичаено, нè враќаат во минатото, наместо прогресивно да живеат во иднината и оттаму да досаѓаат, ако Богданка држи прес со маска на устата, тогаш Панче сигурно спроведува полициски час како почеток на режим, ковид-диктатура во најава.
Долу, пред зграда, веднаш налетувам на комшијата што недојадената манџа ја истура од тераса врз паркираните автомобили. Ми олеснува. Комшијата не само што не носи маска туку снима предизборен спот. Сосема заборавив дека идат локални избори. Гледам што снимаат. Сфаќам дека ќе се кандидира за градоначалник на општина. Јас го викам Грегор Самса, затоа што доживува брзи метаморфози околу манџата што од тераса ја истура. Кога се СДСМ на власт, нè убедува дека тој го има секое право на светот да се чувствува како тетка од провинција. Неколкупати се обидовме да му објасниме дека така ги навредува сите жени што се доселиле од други градови и села, ама тој веднаш трча во Хелсиншки комитет, по што ние добиваме тужби дека му го одземаме правото на уметнички израз при неговите мултимедијални перформанси со истурање манџи врз автомобили како бунт на здравата исхрана против издувните гасови, но и правото на општествена сатира во која ги исмева тетките од провинција, кои се најчесто небањати, наместо прогресивни. Кога се пак ВМРО-ДПМНЕ на власт, а ние го опоменуваме за истурената манџа, ни вели дека одговорност треба да сноси Панче Тошковски.
Комшијата ме забележува и прекинува снимање. Ми вели да гласам за него. Самостојно се кандидира. Ако победи, ме убедува, ќе запре со уметничките перформанси затоа што ќе има поважна работа, но ако не гласам за него, ќе ми поднесе кривична пријава за говор на омраза поради првиот дел од колумната каде што ги вреѓам жените како тетки од провинција, сеедно што тоа е негова измислица. Ама нема време да спроведува врз мене прогресивна едукација бидејќи мора да се степа со другиот комшија, кој исто така снима предизборен спот, па бидејќи се блиску поставени, си влегуваат во кадар. Овој другиот е поранешен член на СДСМ, бивш вмровец и некогашен симпатизер на Левица, со редовен хонорар од УДБ-а, УБК и АНБ како таен агент, кој ги следи антидржавните субверзивни елементи од први, трети и петти влез. Жена му се занимава со парните броеви.
Тргнувам низ населба. Се разминувам со окултистите од сектата на „бардот на Нордот“, кои вообичаено се во симболистичка екстаза додека шират љубов и книжевна критика. Сега се тргнати на прес и протест против Миленко, кој спроведува вербален фемицид. Нешто смрди, им велам, да не ја палевте денеска јавно „Небеска Тимјановна“? Ти смрдиш, ми враќаат, ширејќи говор на омраза спрема тетките од провинција. Тоа не сум јас, се бранам, го измисли комшијата што истура манџа од тераса. Ѓубре едно, ми се врекнуваат, како смееш да му ја забраниш слободата на говор преку општествена сатира?
Бегам од нив. Нешто стварно смрди. Сега и забележувам. Густ црн чад се крева од четири различни точки низ населбата. Горат контејнери преполни ѓубре или „дивоградбите на Данела“, како што ги нарекуваат оние малкумина маалски небањати и неурбани ликови што немаат абер од естетика и постмодернистички поставки. Што се случува, гласно прашувам. ВМРО се случува, добивам одговор од маалскиот мудрец, седумдесетгодишник што зборува српски, зашто македонскиот јазик немал интелектуализам, борец против вмровски бугараши и поддржувач на францускиот предлог за внесување на Бугарите во Устав и изнесување на македонизмот од Македонија. Вмровците нè трујат, објаснува, да беа СДСМ и ДУИ на власт немаше да горат депонии. Тогаш не палеа депонии, затоа што беа зафатени со палење на македонските национални интереси, му дофрла маалскиот патриот што ја мрази нордистанизацијата, ама мора да ја прифати за реалност затоа што без неа нема ЕУ и НАТО, а он уште сега е горд дека неговите внуци еден ден ќе загинат на фронт против Русија. Заедно ќе висите, им дофрла младиот герилец, кој спроведува герила-акции на социјални мрежи, по кои сакаш сам да се обесиш на некој шанк и да пиеш до бесознание, оти по неговите писанија сфаќаш дека со ваква младина, само пијан ќе ја поднесеш иднината што доаѓа.
А празна ми се гледа населбата. Ни шуто, ни рогато. Ги наоѓам кај графитот со шарена врата. Сите маскирани во телиња. Зборуваат за револуција. Си делат функции, кој каде ќе се смести откако ќе срушат режим со пенкало. И герилецот е тука, он ќе биде новото СЈО што ќе го создадат. Само Трамп да ги тргне крвавите шепи од оние што спонзорираат спонтани револуции. Забележаа дека ги гледам. И тебе еден ден отворената пупка ќе ти спакува процес, ми се закануваат со кафкијанска метафора.
На враќање дома го заобиколувам сокакот низ кој обично минувам. Оддалеку ги намирисав. Нарконекрофилите секогаш се собираат и со восхит консумираат нечија смрт и трагедија. Им се шират зеници, им се вкочануваат вилици, запаѓаат во политичка хистерија. Покрај нив и јас запаѓам во халуциногена состојба. Како провинцијалец, веднаш ми се причинуваат сите прекрасни тетки што ги познавам и не знам зошто, ама сите во рацете имаат сукала.