Записи во несоница
Под мерка наслов за 75-тот роденден на НАТО, драг читателу. Ако си го читал сјајниот српски поет Миодраг Павловиќ, тој асоцира на неговата поетска книга „Светли и темни празници“. Од праисторијата наваму колку да сакаш такви празници. Светлите на еросот (животот), а темните на танатосот (смртта). НАТО е танатосен празник, празник на војната. А војната носи смрт. Оваа воена алијанса е формирана неколку години (1949) по Втората светска војна, како што ќе видиме потоа за повремено нејзино продолжување, а не за мир, што е нејзиното перверзно мото, оксиморон. Оти како што нè учат и Исус и Буда и Мухамед, мирот се добива и чува со силата на љубовта, а не на оружјето што носи смрт. Да, но лагата отсекогаш била империјална вистина, па и сега во случајот со моќната западна империја, планетарниот левијатан чија глава е вашингтонска Америка.
Едно е особено важно во врска со темното празнување на НАТО, а тоа е аналогијата поврзана со пророчката изјава на германскиот писател и хуманист Томас Ман веднаш по завршувањето на Втората светска војна дека „Хитлер е победен, но не и фашизмот“. Оти всушност (дали Ман го превидел тоа?) тој продолжува континуално уште во 1945 година, август, со атомските бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки, со што се свалени од неговата сцена Германците и нивните фашисојузници, а на сцената се качува друг. Парадoксално, но тоа се Американците, чиј страшен производ е и НАТО. Во таа смисла (сум пишувал за тоа) не случајно и американскиот писател Нормар Мајлер во својот култен роман „Голи и мртви“ преку устата на еден од неговите ликови, генералот Камингс, и вели дека Американците се повитални и поспособни за фашизам отколку Германците, кои не ги бива за тоа. Нешто што за жал се потврди и со кусата засега, но ефектна воена историја на нивниот НАТО како цивилизациски факт. Оти поимот цивилизација, драг читателу, априори се сфаќа како нешто позитивно, но не е така. Тој е страшно амбивалентен. Секоја цивилизација без исклучок е составена од два комплементарни слоја; култура и варварство. Притоа, за жал, во многу случаи, ако не и секогаш, варварството е повиталниот елемент од културата. Оти, како што ни е добропознато, сите големи култури, не само Стариот Египет, се урнати од варвари. И на Македонците убаво им се познати варварството и варварите, кои според грчкиот поет Константин Кавафис нудат некое решение за изморената (од духовен сјај и култура, м.з.) цивилизација. Веројатно. Но во нашата грчко-македонска ситуација од варварите и 1948 г. и во 2018 г. во Преспа/Нивици (ќарија само Грците, кои Европа, слепа за сè друго, ги зема за лулка на својата култура, одобрувајќи го и поттикнувајќи го притоа нивното варварство кон Македонците во континуитет. Така, камарад Кавафис.
Мала, но значајна дигресија, драг читателу, во рамката на нашата НАТО-тема. Nocturno, но не она под клавишите на Шопен, туку под напалм-бомбите во 1948-та што ги убиваа (дури и неродените во утробата на мајките) македонски деца во Беломорска Македонија, чистејќи им ја на Грците плодната македонска земја да јадат денес крвав леб од неа. Не, не обвинувај ме за сентименталност, драг читателу, иако и јас и ти имаме право на неа, оти имено Македонија и Македонците се еден од најјасните примери за отровниот цвет на варварството на западната ариевска цивилизација, сега во НАТО-профил. Да, па дозволи ми во таа смисла да изнесам и една во сите елементи реална хипотеза. А тоа е дека, имено, акцијата на бомбардерите од американско потекло со англиски пилоти и полни со смрт во 1948-та што ги ништеа во Егејот Македонците под перверзен претекст дека го ништат комунизмот беше еден вид префигурација, претслика на раѓањето на НАТО-алијансата само една година потоа. А јас би рекол, евидентно е тоа, дека тоа беше подготвителна воена вежба на НАТО-институцијата во формирање, замислена во главите на новите варвари што ја запоседнаа планетарната сцена на театарот уште иронично и наречен Глобален мир. А сè се вртеше и се врти околу еден единствен „мистериозен“ поим „геополитика“ што создава забуна иако е јасен. Да. Оти тој, драг читателу, директно значи варварство. Самото негово спомнување значи обид за грабеж на туѓа територија и материјални добра. Колонијализам, ништење и угнетување на послаби и сиромашни народи во кои (примерот со Африка) спаѓаат и цели континенти. А Македонија секогаш, и сега е една од најглавните геополитички точки на западната колонијалистичка цивилизација, што значи, во контекстот за она за што зборуваме, магнет за варвари и варварство. Засега последното, завиткано во „демократски целофан“ на смртта (овој пат најстрашната идентитетската) беше Преспа 2018. Но варварството и понатаму продолжува сè до уништување и на последниот квант од огромната божја дијамантска карпа на македонската меморија.
Но, да се вратиме по овие малку долги дигресии, кои и такви се во контекстот на темата поставена во насловот, подиректно на од македонските власти смртно омилениот НАТО, кој го добивме, наместо ЕУ, во замена за нашата идентитетска преспанска смрт, тој што го (факт е тоа) поддржа и логистички и воено (по бомбардирањето на Србија во 1999 г.) албанскиот тероризам во 2001 година. По неговото официјализирање НАТО доби антипартнер во Варшавскиот пакт, формиран од Советскиот Сојуз во 1995 година, со што се спушти врз планетата таканаречената железна завеса на „студената војна“, синтагма што правилно нè упатува на праисторискиот студ на палеолитот и неговите орди што се ништат една со друга за егзистенцијален простор. И тој историски дарвинизам е присутен во некој вид софистицирана „демократска“ форма и денес во човештвото. Него посебно и на посебно перверзен начин, имено, денес го практикува ариевската западна цивилизација, која себеси се претставува исклучиво како цивилизација на хуманизмот и културата, криејќи го своето страшно колонизаторско варварство што е актуелно и денес. Но, се враќаме на ривалството меѓу НАТО и Варшавскиот пакт, двете модерни палеолитски орди, кои истовремено беа ставени во служба и на одбрана, пред сè, на доминантните системи на цивилизациско устројство на земјата: капитализмот и комунизмот. Во таа комплементарна со мирис на катастрофа битка ја однесоа победата НАТО и капитализмот, кој брзо потоа за да го скрие своето крвожедно лице си ја прилепи придавката „либерален“. ЦИА испадна помоќна од КГБ. Што да ти зборувам уште, драг читателу. Се растури како песочна кула пред тоа моќниот Советски Сојуз.
За таа цел ЦИА го пронајде во него, како Заев кај нас и Зеленски кај Украинците, Горбачов, кој ја изведе таа смртоносна операција на згаснување на источната европска империја, за што беше прогласен за еден вид дури и планетарен херој. Западот знае да го прави тоа. Па и нашиот политички монструм од Муртино за преспанската услуга за малку (иако тоа сепак беше западна мижитатара за да се покаже колку е глуп тој) не ја доби Нобеловата награда, па да ја дели неа со колонијалистичка Европа. Да. Но во фокусот ни е Горбачов. Откако беше искористен тој од Западот, потоа беше, се разбира, фрлен како чумав партал на ѓубриштето на историјата на еден саркастично ироничен начин. Имено, тој од пред тоа неговиот бескрајно широк советски простор од Варшава до Урал и Камчатка беше собран само во едно шише, во вотка „Горбачов“ што ја произведоа Англичаните, иако самите пијат џин и виски.
Тоа е тоа, драг читателу. Нашата забелешка е сепак дека генерал Камингс од „Голи и мртви“ на Мајлер ги вклучил во виталната обнова на фашизмот само Американците, а не и Англичаните, кои според Черчил (во неговите славни „Мемоари“) се мозокот, треба да бидат тоа, додаден на мускулите на Американците. А тоа, пророчки, се покажа и со американскиот мускулест производ НАТО. Да. А јас гледам, драг читателу, дека цело време ми забележуваш за мојот радикален анимозитет кон таа воена алијанса, што е признавам точно. Добро, ама ајде за да видиш дека тој анимозитет е исправен да цитираме еден од врвните американски авторитети на таа тема, професорот Џефри Сакс од универзитетот „Колумбија“, кој децидно вели: „САД досега го следеа овој патоказ (на НАТО, м.з.) преку неколку катастрофални војни, вклучувајќи и во Косово (од 1999 г.), Авганистан (2001-2021), Ирак (од 2003 г.) и во Либија (од 2011 г.)“. Да. А по сето ова НАТО ја внесе во својата дарвинистичка тетратка на планетарниот Галапагос и Украина како предизвик на неговата темна страст Русија, големата и непобедлива мечка, од која, како што веќе се гледај, тој ги скрши своите канибалистички заби. Всушност случајот „Украина“ ја разголи докрај перверзната мимикрија на западната воена алијанса дека таа е создадена за мир и живот, а не за војна и смрт. Војната во Украина всушност е, на сите им е јасно, војна меѓу НАТО и Русија, а, што е болно парадоксално, не војна меѓу двата братски народи нахушкани од Западот. Болниот парадокс во сета таа трагична ситуација е тоа што во неа, без да бидат свесни (сè додека не се освестат), Украинците се војници на западната воена алијанса против сопствените браќа по род во кои е инјектиран вирусот на Каин против Авел. Украина сега е најсериозниот тест за НАТО и империјата што ја брани и за која војува тој, вестејќи ја секогаш сликата на големата катастрофа, слична на онаа од Откровението на апостол Јован во Новиот завет. Алијансата има за задача да ја одржи тоталитарната доминација на империјата во светот што ја имаше до неодамна, а која сега ѝ е оспорена од новата светска формација БРИКС, но не воено, туку економски и културно, пред сè со космополитските проекти на моќната Кина, „Појас и пат“ и „Патот на свилата“, во кои како спас по долгата столетна и повеќе тортура од Европа, а сега и од Вашингтон, е добро да се вглоби и Македонија. Пред сè ако сака во последниот момент да ја избегне и нејзината целосна до последниот атом идентитетска ликвидација плански замислена од евроамериканскиот Запад и неговите фаворизирани балкански кон Македонците крвожедни предатори.
Тоа. Како и да е, воената западна алијанса во новата светска констелација на распоредот на силите ја губи првобитната моќ што ја имаше непосредно по нејзиното создавање, како што ја губи моќта за светска доминација и империјата што ја создаде неа, а која сега поради тоа е во психолошка агонија. Во секој случај како да се остварува пророштвото на старозаветниот пророк Даниел од неговото толкување на мистериозниот кип во сонот на Набокудоносор на кој, компониран од метални слоеви, е прикажано гаснењето на светските империи од почетокот до свршетокот на светот. Последната империја во тој пророчки сон е симболично прикажана со стапалата на огрoмниот кип од сонот на вавилонскиот цар, кои се од железо и глина. Што значи станува збор за железна, сурова империја, цврста но истовремено и неотпорна на распаѓање. Толкувачите на пророштвото на Даниел неа ја доведуваат во врска со Римската Империја, а потоа и со западната евроамериканска, чиј директен наследник и физички и ментално е таа.
Сеедно. Од сето она што го има направено како разорни воени акции низ светот НАТО, драг читателу, воленс/ноленс се наметнува заклучокот дека е тоа најголемата организирана терористичка организација во светот. Тој став им е иманентен како размисла во име на вистината и на некои водечки и непоткупливи американски интелектуалци, како што се, на пример, Џефри Оакс и Ноам Чомски. Чомски посебно во таа смисла не еднаш има пишувано и за американскиот државен тероризам. И тоа објаснува сè. Конкретно нас Македонците тој тероризам на еден перверзно софистициран начин нè навтаса во Преспа 2018, но и по тоа тој нè држи цврсто во неговата танатосна прегратка, како што ја држи во своите канџи тигарот срната што ја зграпчил и ѝ се додворува играјќи си со неа пред да ја распарчи. Во позиција на таа срна беше и Србија во 1999 година и сè уште е, а сега е тоа и Палестина. Итн. Со еден збор, да заклучиме, драг читателу, од сето горенаведено како вистина, повеќе од јасно е дека НАТО не е мировна организација, ни за мировни цели. Напротив, со сè што стори со своите бомбардери таа е најневралгичната точка на планетарниот антрополошки песимизам. Како и да ги вртиш работите, така испаѓа на крајот.
Најпосле, воленс/ноленс НАТО како никој и како ништо друго повторно ја актуализира ајнштајновската формула на енергијата и светлината на малите и понижените: „Пролетери, од сите земји обединете се“ и „Смрт на фашизмот слобода на народот“. Формулата на македонските комити и асномските партизани „Слобода или смрт“ (што ја преспавме непростливо ние кога нè ништеа идентитетски) природно се вклопува во нив. Можеби ќе дојде едно ново похрабро македонско поколение, не кукавичко како нашата генерација, која ќе ја усвои таа формула како заветен долг на храбрите предци што ја избраа смртта за да овозможат да се родиме ние, а ние не ја оправдавме смислата на нашиот живот, за што сведочи срамната и понижувачка Преспа 2018.
Толку за денеска, драг читателу, колку да не останеме кусо и јас и ти во прославата на 75-от роденден на НАТО, иако не бевме на самото место на прославата заедно со нашата државна делегација. Делегацијата на Македонија, која сè уште не е доволно скусена за да ја снема не само мемориски туку и физички од картата на светот. Да. Иако скусувачите и смртоносците никогаш и не помислиле дека можеби и Господ има некој план за неа и за Македонците. Дека тој мисли на Рациновите „Бели мугри“ и „силно светнатиот ден“ што ќе го огреат и воспеат смачканото племе. Но и светот.